Умот на денешниот човек е горд, расеан и затемнет. Тој не сака да го стави својот ум во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец и преку насочување на енергијата на својот ум кон Бог – во своето срце. Тој не сака да го восогласи начинот на својот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, како и со местото и улогата што ги има во Црквата; и не ја бара Божјата правда, туку човечката.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Нашата цел е Вознесението – во Христос, и заедницата со нашиот Небесен Отец, а не паѓањето во адот заедно со демоните и заедница со нивниот заводник и предводник ѓаволот.
Сѐ што Богочовекот Христос направи за нас, целиот Очев Домострој на нашето спасение, целиот Свој живот, ни го остави во Своето Воскреснато Тело – Црквата, а ние, како учесници во тоа Тело – преку Литургијата на Црквата, го примаме Неговиот живот на дар – и како несоздадена енергија и како содржина – по благодатта на Светиот Дух Господ.
Ние, во Црквата – во нејзината света Литургија, Евхаристија, учествуваме во целиот Христов живот, така што – Христовиот живот станува содржина на нашиот живот, а нашиот живот станува содржина на Неговиот и „надвор“ од Литургијата. На тој начин ние стануваме учесници, не само во Христовите Страдања, Смрт и Воскресение, туку и во Христовото Вознесение. Црквата е Христос продолжен низ сите векови – како љубов кон сите, и секој христијанин треба да биде сведок на истата таа љубов.
Учеството во Христовиот живот не е без наш напор, без наш подвиг, да станеме подобни на Него, да станеме преподобни. Светите отци на Црквата ни оставиле цела наука – систематизирана во трите степени од духовниот развој: очистување, просветлување и обожение; со восогласен начин на живот за секој од степените, со потребата од духовно раководство на првиот степен, со метод на автопсихотерапија – кој ги буди и активира сите наши внатрешни потенцијали, и лични и примени преку благодатта на Крштението; со сѐ што ни треба за спасение и осветување.
Нашиот природен духовен дострел, во Црквата, би требало да биде просветлувањето на умот – кое произлегува од дарот на умно-срдечната молитва, од преобразувањето што умот таму го доживува, т.е. тоа е, од една страна, молитвено симнување на нашиот ум во „гробот“ на нашето срце, а од друга страна негово вознесение во тајните на православниот духовен живот; а она што го очекуваме како „натприроден“ Божји дар, е нашето Воскресение, а тоа е, од една страна, гледање на Божјата несоздадена светлина, а од друга страна, наша лична Педесетница, т.е. обожение.
Умот на денешниот човек е горд, расеан и затемнет. Тој не сака да го стави својот ум во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец и преку насочување на енергијата на својот ум кон Бог – во своето срце. Тој не сака да го восогласи начинот на својот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, како и со местото и улогата што ги има во Црквата; и не ја бара Божјата правда, туку човечката. Денешниот човек, наместо да ја живее тајната на Вознесението Христово, тој го превидува целото светоотечко предание и го живее падот на превознесувањето демонско.
Каде денес најчесто греши еден лаик? Прво, не ни влегува на првиот степен од духовниот развој – тој не го става својот ум во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец и преку насочување на енергијата на својот ум кон Бог – во своето срце, туку останува во предворјето на духовниот живот. Второ, не е ни малку свесен дека неочистеното срце од страстите, кое останува затворено за молитвата и непросветлениот ум, се заземен простор од демоните – со кој тие владеат, а истовремено си мисли дека нешто знае. И трето, превидува дека, од таква повредена душевна состојба, не може да влезе во расправа за сложени теолошки или пастирски прашања, на пример: како ќе се спроведуваат Каноните на Црквата или што треба да прави Светиот Синод – и слично; превидува дека го нарушува основното правило за восогласување на начинот на својот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, како и со местото и улогата што ги има во Црквата.
Каде најчесто греши еден свештеник? Покрај претходно спомнатите грешки што ги прават лаиците, свештеникот што, на пример, се фаќа за толкување на каноните, подобро е најнапред да се потсети дали ги исполнува канонските услови – за двојната девственост, како и светоотечките услови – за просветленост, за воопшто да може да биде ракоположен за свештеник. А да не го ни спомнувам познатиот евангелски услов за добивање и раздавање на бесплатната благодат. Значи, има една убава народна мудрост: „седи каде што си, затоа што каков си, ни за таму – не си“. Истото го мислам и за себеси. Ова е сосема доволно, фер и внимателно кажано – без многу детали, да се разбереме ние меѓусебно, без тие однадвор да нѐ разберат.
Покрај промашувањето на духовните услови – при судење на конкретни личности, ваквите луѓе, задолжително ја промашуваат и точно предвидената тајна почетна процедура од страна на Светото Евангелие и светите Канони на Црквата – во случај кога мислат дека некој нешто греши, и веднаш настапуваат јавно, на социјалните мрежи или други медиуми – електронски и печатени. И на крај, каде и да е нивниот настап, ги препознаваме по немањето љубов; потоа, по ширењето на немир, страв, недоверба и со тоа отворање на огромен простор за антицрковно делување на демоните. А најбедни, во ваквите случаи, се пасивните религиозни социопати – оние луѓе кои го одобруваат и поттикнуваат расколничкото однесување на активните; таквите нека знаат дека ќе имаат ист удел во „наплатата“ на гревот – при активирањето на духовните закони.
Чувајте се, луѓе, од падот на ѓаволот и демоните – што е гордоста, а држете се до смирението на Богочовекот Христос, Кој нѐ Вознесува оддесно на Бог и Отецот, по благодатта на Светиот Дух. Убаво е да се чува верата, но како неподготвени, наместо орудија на Светиот Дух – станувате орудија на демоните, и правите поголема штета, отколку и тие самите што можат. Си имаме Свет Синод – на чело со свет Поглавар, што се грижи за верата, редот и поредокот во нашата Црква – толку ли не ја заслужил вашата доверба Светиот Дух што ги води?
