Почетна Верски буквар Пламенот пеколен нема да го запали Бог, туку луѓето од „верата“
Пламенот пеколен нема да го запали Бог, туку луѓето од „верата“

Пламенот пеколен нема да го запали Бог, туку луѓето од „верата“

244
0

Кога барем малку би ја имале вкусено благодатта Божја, ќе знаевме дека она што ја оддалечува неа од нас е – осудувањето, братојадењето, омразата и злото. Да ја чекаш на нишан грешката на другиот, подготвен да го застрелаш, не е христијански етос, туку на подземјето. Кога барем малку би ја имале вкусено благодатта Божја, ќе ја знаевме нејзината сладост, ќе правевме сѐ, за да не се губи од нашиот живот. Ќе пребиваме во будност и молитва, во контрола над помислите, за да не замрзнува љубовта во нас и да не се повлекува слатката светлина на Неговото присуство.

Доколку живеевме според Христа, доколку вистински го посакувавме соединувањето со Него, ќе знаевме дека ништо друго не нѐ оддалечува од Неговата близина како што тоа го прави осудувањето, лошотијата, љубомората и зависта. Свети Пајсиј велеше: „Кога имаш непријателство е како да ставаш изолатор на својата душа и тогаш не поминува ни капка благодат“.

Светиите за коишто велиме дека толку ги сакаме и често ги повикуваме, светите Отци со коишто „се расфрламе“, за да го покажеме нашето црковомудрие (нашата „грижа“ за Црквата), трепереа пред осудувањето, суровоста и непријателството и особено пред надменоста на добродетелта. Грешникот може да се спаси, но надмениот религиозен тешко, бидејќи живее во илузија за својата совршеност. Седи на катедрата на фалсификатите на неговите добродетели и од таму им суди, ги укорува, ги поправа и советува сите. Бидејќи тој е „точен“ и пред сѐ, „знае“ и „разбира“.

Мене, меѓутоа, дозволете ми да не земам удел во негодувањето, во прекорот, во исмевањето или религиозното каменување на „големиот“ грешник. Би претпочитал да му бидам сопатник на Авва Мојсеј, кој, кога во скитот еден брат погрешил тешко и свикале синаксис (собир) за да го осудат, тој не сакал да оди. Најпосле, по многуте молби отишол, но со себе зел и еден пукнат бокал од кого течела вода. Кога го прашале другите монаси: „што значи тоа, отец?“ – Старецот им одговорил: „Моите гревови се разлеваат зад мене и не можам да ги видам, а сепак дојдов да ги судам грешките на друг…“ Кога го слушнале тоа отците го прекинале синаксисот.

Потоа, ќе се отстранам од викот на толпата којашто вчера ракоплескаше, а денес бара распнување и ќе зачекорам со Авва Висарион, кој, откако синаксисот на скитот осудил некој монах којшто имал западнато во гревови, станал и излегол со него надвор. „Каде одиш, Авво?“ го прашале. „Одам и јас надвор со него, заминувам и јас, бидејќи и јас сум грешник; денес тој – утре јас…“

И да ви исповедам нешто? Се изморив од сите оние коишто одат во црква, а сепак живеат во лага и лицемерство, во злоба и омраза, во мизерија и нечовечност. Од сите оние кои ти се смешкаат, а би сакале да те искасапат, коишто  ја демнат од ќош твојата прва грешка, за да те линчуваат. Сонувам за една Црква каде би можеле да си ги кажуваме еден на друг гревовите, грешките, страстите и да се исцелуваме, а не еден со друг да се истребуваме.

Ќе им се придружам на Авва Мојсеј, Висарион, Пимен и Самсон…, бидејќи во нивна близина дишам, земам воздух на слобода, на радост, љубов и светлина. И запомнете: пламенот пеколен нема да го запали Бог, туку луѓето од „верата“.

/Отец Харалампиј Пападопулос

Извор: Бигорски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *