Папата Лав XIV: Вистинската љубов се покажува преку носење на болката на другиот

Date:

Share post:

Папата Лав XIV ја објави својата порака по повод 34. Светски ден на болните, кој ќе се одбележи на 11 февруари 2026 година, повикувајќи ги верниците повторно да се вратат кон примерот на Добриот Самарјанин како мерило за христијанската љубов и сочувство.

Во пораката, Папата ја истакнува темата „Сочувството на Самарјанинот: љубовта што ја носи болката на другиот“, нагласувајќи дека оваа евангелска слика останува суштинска за разбирањето на милосрдието и неговата општествена димензија. Таа, според него, го насочува вниманието на Црквата и општеството кон болните, страдалниците и сите ранливи категории луѓе.

Папата потсетува дека во параболата за Добриот Самарјанин, вистинската љубов не се состои во рамнодушно поминување покрај страдањето, туку во запирање, поглед со отворено срце и конкретно дејствување. Да се биде ближен, рече тој, не зависи од географската или социјалната блискост, туку од одлуката да се љуби.

Во обраќањето, Лав XIV ја поврза оваа порака со социјалното учење на Црквата и со енцикликата Fratelli tutti на папата Франциск, нагласувајќи дека сочувството не е само личен чин, туку се остварува преку личносните односи – со болните, со оние кои се грижат за нив и со самиот Бог, Кој е изворот на љубовта.

Папата сведочи и од сопственото искуство како мисионер и епископ во Перу, каде што видел бројни примери на луѓе кои, по примерот на Самарјанинот, со пожртвуваност се грижат за болните: членови на семејства, соседи, здравствени работници и пастирски служители. Преку таквите дела, сочувството добива општествена и црковна димензија.

Тој нагласува дека грижата за болните не е споредна активност, туку суштински дел од мисијата на Црквата и вистинско црковно дејствување. Според Папата, односот кон најранливите е мерка за духовното и моралното здравје на едно општество.

На крајот, Папата Лав XIV повикува на христијански живот исполнет со „самарјански дух“, заснован на братска љубов што произлегува од љубовта кон Бога. Тој ги доверува болните, нивните семејства и сите кои се грижат за нив на застапништвото на Пресвета Богородица – која ја нарекува „Здравје на болните, и испраќа апостолски благослов до сите кои учествуваат во одбележувањето на Светскиот ден на болните.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img