Почетна Коментар МПЦ-ОА премина во фаза на инквизиција
МПЦ-ОА премина во фаза на инквизиција

МПЦ-ОА премина во фаза на инквизиција

7.37K
3

Синодот на МПЦ-ОА врши притисок врз интернет порталот Религија.мк и се обидува да ме замолчи мене како главен уредник и основач на овој интернет портал.

Вербалните закани кои на социјалните мрежи веќе една година провејуваат, се трансформирани во обвинение од Синодот на МПЦ-ОА за порталот Религија, и мене како уредник ме ставаат пред црковен суд.

Значи Синодот на МПЦ-ОА покренува судска постапка против мене и интернет порталот во која наведува дека текстовите кои се објавени предизвикувале „ОСНОВ за изразување омраза, во форма на говор на омраза, предизвикување омраза кај верниците и доведување на оштетените членови на САС (Синодот) во општа опасност и загрозување на нивната безбедност, а особено преку електронски извор – средство за јавно информирање„.

Од тие причини Синодот ми наложува да се појавам на „доказно рочиште закажано на 29.01.2024 година во 11 часот во канцеларијата на Архиепископијата во Скопје, каде треба да ги предадам сите исправи и предмети, кои како доказ ги имам за моите пишувања, а нив да ги разгледа црковен обвинител, и јас да ги откријам сите мои извори на информации, бидејќи се бара: „да ги произнесете сите факти врз коишто ги засновате вашите наоди“.

Во поканата што курир на МПЦ-ОА утрово ми ја донесе  дома, пишува дека ако не се појавам на тоа доказно рочиште расправата може да се одложи, ама веројатно ќе треба да го платам трошокот на црковниот обвинител што дошол до Архиепископија, а јас не сум бил таму.

 

 

Од оваа постапка што Синодот на МПЦ-ОА ја покренува против мене треба да поризлезе пресуда за исклучување од црквата и мое јавно сатанизирање како човек кој работи на штета на црквата и подоцна секое мое влегување в црква и со цел да запалам и свеќа, да биде проследено со скандали, бидејќи на свештениците ќе им биде наложено да не ми дозволуваат влез, а ако ми дозволат тие ќе подлежат да истите вакви црковно-судски постапки.

Секако што е уште поважно пред верниците на МПЦ-ОА да се претстави дека тоа што јас го пишувам за црквата е неважно, бидејќи јас сум анатемисан и прогласен за еретик, а еретиците, неверниците, злобните немаат право да ја критикуваат црквата.

На крајот од тоа е јавниот линч што јас ќе треба да го доживувам секаде каде што ќе се појавам, а тој од фантизирани верници може лесно да се претвори во физички напади.

Но, еве уште веднаш да го известам црковниот обвинител дека нема потреба да доаѓа во Архиепископија на 29.01.2023 година, бидејќи нема да успее да наплати трошоци, зашто не ми паѓа на памет да одам по црковно-судски постапки како новинар. Ако некој од МПЦ, Синодот, владика се почуствувал загрозен и навреден од моите пишувања, постои граѓански суд, нека поднесе тужба за клевета, па таму на јавно рочиште ќе ги соочиме и фактите и аргументите, но моето право да пишувам за аномалиите и проблемите во МПЦ-ОА нема да престане, ниту да биде замолчено.

Да му дадам на црковниот обвинител и еден бесплатен совет. Може слободно да си отседне во својата удобна фотеља и на топличко да донесе пресуда против мене и тоа да го направи веднаш, да не губи време.

Да им порачам на членовите на Архиепископскиот-црковен суд кога ќе ја носат пресудата, за да таа има ефект, најдобро е да пресудат да ми се изврши јавен егзорцизам. Тука на платото пред Соборен Храм, кај фонтаната, јавно со директни преноси, да ми направат егзорцизам и можеби така утре во Религија.мк ќе читаат тоа што сакаат да го читаат, бидејќи, како што би рекол Маск „Тие не сакаат да го банираат говорот на омраза, туку говорот кој тие го мразат“.

КОЈ И СО КОЕ ПРАВО ГО ЗЛОУПОТРЕБУВА ЦЕЛИОТ СИНОД?

Во овој текст е посочен целиот Синод, затоа што тужбата против мене е во име на целиот Синод, иако ова не кореспондира со реалните состојби од предисторијата на овој случај.

Но, вака одат работите.

Еден од владиците, кој дури ниту јавно не ја крие својата проруска ориентација, е Владиката Кумановско-осоговски Григориј. Негов партнер во тој процес е Владиката Преспанско-пелагониски Петар.

На последната синодска седница во полн состав на 26. 12. 2023 година Григориј го покренал прашањето за мое дисциплинирање и анатемисување. Нормално мнозинството владици се спротивставиле и темата била затворена.

Но, што е симптоматично?

Во писмото што денеска го добив пишува дека токму по одлука на Синодот на МПЦ-ОА од 26.12.2023 година е одлучено да биде покрената постапка за црковна тужба против мене.  Ако на таа седница Синодот не донел таква одлука (а тоа лично ми го потврдиле најмалку 5 архиереи), тогаш кој во нивно име тврди дека таква одлука е донесена?

Ако, тие не се согласиле, а сепак постои тужба во нивно име, тогаш кој и во чие име ја води постапката? Дали таа тужба ја покренува Синодот на МПЦ-ОА во редовен состав (тројца владици – Стефан, Петар и Тимотеј) по налог и барање на Григориј, но зошто во писмото е посочен број на одлука од датум на редовен состав на Синод?

Писмото што го добив, нема ниту печат, ниту потпис, ниту меморандум од канецеларијата на Синодот на МПЦ-ОА.

Зошто?

Кој е тој што е помоќен од целиот Синод и од Архиепископот за да се обиде да прави фалсификат на синодски одлуки, а Архиепископот да не знае? Или, пак, знае, па им угодува, а на административната служба им наредува да не стават печат и потпис.

Но, зошто тоа го прави?

Да нема заблуда, мене сосема јасно ми е што и како се случило и што се случувало… но, за тоа, друг пат.

Но, затоа јавно ги повикувам членовите на Синодот на МПЦ-ОА да се произнесат, дали се согласуваат, или не, да бидат мои тужители и да потврдат, или демантираат дека таква одлука на Синодот постои. Ако не одговорот во рок од два дена јавно, ќе сметам дека се дел од оваа постака за замолчување на слободата на изразување.

Синодот на МПЦ-ОА по Устав е највисока црковно-судска институција. По Устав на МПЦ-ОА, Синодот како крајна инстанца одлучува дали пресудите на архиепископскиот, епархискиот суд се исправни. Во мојот случај Синодот се јавува како тужител.

Значи Синодот ме тужи, синодот ми суди.

Пред кого јас имам право на жалба, ако пред оној кај кој треба да се жалам ме тужи и ме суди? Пред матичниот во Белград – Порфириј?

РЕЛИГИЈА.МК НЕМА ДА ЗАМОЛЧИ

Религија.мк е единствениот интернет поратал во Македонија, кој од 2016 година се занимава со верски прашања во државата и кој за овие седум години стана препознатлив бренд и во државата, но и во православниот свет. Вестите  и анализите на Религија.мк се дел од прес-клипинизите на православните цркви, вклучувајќи црковни центри како Москва, Фанар, Белград, Атина, Софија. Јас и уште двајца-тројца новинари сме единствените во Македонија што со години се занимаваме со овие прашања и преку кои јавноста доаѓа до информациите за она што се случува во верските заедници.

Секогаш кога на верските заедници, а особено на Црквата не и се допаѓаат пишувањата, ние сме на отстрел.

Последните две години Религија.мк пишува интензивно за состојбата во која се наоѓа МПЦ-ОА во православниот свет и патот што двајца владици го трасираат, а кој води кон заробеништво на МПЦ-ОА во рускиот свет.

Претседателот на државата, министерката за одбрана, безбедносните експерти, странските амбасади, предупредуваат дека дел од високиот клир на МПЦ-ОА работи за руските државно-црковни безбедносни служби.

Религија.мк ги пренесува сите аспекти на тоа прашање, но на дел од владиците тие теми не им се допаѓаат. Религија.мк, како што врпочем и сите релевнатни безбедносно-политички аналитичари предупредува дека МПЦ-ОА со црковната политика на двајца владици станува сериозно безбедносно прашање, но владиците тоа не сакаат да го читаат.

Религија.мк пишува за можните финансиски малверзации и за можноста владици на МПЦ-ОА да имаат сметки во странство, но владиците на МПЦ-ОА не скааат да прашаат како е тоа можно. Сите овие теми, Синодот на МПЦ-ОА сега се обидува да ги забрани, да ги избрише, да ги сакнционира, да ме замолчи мене, Религија.мк, а подоцна и некои други новинири ако се обидат да пишуваат на овие теми.

Владиците на МПЦ-ОА, кои дваесет години живееја во конфор зона, под стаклено ѕвоно, па дури и со нарачани прогони против неистомисленици како Вранишковски, поради повисоката цел, автокефалноста на пример, сакаат да продолжат да живеат како државни агенти и по извојувањето на таа цел. МПЦ-ОА денеска не е МПЦ-ОА од пред 20 години. Таа денеска е црква на патот до полноправна автокефалност, ниту една црква не ја смета за шизматичка и може да сослужува со сите цркви во светот. Таа битка МПЦ-ОА ја доби благодарение на државата и нејзината заштита. И сега државата е онаа која очекува црквата да и биде партнер, а не „сипач на песак у савезничка осовина“ кога станува збор за националните и стретешки интереси и тоа е она на кое предупредува Религија.мк, а на некои владици не им се допаѓа.

Иако оваа лакрдија од црквно-судска постапка, која е промашена во сите правни аспекти, јас не ја ставам ниту на последната дупка од свиралото, сепак таа е класичен пример за да владиците во Синодот сами си одговорат конечно на прашањата за кои не сакаат да зборуваат, на пример и за тоа како Григориј стана владика, и за тоа како Петар одлучува за се во црквата.

И за тоа зошто Стефан е Архиепоскоп, а практично не е Архиепископ.

Многупати досега анализирав дали сите закани кон мене да ги третирам како сериозни или не, и оние кои доаѓаа од групацијата на Палчо, кој во соработка со Петар и Григориј се закануваше не само на мене, туки и на половина Синод, или пак, оние кои доаѓаа од првите соработници на Григориј и на Петар, но овој пат, со оглед дека во целата приказна е вмешана МПЦ-ОА како институција, на чело со сите нејзини владици, а кои нели само по себе се моќни, влијателни, и од причини што во редовите на МПЦ-ОА има тешки црковни фанатици кои реално можат да посегнат по мојата безбедност, одлучив да побарам заштита.

Со овој текст го повикувам Здружението на новинари на Македонија, Меѓународната федерација на Новинари, Советот за етика во Медиумите, АВМУ, невладините организиации за медиими за поддршка на моето новинарско право да пишувам и да ја критикувам црквата во сите нејзини аномални состојби.

За сите овие случувања ќе ги известам, Министерството за внатрешни работи (МВР), странските дипломати, пред се Амбасадата на Соединетите американски држави во Македонија, Европската Унија, ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет, Фондацијата Конрад Аденауер, како и сите помесни православни цркви за начинот на кој МПЦ-ОА се однесува кон правото на слобода на изразување.

П.С. Во меѓувреме добив поддшка од добар дел свештеници, меѓу нив и од епархијата на Петар и на Григориј и заедно констатиравме дека за сите мои црковни потреби стојат на располагање, а нив ќе ги извршуваме како на времето во катакомби, далеку од очите на инквизицијата на МПЦ-ОА.

/Марјан Николовски, основач и уредник на Религија.мк

Коментар(3)

  1. Ma ti treba da odgovaraš ne samo zašto gi navreguvaš popovite, tuku na prvo mesto za deluvanje protiv gržavna – – širenje na bugarska antimakedonska propaganda.

  2. objavata me iznenadi,ne ocekuvav deka gradjanin moze da bide povikan na crkoven sud,mislev toj e za klir, svestenici,monastvo,vladici ,sto bi sledelo pootoa ,za koj i da e obicen graadjanin dokolku poradi nesto koe go procenil crkovniot sud da odgovara mislev postoi sudska postapka vo praven sistem i tie obvinenie kon konkretna licnost,institucija firma, gi resava toj osnoven,apelacionen,vrhoven sud.Ne vleguvam vo korumpiranost na pravniot drzaven sistem.Isto ne ocekuvav nekoj od oficijalen crkoven sud da ne usoglasi,dogovori,odluka koja potoa ja objavuva kako odluka na Svetiot Arhierejski Sinod na crkva i ja bi sfatila deka e ednoglasno donesena i dogovorena.Mi se dopadja sto ne informirate nas obicnite ludje.Za tekot na pregovori za tomos za MPC, posle dobieniot, mestoto na nasata crkva vo odnos na sestrinskite,mislam imame pravo da znaeme, iako jas sekogas so rezerva primam informacii, i znam za manipulacii na javno mislenje do nekade ,i pokraj toa, nikoj vo Makedonija ne napisa za toa deka vladika isfrlil covek od crkva,koj dosol na sluzba ,na edno slavenje na Gospod ,blagodarenje toj den,nitu dekka nekoj monah za kogo citav deka ima mnogu duhovni ceda kaj e postaven bil na sud i mozese da bide rascinet, samo zasto so vladika ne se soglasuval za nesto.I nikade ne procitav osven na vasiot portal deka si igraat igracki so terminite pri kazuvanje na arhiepiskopot na crkvata, te arhiepiskopot e makedonski, te e skopski, te e severnomakedonski,ili deka na sajt na SPC i pokraj tomos za avtokefalnost nekoi vladici se uste po nivnite zvanja , te vladika Marko sega vladika delcevsko-kamenicki, se uste vo oficijalno soopstenie e vladika bregalnicki.ILI deka ima nesoglasuvanja vo islamska verska zaednica i nivniot reis ili staresina razresil imami na opstini niz Makedonija zaradi tie i tie pricini.Moze ima i vo drugi mediumi,pisuvalo , no jas ne sum sretnala.Si goo znam jas mestoto , na obicen covek,tukusto pocnal nesto da sfaka za verata,za pravilata na oblekuvanje vo crkva na primer postot, i ne mislam deka za se nesto vladicite treba da polagaat racun na narodot, no ubavo e da znae covek,opsto da znae , a konkretno da znae za napreduvanje na nasata crkva vo svetot.Kazav i vaseto pisuvanje,prostete,go zemam sekogas so rezerva, no zar bi ismisluval nekoj takvi raboti koi moze da se dokazati postojat postapki.Vi blagodaram vo edno za vasiot trud da no kazete , na ovoj nacin nesto poveke.

  3. Пред се’ жалам што уредникот на овој информативен портал иако ревносен известувач за надворешните аспекти на состојбите и настаните поврзани со верските заедници се најде во оваа ситуација: да не ја разбере суштината на поканата на Македонската Православна Црква за црковен суд, исто како што го нема неопходното самочувство за својата секуларна позиција во презентирањето на активностите на МПЦ-ОА, што веројатно и му овозможува изнесување на факти поврзани со Црквата, но најчесто толкувани и без најосновното благодатно покритие на аналитичкото стојалиште. Пред се’ многу е важно од добронамерен помошник на патот кон полното сеправославно признавање на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да не се претвори човек во отворен христогонител. Веројатно нема да сфатите (кој и да Ве охрабрува дека подвигот Ви е мошне ефектен, храбар и значаен) дека Вашата духовна позиција во овој миг е крајно опасна (а јас не би сакала така да биде: не заради некаков официјален суд, што исто така не е толку наивно како што веројатно Ви се чини, туку заради Вашето лично спасение и благобитие, кое е најскапоценото нешто кое како човек, а потоа и како јавен поддржувач на сеедно која, макар и најсветата црковна струја можете воопшто да го имате). Ако препознаам кај Вас искрена збунетост од идејата да бидете повикан на црковен, а не на граѓански суд заради Вашиот своевиден активизам поврзан со признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, но и со желба за расчистување на состојби во Светиот Архиерејски Синод преку информации Вам достапни од елитни извори, ќе се обидам да Ви ја доловам разликата. Имено, Црквата Сама по Себе е Љубов и Нејзиниот суд е исто така Љубов. Таа друго и не може да биде. Да не ја објавевте Вие оваа информација, веројатно Црквата немаше да се фали дека Ве повикала, иако Вие многупати крајно небрежно ги навредувавте некои Нејзини архиереи, па дури и целата Црква, како што тоа конечно и во полна форма го правите денес во Вашето јавно обраќање. Вашата помисла дека ќе Ви биде изречена анатема доволно зборува за Вашето знаење за Црквата, за тоа како Ја доживувате, без оглед што (за поимите на македонското новинарство) сте се потрудиле многу да научите за Нејзините канони, историски патишта, да остварите значајни контакти итн. Можеби некој Ве уверил дека е поинаку, но Вие внатре во Неа сепак не сте. На човек не му требаат свештенички одежди за такво нешто, доволен е континуиран духовен, не гол интелектуален подвиг. Секако, не е едноставно да се биде новинар и истовремено да се живее автентичен духовен подвиг на покајание, самоукорување, понизност, безусловна љубов кон ближниот и најзначајното: смиреноумие. Вака да прашаме: новинарот е повикан храбро да ја разгласува вистината или Вистината? Човек не мора голо да Го проповеда Христос за да Го сведочи. Доволно е со сите свои постапки да стои со христолика љубов во вистината (притоа да ги гледа границите на своето самопознание, богопознание, на својот пристап до Вистината, да има барем свест дека неограничен пристап до вистината со мало или големо ‘В’ имаат единствено многу светите луѓе, а се’ друго може да биде само будност да не лажеме премногу и да не ги вовлекуваме настојчиво другите во нашата горделива делумна вистина. Особено кога пишува за Црквата новинарот може да ги објави информациите до кои дошол, слободно и целосно, но ако сака да ги зачува својата вистинољубивост и самопочит достоинствени и плодни, ако сака тие вести да бидат ако не корисни барем бесштетни за публиката, треба да држи растојание меѓу информацијата и увереноста во неа (ниту самиот да зема здраво за готово што дознал и објавил ниту на другите да им препорачува слепо верување во изложеното, особено кога информацијата содржи некакви негативни квалификации). Не е лесно да се биде трезвен кога од Вас се бара да пружите синтеза на информативниот материјал. Новинарството е исклучително тешка професија. Но ако човек се фати на јадицата на своите извори (особено ако тие извори ги смета за добро упатени, за големи авторитети, ако заборави дека најпосле секој си има своја помала или поголема острастеност, свои интереси и тежнеења, па и своја идеја за светоста и за тоа како треба да се одвиваат нештата, иако Бог е Еден и каноните идуховните законитости се едни), ќе дојде во безизлез којшто со врзани очи ќе го нарекува врв над сите врвови. На многу подобар врв стоел ѓаволот и Го уверувал Христос: “Ги гледаш ли сите овие царства? Ќе Ти ги дадам Тебе, ако паднеш и ми се поклониш” (сп. Матеј 4, 9). Македонската Православна Црква го знае и тој и врвот на којшто Вие сега стоите, значи зошто сметате дека е глупава да падне и да му се поклони на кнезот од овој свет?! Ќе речете дека не сте побарале, но ако велите дека Црквата треба да и’ враќа некакви услуги на државата, и тоа услуги коишто излегуваат од благодатната сфера на Нејзиното бивствување, како поинаку да Ве сфати? Понатаму, нарекувајќи се себеси селектор на Нејзините архиереи и омаловажувајќи Ја во Име на некаква Ваша сеприсутност на подобри црковни меридијани, само сведочите дека ништо не знаете за Неа и за Христовата перихореза: Црквата е Една – во секоја Помесна Црква, па дури и во секоја Епархија, е Сеприсутен целиот Бог. Ако повредите еден од Нејзините најмали членови, сте ги повредиле сите, а и Него лично. Не можете да Ја газите Македонската Православна Црква, а истовремено да мислите дека со тоа сте ја возвеличиле Константинополската или Московската Патријаршија. Црквата не е тоа што се гледа во Неа, туку најмногу тоа што не се гледа. Ако сакате да И’ го уништите невидливиот капитал за да И’ го верификувате видливиот, Таа нема да Ве прими, како и досега. Секогаш ќе се движите на Нејзините маргини гледајќи ги оние внатре во Неа како берат класје што ќе Ви личи на трње (Вам само трњето, само светските грижи и ќе Ви останат) и како јадат благодатен мед додека Вас Ве мори глад кој со никакви признанија не може да се засити. Кога би била на Ваше место, со длабоко покајание би побарала прошка од сите, и тоа јавно (зашто и благодатниот возврат во тој случај ќе Ви биде поголем), би сторила прво нешто за себе, за својата лична духовна преродба, а дури потоа би го продолжила подвигот, од една позиција на благодатна внатрешна преобразба. Изберете го за себе ‘подобриот дел’ (Лука 10, 38 – 42). Тие коишто се трудите да ги разобличите и вразумите веќе го избрале. Инаку, Фанар кој Ви се чини поблизок и на кој очигледно се потпирате, како тоа не се погрижил да имате духовно покритие за еден ваков значаен подвиг?! Сигурно и тие не заборавиле дека не постои ништо поважно од тоа. Ако кој било Ве користи за својата црковна кауза, а не се грижи за Вашето лично спасение, не може да е пастир за следење. Погрижете се да најдете смиреноумен и грижлив духовен отец, надвор од сите овие случувања, кому ќе му се доверите како душа човечка, а не како угледен новинар. Бог ќе го уреди останатото. Инаку, јас Ви благодарам за се’ што сте напишале досега, како и да изгледало тоа.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *