Најавата дека Вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе присуствува на погребот на грузискиот патријарх Илија Втори во Тбилиси отвори вистинска лавина во православниот свет.
Според анализата на рускиот теолог Сергеј Чапнин, ова не е само протоколарна одлука, туку силен сигнал со далекусежни последици.
Доколку Вартоломеј навистина дојде и го предводи опелото, тоа автоматски ја става Руската православна црква во исклучително незгодна позиција. Од 2018 година, поради украинското прашање, Москва и Цариград се во прекин на заедничко сослужување. Тоа значи дека присуството на делегација од Москва, без учество во богослужбата, би изгледало, како што оценува теологот: „чудно и понижувачко“.
Прашањето што сега ја интригира јавноста е: дали московскиот патријарх Кирил ќе направи исклучок? Или ќе избере целосно дистанцирање? Според проценките, малку е веројатно дека Москва целосно ќе отсуствува, но уште помалку дека ќе прифати сослужување со Вселенската патријаршија.
Ситуацијата дополнително се комплицира со фактот што покојниот Илија Втори долго време одржуваше внимателен баланс меѓу двете страни, задржувајќи добри односи и со Москва и со Цариград. Токму неговото последно испраќање сега може да стане сцена на најголемиот црковен тест во последните години.


Еве го сега и шах-матот во Тбилиси, а ние дома си играме шах со руски фигури. Вартоломеј лично ќе оди да го испрати Илија Втори, а Кирил ќе мора да одлучи дали ќе дојде да гледа од страна или ќе се скрие под креветот. Тоа е геополитика во расо, а не богословие.
Ама најжално е што нашата МПЦ-ОА во сето тоа игра од страна на русофилите, а не како Црква што знае да прави мудра дипломатија до крајна автокефалија. Зошто? Затоа што кога Москва брзо ја призна (август 2022), без да бара ништо, без да се врти околу ‘македонско’ или ‘охридско’, ние се фрливме во прегратка на Кирил како да е последниот спасител. А Вартоломеј? Тој што прв ги отвори вратите за евхаристиско општење (мај 2022), што го потврди континуитетот од Охридската архиепископија – него го држиме на растојание, како да е ѓавол што ќе ни го земе името. Да не заборавиме Вартоломеј ни ги отвори вратите во време кога цели 70 години Србите и Русите не нѐ признаваа.
Тоа не е во Духот на православието, браќа. Тоа е политички русофилизам во расо. Православната Црква не е поданик на империи – ниту руска, ниту грчка, ниту американска. Таа е ЕДНА, а помесните Цркви се пројавувања на таа Една на одредена територија. МПЦ-ОА требаше да оди паралелно – благодарност до Москва за признавањето, ама истовремено да разговара со Цариград за целосен томос без условувања од Србија, без да се плаши дека ќе ја изгуби ‘поддршката’ од Истокот.
Место тоа – молчење, дистанца од Вартоломеј, блискост со оние што го користат расколот во Украина за да ја шират својата ‘руска светост’. Тоа не е мудрост, тоа е страх и зависност. А Црква што се плаши од еден патријарх, а се потпира на друг – не е слободна. И не е автокефална во вистинска смисла.
Бог да го упокои Илија Втори, и неговите молитви да ги имаме. Тој че остане запамтен како миротворецот што балансираше. А ние? Ќе продолжиме ли да играме на руска табла, или најпосле ќе се сетиме дека Црквата не е геополитика, туку Евхаристија? Шах. Мат? За нас – мат во три потези ако не се разбудиме.