Архимандрит Дионисиј, кој беше разрешен од Синодот на БПЦ, не го признава решението со кое е лишен од свештеничкиот чин и најавува дека ќе побара црковно-судска проверка на целата постапка, како и дека го задржува правото на канонска апелација до Вселенската патријаршија.
Во изјавата објавена по одлуката на Светиот Синод на Бугарската православна црква, Дионисиј тврди дека неговото суспендирање е „противканонско и противуставно“ и дека во постапката биле повредени неговите права.
Во средиштето на неговите приговори е прашањето кој црковен суд бил надлежен да постапува во неговиот случај.
Дионисиј тврди дека не му припаѓа на клирот на Софиската епархија и дека навреме ја оспорил надлежноста на Софискиот епархиски црковен суд.
Според него, како духовник тој е под надлежност на Доростолскиот епархиски суд.
Архимандритот го оспорува и начинот на кој била спроведена постапката.
Тој наведува дека на 25 септември до Светиот Синод поднел доверлива молба, но дека таа не била разгледана по суштина.
Воедно, тврди дека не бил сослушан пред Светиот Синод да ја потврди одлуката за неговото низвержение.
Дионисиј поставува прашања и во однос на непристрасноста на постапката, како и за мотивите и доказите врз основа на кои било донесено решението.
Посебно прашање што го отвора е неговиот црковно-канонски статус. Тој се повикува на фактот дека бил избран, потврден и именуван за Стобиски епископ, но без да биде извршена епископската хиротонија.
По одлуката, Дионисиј најавува дека ќе побара црковно-судска проверка на постапката.
Воедно го задржува правото да поднесе канонска апелација до Вселенската патријаршија.
Овие реакции следуваат откако на 2 октомври Светиот Синод на Бугарската православна црква, заседавајќи во полн состав како Црковен суд, ја потврди одлуката на Софискиот епархиски црковен суд од 1 септември за одземање на чинот, без отстранување од Црквата.
Со тоа Дионисиј престанува да биде клирик и свештенослужител, но останува монах и не е отстранет од Црквата. Тој нема право да богослужи како свештенослужител, ниту да носи свештенички одежди и ознаките на архимандритскиот чин.
Во образложението на одлуката се наведуваат повеќекратни јавни навреди и клеветнички тврдења кон духовни лица, како и „непристојна за чинот активност“.
За одлуката гласале бугарскиот патријарх и софиски митрополит Даниил и уште осум митрополити. Четворица митрополити – русенскиот Наум, старозагорскиот Кипријан, доростолскиот Јаков и сливенскиот Арсениј – гласале против, со посебно мислење во однос на постапката. Двајца митрополити биле отсутни.
Одлуката е прогласена за конечна и стапила во сила на 2 октомври.
Целата реалција на Дионисиј прочитајте ја на Hristianstvo.bg

