Собор на сите македонски светители – во Скопје се одбележуваат и 40 години од епископската служба на Стефан

Date:

Share post:

Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска МПЦ-ОА го одбележува празникот Собор на сите македонски светители, а празничното чествување годинава е поврзано и со јубилејот на архиепископот охридски и македонски Стефан – 40 години од неговата епископска служба.

Соборната литургија е најавена за 9 часот, а од МПЦ-ОА упатија покана до верниците за заедничко литургиско чествување.

Празникот Собор на сите македонски светители се одбележува во првата недела од октомври и е посветен на светителите чие духовно наследство е поврзано со Македонија и со христијанската традиција на овие простори.

Меѓу имињата што ги наведува црковниот календар се светите Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски, Гаврил Лесновски, Прохор Пчински, Јоаким Осоговски, Георгиј Кратовски, Еразмо Охридски, петнаесетте Тивериополски свештеномаченици, Злата Мегленска, Иларион Мегленски и други светители и подвижници поврзани со македонските простори.

Годинашното чествување има и посебен јубилеен карактер за поглаварот на МПЦ-ОА. Архиепископот Стефан годинава одбележува четири децении од хиротонијата за епископ.

Тој бил хиротонисан на 12 јули 1986 година во храмот „Св. Димитриј“ во Скопје, кога бил избран за митрополит Злетовско-струмички. По поделбата на епархијата продолжил како митрополит Брегалнички, со седиште во Штип.

Тринаесет години подоцна, на 9 октомври 1999 година, на Црковно-народниот собор во Охрид, Стефан бил избран за поглавар на МПЦ-ОА. Следниот ден, на 10 октомври, бил востоличен како петти архиепископ на Македонската православна црква.

За архиепископот Стефан, годинава се навршуваат и 27 години од неговиот избор за поглавар на МПЦ-ОА, период во кој ја предводи Македонската православна црква низ повеќе значајни фази од нејзината понова историја.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img