Митрополит Јосиф „На човекот најмногу му е потребен мирот што доаѓа од Бога“

Date:

Share post:

Четиринаесет години по епископската хиротонија, митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф во интервју за „Тетово инфо“ зборува за довербата меѓу архиерејот и верниот народ, за луѓето кои бараат совет и охрабрување, за мирот и соживотот во средина со различни верски и етнички заедници, но и за предизвикот Црквата да им се приближи на младите. Во разговорот тој се осврнува и на грижата за старите храмови и манастири, на Светата Литургија и Причеста, на семејството, како и на неговата најнова книга со беседи – „Запиши да не се заборави“.

Тој вели дека епископската служба не ја доживеал како признание, туку како повик на одговорност и служење на луѓето, споделување на нивните радости и присуство во нивните тешки моменти.

„Најсилно ги паметам луѓето“, вели митрополитот, издвојувајќи ги тивките средби со верници кои бараат молитва, совет или едноставно човек кој ќе ги сослуша.

Една од централните теми во интервјуто е мирот и соживотот, особено во Тетовско-гостиварската епархија, каде што живеат луѓе од различни верски, етнички и јазични заедници.

Митрополитот Јосиф смета дека Црквата треба да биде присутна таму каде што луѓето разговараат за мирот, но и дека зборовите за мирот мора да се потврдат преку односот кон другиот.

„Да го почитуваме другиот не значи да се откажеме од сопствената вера“, вели тој, нагласувајќи дека верноста кон православното предание и почитувањето на човекот од друга вера не се исклучуваат.

Во продолжение дел од интервјуто.

Благословете, Владико! Се сеќавам на Вашата епископска хиротонија во древниот Охрид како да беше вчера. А еве, веќе сме на прагот на четиринаесеттата годишнина од тој чин. Кога денес се навраќате на мигот во кој ја примивте архиерејската благодат кои чувства и спомени најпрво Ви доаѓаат на ум? Како ги доживувате изминатите четиринаесет години — со нивните радости, искушенија и средби со верниот народ?

Господ нека Ве благослови! Сеќавањето на тој ден во Охрид и денес во мене буди благодарност, но и чувство на голема одговорност. Епископската хиротонија, а следната година и интронизацијата и поставувањето за Митрополит не ги доживеав како признание за нешто постигнато, туку како повик на служба — да бидам покрај народот што ми е доверен, да ги споделувам неговите радости и да не се оддалечувам од него во тешките мигови, сведочејќи постојано за Бога и насочувајќи ги верните кон добрината и љубовта.

Четиринаесет години поминаа брзо. Имаше безброј радосни денови, но и искушенија што бараа трпение, молитва и истрајност. Кога се навраќам на изминатиот пат, најсилно ги паметам луѓето: оние што со вера пристапуваат кон Црквата, оние што бараат утеха и оние што со години тивко се грижат за животот на нашите храмови и манастири.

На оваа годишнина, пред сè, Му благодарам на Бога за Неговата милост. Благодарен сум и на свештенството, монаштвото и верниот народ за нивните молитви и за сето она што заедно го градиме. Мојата желба е и понатаму да служам со смирение, а Господ да ми дава сила достојно да го носам архиерејскиот крст.

За овие четиринаесет години сигурно сте имале многу средби што Ви останале во сеќавање. Има ли некоја средба со верник или некој момент од Вашата служба што и денес Ви се враќа во мислите?

Има многу такви средби. Често тоа не се на големите настани, туку тивките разговори — кога некој човек ќе Ви ја довери својата грижа, ќе побара молитва или само ќе Ви каже дека му било важно што сте го сослушале. Тие моменти ме потсетуваат колку е важно свештенството да има време за човекот пред себе. Не би издвоил една лична приказна, зашто секоја ми е драгоцена. Но чувството кога по извесно време ќе сретнете човек кој повторно нашол надеж, се помирил со ближниот или се вратил во црковниот живот — тоа останува во срцето. Тогаш разбирате дека и еден краток разговор или совет може да биде почеток на нешто добро.

Токму тие средби со луѓето Ви даваат можност одблизу да ги видите нивните радости, но и грижите што ги носат. Ваше Високопреосвештенство, живееме во време на големи промени, несигурност и духовна збунетост. Што, според Вас, му недостига најмногу на современиот човек?

На современиот човек, пред сè, му недостига тишина во која повторно ќе може да го слушне својот внатрешен глас и, преку него, Божјиот повик. Човекот има многу информации, но сè помалку вистинска мудрост; има многу можности за комуникација, но често се чувствува осамен и неразбран од другиот. Затоа сметам дека денес повеќе од кога било ни е потребно враќање кон Бога, кон молитвата и кон ближниот. Кога човек ќе сфати дека не е сам и дека над неговиот живот постои Божјата промисла, тогаш и најтешките моменти добиваат поинаква смисла.

Каква е улогата на Црквата во едно општество во кое има поделби и недоверба?

Црквата е повикана да биде место на помирување, а не на поделби. Христос не нè повикува да градиме ѕидови меѓу луѓето, туку мостови. Можеме да имаме различни ставови, различни карактери и различни животни патишта, но пред Бога сите сме Негови чеда. Затоа Црквата треба постојано да потсетува дека човекот пред сè е човек, создаден според Божјиот образ и повикан кон љубов.

Ваше Високопреосвештенство, често Ве гледаме на средби и настани посветени на мирот, соживотот и меѓусебното разбирање. Што Ве поттикнува да бидете присутни во овие разговори и каква улога може да има Црквата во градењето доверба меѓу луѓето?

Верувам дека Црквата треба да биде присутна секаде каде што луѓето искрено разговараат за мирот. Таквите средби ни даваат можност да се слушнеме едни со други, да ги надминеме предрасудите и да потсетиме дека секој човек заслужува достоинство и почит. Мирот започнува со начинот на кој му се обраќаме на соседот, со подготвеноста да го сослушаме и со желбата да му помогнеме кога му е тешко.

Како архиереј, на тие средби доаѓам со сведоштвото на својата вера. Христовото учење нè повикува да бидеме миротворци. Затоа Црквата треба, покрај зборовите за мир, да покажува трпение, отвореност за разговор и љубов кон секој човек.

Оваа посветеност има особено значење во Вашата пастирска служба во Тетовско-гостиварската епархија, каде што живеат луѓе од различни верски и етнички заедници. Какво е Вашето искуство од средбите со нив и кои можности ги гледате за меѓуверска соработка во секојдневниот живот?

Тука, во Тетово, но и во другите населени места во нашата епархија, секојдневно се среќаваме со луѓе со различна вера, јазик и традиции, со кои делиме ист простор и многу заеднички грижи. Довербата се гради постепено — преку искрен разговор, меѓусебна почит и дела што покажуваат дека ни е важно како живее другиот.

Да го почитуваме другиот не значи да се откажеме од сопствената вера. Напротив, човек кој вистински ја познава и ја сака својата вера нема потреба да го понижува другиот. Нашата должност е верно да го чуваме и сведочиме православното предание и да се однесуваме со почит кон секој човек.

Иако се разликуваме во верските учења, можеме да соработуваме во доброто: да им помогнеме на сиромашните, да ги поддржиме семејствата и да се грижиме за младите. Особено во моменти на несреќа, треба да умееме да си подадеме рака. Соживотот добива вистинска смисла кога луѓето знаат дека можат да сметаат едни на други.

Целото интервју ОВДЕ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img