Ретко соборно сослужување на архиереите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија денеска во Скопје го одбележа празникот на сите македонски светители, а во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ беше одбележан и 40-годишниот јубилеј од епископската служба на архиепископот Стефан.
Во Неделата по Крстовден, која годинава се совпадна со Неделата посветена на сите македонски светители, архиепископот охридски и македонски Стефан чиноначалствуваше со Светата Литургија во Соборниот храм во Скопје.
Со него сослужуваа речиси целиот архиерејски состав на МПЦ-ОА, без викарните епископи, митрополитите Преспанско-пелагониски Петар, Струмички Наум, Повардарски Агатангел, Европски Пимен, Брегалнички Иларион, Тетовско-гостиварски Јосиф, Кумановско-осоговски Григориј и Дебарско-кичевски Георгиј, како и епископите Дељадровско-илинденски Јоаким и Делчевско-каменички. Во молитвено присуство на Литургијата бил и епископот Хераклејски Климент.
Собирањето на толкав број архиереи на едно место и нивното заедничко сослужување претставува редок црковен настан во домашни услови, особено кога поводот е празник посветен на сите македонски светители и јубилеј поврзан со поглаварот на МПЦ-ОА. На Литургијата присуствуваше и многуброен верен народ, но без државниот врв. Она што беше забележливо на денешниот настан е и отсуството на претставници на државниот врв.
Отсуството на политички и државни претставници беше забележливо токму поради карактерот на денот, кој во црковниот календар има посебно место, но и поради фактот што станува збор за јубилеј на поглаварот на МПЦ-ОА и за едно од поретките собирања на архиерејскиот состав во целост. До овој момент, ниту државната агенција не објави вест за настанот.
Денешното чествување истовремено беше посветено на 40 години од епископската служба на архиепископот Стефан. Тој беше хиротонисан за епископ на 12 јули 1986 година, а четири децении подоцна јубилејот беше одбележан со соборно литургиско чествување во Скопје.
Од МПЦ-ОА му ја честитаа годишнината на архиепископот Стефан, посакувајќи му „уште многу плодотворни архипастирски благолетија“.













