Четири месеци по завршувањето на големото поклонување пред Чесниот Појас на Пресвета Богородица во Белград, Српската православна црква сè уште нема објавено колку средства биле собрани од верниците и на кој начин биле распределени за најавените хуманитарни цели.
Ова го објави српската информативна агенција Beta на 5 октомври, повикувајќи се на своето официјално барање до кабинетот на српскиот патријарх Порфириј, на кое, како што наведува агенцијата, не добила одговор.
Чесниот Појас, кој се чува во манастирот Ватопед на Света Гора, во мај беше донесен во Белград, каде што до почетокот на јуни беше изложен за поклонение во храмот „Свети Сава“.
Според конечните податоци што СПЦ ги доставила до медиумите, пред светата реликвија поминале 916.825 верници.
Beta наведува дека голем број од поклониците оставале донации во износ од 200 до 2.000 динари. Со оглед на бројот на посетители, агенцијата оценува дека вкупната сума би можела да достигне неколку милиони евра. Сепак, без официјален извештај од Патријаршијата, точниот износ не може да се утврди.
Уште на 29 мај игуменот на Ватопед, архимандрит Ефрем, соопштил дека манастирот ги остава сите средства што верниците ќе ги даруваат за време на поклонувањето на располагање на српскиот патријарх Порфириј.
Од своја страна, патријархот тогаш најавил дека средствата ќе бидат употребени за помош на српски семејства во Косово и Метохија, како и за други хуманитарни цели.
Четири месеци подоцна, според Beta, не е објавена ниту вкупната сума на собраните средства, ниту список на лица или организации кои добиле помош.
Агенцијата наведува дека на 19 јуни испратила официјално прашање до кабинетот на патријархот Порфириј со две конкретни барања – колку средства биле собрани и на кој начин тие ќе бидат насочени кон Србите во Косово и Метохија и сиромашните семејства во Србија.
Прашањето за парите поврзани со престојот на светата реликвија во Белград беше отворено уште непосредно по завршувањето на поклонувањето.
На 9 јуни СПЦ објави соопштение со наслов „Нечесни намери против вистината“, откако во српската јавност се појавија тврдења дека носењето на Појасот во Белград било поврзано со финансиски интерес на Ватопед или на неговиот игумен, архимандрит Ефрем.
Патријаршијата тогаш ваквите тврдења ги оценила како „неосновани, неправедни, спротивни на вистината и срамни“.
СПЦ објаснила дека доаѓањето на светата реликвија во Белград било овозможено благодарение на долгогодишното лично пријателство меѓу патријархот Порфириј и архимандритот Ефрем, како и на вековните врски меѓу Српската црква и Ватопед.

