Митрополитот Јеротеј од Нафпактос во изјава за orthodoxtimes.com се присети на својот личен однос со починатиот грузиски патријарх Илија II, истакнувајќи ја неговата понизност и значајната улога во црковниот и општествениот живот на Грузија.
Тој сведочи дека при своите повеќекратни посети на Грузија, по повод претставување на негови книги преведени на грузиски јазик и предавања во Тбилиси со благослов на патријархот, имал можност одблиску да ја види посветеноста на народот кон Православната црква и длабоката почит кон својот духовен водач.
И покрај здравствените проблеми во последните години, митрополитот посочува дека Илија уживал широка почит – и од црковните и од политичките кругови, како и од народот.
Според него, патријархот поседувал исклучителни дарови: едноставност, понизност и мудрост. Покрај тоа, бил и иконописец, познавач на грузиската музика и автор на црковни химни. Тој раководел и со изградбата на соборниот храм „Света Троица“ во Тбилиси, еден од најзначајните православни храмови во регионот.
Митрополитот Јеротеј нагласува дека Илија II имал и важна посредничка улога во политичкиот живот, при што бил советник и за претседателот и за опозицијата. За време на војната со Русија, бил прифатен како посредник од сите страни.
Тој исто така посветувал големо внимание на социјалните прашања, особено на поддршката на семејствата, како и на животот на Црквата.
Осврнувајќи се на личните средби, тој вели дека Грузискиот претстојател секогаш го пречекувал со љубов, а особено го запаметил еден момент кога, во знак на понизност, патријархот му ја бакнал ракатаи рекол: „Јас сум грешник“.
„Му се восхитував“, истакнува митрополитот Јеротеј, додавајќи дека патријархот Илија II останува запаметен како голем духовен и национален лидер на грузискиот народ, како и мудар поглавар на Православната црква.

