Претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, митрополитот Антониј Волоколамски, престојуваше во посета на Кипарската православна црква, каде што оствари средби со повеќе архиереи, објави orthodoxtimes.
Посетата се реализира со благослов на патријархот московски Кирил, а во рамките на престојот на Кипар, митрополитот Антониј ја посети Митрополијата Морфу на Кипарската православна црква.
Во седиштето на Митрополијата, тој беше пречекан од митрополитот Неофит Морфски. За време на средбата биле разгледани прашања поврзани со односите меѓу православните цркви.
Митрополитот Антониј потоа го посети и метохот на манастирот Кикос во Никозија, каде што оствари средба со игуменот на манастирот, митрополитот Никифор Кикски и Тилириски.
Во завршниот дел од посетата на Кипар, претставникот на Московската патријаршија се сретна и со митрополитот Атанасиј Лимасолски, со кого ја посети и катедралата посветена на Пресвета Богородица.
Според информациите објавени од Московската патријаршија, на средбите биле разменети мислења за актуелни прашања поврзани со меѓуправославните односи.
Посетата на митрополитот Антониј на Кипар доаѓа во период кога односите меѓу православните цркви се под силно влијание на прашањето за украинската црковна криза и различните ставови околу признавањето на Православната црква на Украина (ПЦУ). Кипарската православна црква беше меѓу црквите кои го признаа правото на Вселенската патријаршија да додели автокефалност на ПЦУ, што предизвика несогласувања со Московската патријаршија.

