Претседателот на Франција, Емануел Макрон, заедно со својот домаќин, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, го посетиле Цетињскиот манастир и митрополитот на Црногорско-приморската митрополија Јоаникиј.
Во Цетињскиот манастир високите гости ги пречекал митрополитот Јоаникиј, кој претседателот на Франција и неговата делегација ги запознал со богатата и славна историја на Цетињскиот манастир и со светините што се чуваат во него.
-За почитуваните гости во просториите на Митрополијата беше организиран прием, за време на кој во пријатна и срдечна атмосфера се разговараше за многу актуелни теми. Претседателот Макрон го запозна митрополитот Јоаникиј со причините за неговата посета на Црна Гора, како и со перспективите и можностите што се отвораат пред Црна Гора во рамките на членството во Европската Унија. Митрополитот Јоаникиј им посака добредојде на гостите и ја истакна важноста на посетата на претседателот Макрон на Црна Гора. Тој зборуваше за мисијата, културната и духовната дејност на Црногорско-приморската митрополија во Црна Гора, како и за повеќевековната грижа на Српската православна црква за зачувување и изградба на христијанското и културното наследство на овие простори, велат од епархијата.
Црногорско-приморската епархија објави и дека оваа средба била можност соговорниците да се потсетат на нераскинливите и силни врски на нивните народи во минатото.
Пријателството и сојузништвото во Првата и Втората светска војна остануваат цврста основа врз која треба да се гради иднината на овие односи. Митрополитот потсети и дека многу наши владетели, војсководци, книжевници и духовници се образувале на прочуените француски универзитети. Зборувајќи за своите славни претходници, без чија улога е невозможно да се замисли историјата на Црна Гора, митрополитот Јоаникиј изрази уверување дека Црна Гора во културниот и духовниот дел има што да ѝ понуди на современа Европа. Борбата за слобода, чест и достоинство, како и христијанската подготвеност на жртва, го краселе овој слободарски народ. Без тие универзални и вечни вредности ниту еден народ и ниту една држава не би имале подлабока смисла, велат од епархијата.

