Со свечена литија низ улиците на Виница беше одбележан празникот Собор на 12-те апостоли – Павловден.
По светата архиерејска литургија во храмот „Свети Архангел Михаил“, верниците, заедно со тројцата архиереи и свештенството, во молитвена поворка ја пренесоа иконата на светиот апостол Павле до параклисот посветен на апостолот, кој се наоѓа на градскиот плоштад.
На чело на литијата беа митрополитот Европски Пимен, кој ја предводеше светата литургија, митрополитот Брегалнички Иларион и митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф, во сослужение со свештенослужители од Брегалничката епархија.
Пред параклисот „Свети апостол Павле“, во присуство на градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, и голем број верници, архиереите го благословија и го пресекоа празничниот леб и извршија мал водосвет.
Претходно, во храмот „Свети Архангел Михаил“ беше отслужена света архиерејска литургија, по која пригодна беседа одржа митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф.
По завршувањето на празничните богослужби, митрополитот Брегалнички Иларион присуствуваше и на свечената седница на Советот на Општина Виница, организирана по повод празникот.





