Почетна Коментар Како до здрава личност и нормално општество?
Како до здрава личност и нормално општество?

Како до здрава личност и нормално општество?

943
0

Во една од своите параболи за Царството Божјо, нашиот единствен Учител, Господ и Спасител Исус Христос, ни открива една толку суштинска вистина што ако истата не ја разбереме може целиот наш личен, семеен, црковен и општествен живот да пропадне во слепата улица на самозалажувањето и себеуништувањето. Параболата гласи вака:

„Царството небесно прилега на трговец, кој бара убави бисери, па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава се што има и го купува.“ (Матеј. 13, 45)

Што ни открива нашиот возљубен Учител во оваа парабола? Ни открива дека секој човек во овој свет е налик на трговец кој го бара скапоцениот бисер, односно, ги бара вистинските вредности, ја бара вистината за смислата на постоењето и љубовта, радоста и блаженството во тоа постоење.

slika 1Во својот живот секој човек се среќава со разни нешта кои му се нудат како “вредности” и “вистини” кои му нудат успешно, брзо и особено – без личносна зрелост и очистување од гревот и злото – напредување во личниот, семејниот и општествениот живот. Но, за кратко време човекот или човештвото се соочуваат со ВИСТИНАТА дека многу од таканаречените “вредности” и “вистини” се нечија лага, измама, болен интерес, манипулација или едноставно кажано СЛЕПА УЛИЦА која секогаш завршува со сознанието дека сме измамени и дека изминатиот период од нашиот живот бил чисто промашување. А дека тоа е така најдобро ни сведочи РЕАЛНОСТА на нашето секојдневното живеење. Во таа реалност на лагата и се кратки нозете, но додека трае – нанесува страшни несреќи и страдања во многу животи! И затоа нашиот Господ ни препорачува да бидеме како трговци, да внимаваме што купуваме и што продаваме, односно, што примаме во себе и што даваме од себе. А кога ќе го пронајдеме скапоцениот бисер, односно, ВИСТИНАТА таква – каква што таа е, тогаш треба да ги отстраниме од себе сите лажни вредности и вистини и да ја внедриме во себе ВИСТИНАТА за совршениот и од злото, гревот и смртта ослободениот начин на постоење во Царството Божјо – начин на постоење кој својот почеток го има за време на нашиот живот во овој свет и век.

Скапоцениот бисер – ВИСТИНАТА, во овој свет и век во нас се внедрува преку следниот духовен процес, односно, преку следните духовни фази низ кои треба да помине нашата личност:

  1. фаза на будење на нашата личност од состојбата на заробеност од злото и гревот и од состојбата на непознавање на себе си и својот Творец. Оваа фаза во Црквата се нарекува и ПОКАЈАНИЕ;
  2. фаза на внатрешна потрага по Вистината, по смислата на животот, по скапоцениот бисер;
  3. фаза на препознавање на Божјиот призив/ повик / поттик за осмислување во длабочината на нашата личност, во тоа што ние навистина СМЕ! Овој призив не воведува во внатрешната средба со Христос/ Месијата. ( Јован. 6, 35 – 40);
  4. фаза на подготовка за учество во Христовата победоносна откупителна жртва над злото, гревот, смртта и сатаната преку Светите Тајни – Крштевање, Миропомазание (печат и дар на силата на Духот Свет) и Причест (непрестано наше потврдување и сведочење за нашата заедница со Нашиот Спасител Исус Христос и со Неговата Црква).
    Оние што се крстени како деца и до своето покајание (духовно будење) не живееле како активни членови на Црквата, во активниот и спасоносен живот на Црквата влегуваат преку Светата тајна Исповед;
  5. фаза на градење на своето спасение преку осмислување на својот личен, семеен, црковен и општествен живот во духот на Христовите заповеди (Филипјаните. 2, 12);
  6. фаза на сериозен духовен подвиг преку борба против злото и гревот во и надвор од себе – во силата и даровите на Светиот Дух;
  7. фаза на сведоштво на Вистината (евангелизација – ширење на радосната вест за спасението) и осетливост за страдањата на нашите ближни и мотивираност да им се помогне на сите што имаат потреба од помош;
  8. фаза во која се осознава, доживува вистината за Вечноста,
  9. фаза во која самите ние преку духовниот раст и очистување – во силата на Духот Свет, а во слава на Небесниот Отец и преку водство на нашиот Спасител Исус Христос – стануваме скапоцен бисер, затоа што вистината за Царството Божјо не’ овистинила, очистила, ољубовила, спасила и во нас се отвара состојбата на бескрај / полнота / вечност/ СВЕТОСТ. .

Овој духовен закон или процес важи и дава осмислување и плод како во личниот, така и во семејниот и општествениот живот.

Ова, пред се е многу важно и за нашето заедничко живеење, и како Македонци и како Народ Божји – ЦРКВА , на овие наши македонски простори.

На голем број свесни, совесни и одговорни личности од нашиот народ им е јасно дека кризата во која долго време се наоѓаме е плод од нашата заедничка лоша трговија со лажните вредности и вистини. Затоа и многумина се прашуваат каде е излезот од уништувачкиот процесот на самоуништување и исчезнување!

И излезот и вистината, односно – скапоцениот бисер, се тука кај нас и во нас. Ние често за да се самопофалиме велиме дека сме Библиски народ кој живее на оваа Библиска земја. Наместо само декларативно да ги кажуваме овие зборови треба суштински да се нурнеме во нивната смисла. А во таа смисла, во таа од Бога откриена ВИСТИНА ќе го пронајдеме следното. Ќе пронајдеме дека ако сакаме да се нарекуваме Библиски народ потребно е да БИДЕМЕ:

  1. чесни и со мирна совест, а не криминализирани и поткупливи
  2. љубовноискрени, а не полни со завист, гордост, подлост, ситнодушие и лична егоистична сметка;
  3. единствени и обединети со иста визија и вредности на живеење, а не разединети и омеѓени со високите ѕидини на исплашеното болносуетливо его и патолошки интерес;
  4. чисти од злото и утврдени во вистинската од Бога откриена вера, а не извалкани со СУЕВЕРИЕ/ празноверие (бајачки, гатачки, окултизам),идолопоклонство, суетлива мрзеливост, егоистична простотија и садо -мазохистичка злоба;
  5. вистинољубиви, а не свесно да се спротиставуваме на Божјите заповеди и вистини во името на својата страст, лична корист и интерес;
  6. човекољубиви патриоти – ДОМОЉУПЦИ и РОДОЉУПЦИ, а не алчнокрадливо настроени егоистични лицемери кои секоја позиција во општеството ја користат за да приграбат нешто што не им припаѓа и сето тоа на штета на СВОЈОТ НАРОД кој станува се посиромашен и побезнадежен;
  7. добри, одговорни и духовно зрели родители, кои не ги убиваат своите деца преку абортус (чедоморство), лошо воспитување и насочување – туку, сериозно се трудат своите од Бога дарени рожби да ги хранат со искрена љубов, нежност, внимение и со вистинските вредности: скромност, послушност, одговорност, искреност, чедност. . . .
  8. послушни на Нашиот Отец Небесен преку Неговиот Син и нашиот Спасител Исус Христос во Светиот Дух и во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, а не на разни болни умозамрачени личности, алчни суетливи лицемери, идеолишко – религиозни трговци, кариеристички мативоди и белосветски манипулатори кои продаваат отров како да е лек.

Оваа македонска земја ја нарекуваме света и библиска не само затоа што е спомната во Светото Писмо, туку затоа што над двеилјади години таа е осветувана преку молитвите на Црквата и натопувана со солзите и крвта на вистинските Христови ученици. Во своите недра таа ги чува телата на неброени знаени и незнаени светии, наши духовни и телесни предци, кои го очекуваат повторното Христово доаѓање и нашето заедничко воскресение од мртвите и вселување во полнотата на совршеното постоењето во вечните перспективи на Царството Божјо.

Ivica TodoorvВо овој историски момент, Македонија и Македонецот, имаат голема шанса. Македонецот е веќе заситен, а и длабоко понижен, повреден и многупати излажан од лажните вредности и вистини на отпаднатиот од Бога начин на постоење во овој свет. Но пред да започне да менува нешто, во себе и со себе, а и надвор од себе, современиот Македонец треба длабоко во себе да се осведочи и да ја разбере и внедри вистинската вечна вредност и сила на скапоцениот бисер што му се наоѓа при рака, за потоа со достоинство и духовна сила да може да каже дека е член на Библиски народ кој живее на својата света Библиска земја во слава на Бога и за доброто на сите луѓе и народи.

Пишува: презвитер Ивица Тодоров

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *