Почетна Анализа Исчекорот кон автокефалност ќе ги засили оптимизмот на нацијата и државата
Исчекорот кон автокефалност ќе ги засили оптимизмот на нацијата и државата

Исчекорот кон автокефалност ќе ги засили оптимизмот на нацијата и државата

311
2

Предизвици и очекувања за МПЦ-ОА во 2021 година

Ќе биде ли 2021-та година на надежи за Македонската православна црква – Охридска архиепископија или, пак, ќе биде уште една година на предизвици и исчекувања за конечно признавање на нејзината автокефалност?

Оваа дилема, која стои исправена со децении, сега добива нови димензии, особено што изминативе две години македонското црковно прашање се најде во фокусот на меѓуцрковните односи во православниот свет, откако вселенскиот патријарх Вартоломеј ја прифати иницијативата за негово решавање.

Слична надеж за чекор напред во процесот имаше и за 2020 година, но пандемијата на коронавирусот беше пресудна да не се случат многу настани. Надежта дека 2021-та ќе биде година на крај на пандемијата е и голема надеж за враќање на македонското црковно прашање на колосекот по кој треба да се движи до признавање на автокефалноста.
Но кои се предностите што се на страната на МПЦ-ОА, а кои се можните закани и предизвици со кои ќе се соочи МПЦ-ОА во оваа година?

Верските аналитичари велат дека на почетокот од оваа година најизвесно е дека оваа година ќе биде многу неизвесна за македонското црковно прашање, но и година во која може да се очекува некаков напредок, но тешко дека ќе биде година во која ќе се дојде до издавање томос за автокефалност. Многу извесно е дека можат да бидат исцртани контурите на патот по кој ќе се движи процесот, доколку Вселенската патријаршија продолжи онаму каде што поради пандемијата застана лани во февруари.

Прв предизвик е влијанието по изборот на нов српски патријарх

Според познавачите на состојбите, главниот хендикеп за МПЦ-ОА уште на почетокот на годината е смртта на српскиот патријарх Иринеј, кој пред два месеца почина од ковид-19, но и смртта на митрополитот Амфилохије, кој исто така не успеа да се избори со вирусот. Во тој контекст, целиот процес за црковно прашање за нашата црква ќе остане во статус кво состојба, односно Вселенската патријаршија нема да почнува никакви активности до изборот на нов поглавар на Српската православна црква. Аналитичарите сметаат дека вселенскиот патријарх ќе чека да види кој архијереј на СПЦ ќе застане на чело на црквата и дури потоа би почнал нови консултации и разговори од кои ќе зависат сите негови потези.

Вториот сериозен предизвик со кој МПЦ оваа година би се соочила е отворениот судир меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија за превласт во православниот свет. Аналитичарите оценуваат дека РПЦ и оваа година ќе продолжи преку црковна дипломатија кај другите цркви да ја оспорува пред сѐ украинската автокефалност, а со тоа и да се обиде да ја стопира македонската автокефалност.

Вистината и правдината за МПЦ се нашиот главен адут

Во однос на тоа кои предности ги има МПЦ-ОА пред себе оваа година во насока на остварување на својата цел, а тоа е признавање на автокефалноста, најважно за неа е што на нејзина страна е црковната вистина, а тоа е дека таа е жива црква со сите структури на самостојност и самоуправување, препознатлива во целото православие, без догматски или канонски пречки за прифаќање на нејзината автокефалност.

Голема предност е што вселенскиот патријарх Вартоломеј и изминатава година изјави дека не се откажува од намерата да најде решение за македонското црковно прашање и покрај сите опструкции со кои тој се соочува. Дополнително на страната на МПЦ-ОА е јасната поддршка од државниот врв и иницијативата од државата со која се бара интензивирање на процесот.
На страната на нашата црква е уште еден многу важен фактор, а тоа е единството на целиот црковен клир во МПЦ-ОА, кај кој нема дилеми по две линии. Едната е дека признавањето на автокефалноста треба да оди преку Вселенската патријаршија, а другата исклучително важна е дека крајната цел на решението што треба да се постигне е автокефалност на МПЦ-ОА.

Сослужувањето со Вселенската патријаршија е од есенцијално значење

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека претстојната година треба да биде значајна за МПЦ-ОА, како на надворешен така и на внатрешен план.

– Како црква таа има големи очекувања дека конечно ќе се реши прашањето на признавањето на автокефалниот статус од страна на Вселенската патријаршија. Шанси да се случи тоа има, но сепак не сум сигурен дека тоа и годинава може да се оствари. Би бил многу задоволен доколку се случи прифаќањето на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија како црква и почеток на сослужувањето, со што нашето свештенство и верници би станале дел од православната екумена. Поголеми се шансите да се случи ова, отколку ВП ни додели автокефален статус – посочува Ѓорѓевски.

Според него, откако ги преброди реакциите со признавањето на Украинската црква, на ВП сега ѝ останува главен проблем МПЦ-ОА.

– Сигурно ќе се чека и изборот на новиот српски поглавар, на контакти на ВП со него и по тоа би можел да се очекува поконкретен потег на Вселенската патријаршија – додава аналитичарот.

Ќе се засили и стабилноста на државата

Професорот на Правниот факултет, Александар Спасеновски, вели дека прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното нерешено важно национално и државно прашање, чие успешно решавање неповратно ќе ја зацврсти и ќе ја унапреди стабилноста на земјата. Смета дека во 2021 година, Република Македонија и нејзината црква влегуваат со еден умерен оптимизам за почеток на процесот за решавање на црковното прашање.

– Во однос на споменатото предвидување, упатуваат четири групи околности, Прво, внатрешноцрковните аспекти на спорот. Како и претходните години, така и во 2021 г., извесно е дека ќе продолжи да се одржува востановениот консензус во Синодот на МПЦ-ОА за очекувањата од Вселенската патријаршија за искористување на апелациското право. Второ, внатрешнополитичките аспекти на спорот. Како и во однос на внатрешните состојби во МПЦ, и во овој дел, треба да се очекува дека емитираната поддршка од страна на државниот врв ќе продолжи да се одржува на едно високо ниво, при што треба да се нагласи и дека ангажманот на институциите во насока на поддршка на легитимните цели на МПЦ-ОА за автокефален статус низ годините до денес е во целосна согласност со начелото на секуларизам, како и со Уставот и законите на државата. Трето, надворешнополитичките аспекти на спорот. И во однос на овој елемент околностите се мошне поволни. Имено, како ретко кога низ историјата, решавањето на македонското црковно прашање – како од аспект на Вселенската патријаршија, така и од аспект на МПЦ-ОА – е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на државата, како и со декларираните интереси на САД во меѓународните политички односи. Четврто, надворешноцрковните аспекти на спорот. Во овој дел, за разлика од претходните аспекти, околностите во 2021 година се променети поради внатрешните околности во СПЦ по смртта на патријархот Иринеј – анализира Спасеновски.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(2)

  1. Така е! Браво Радмила … нека знаат сите и сите наши душмани, та да се фатат за работа што побрзо и подобро да ни помогнат … сите го сакаат тоа и долго го чекаат тоа … само досега немаше кој да ги потсети и информира …

  2. Kolku e samo zalosno deka vo SPC, a i nazalost generalno vo pravoslavniot svet – vlasta, mokjta i politickoto vlijanije imaat prednost pred dobroto na narodot Bozji i Crkvata! Koga velam pravoslaven svet, mislam na Rakovodstvoto! Daj Boze sto poskoro MPC priznaena od site!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *