Почетна Анализа Верската припадност и ставот кон крводарувањето
Верската припадност и ставот кон крводарувањето

Верската припадност и ставот кон крводарувањето

379
0

Крводарителството и религијата низ историјата

Можноста за употреба на крв и крвни деривати во лекување на болните претставува една од најголемите придобивки во современата медицина. Во овој процес основно е да се земе крв од здрав човек без да му се наштети и истата крв да биде дадена на болен човек. Така се поставува прашање за крводарителството-убедување на здравите лица да даруваат крв. Со тоа мотивирањето станува основен аспект на кој службите за трансфузиологија обрнуваат големо внимание. Во одредени земји нивните служби постигнуваат одлични резултати, но од друга страна постојат средини каде крводарителството е на многу низок степен, зависно од социјалната средина, политичките размислувања, економската состојба, културното ниво, верската припадност и други скриени мотивациски проблеми. Разбирањето за крвта како неопходна “животна течност” во човештвото создало едно митско сфаќање за крвта и секако поради тоа се одржуваат и многу религиозни убедувања.

Религијата како збир на еден духовен и филозофски поглед и сфаќање на светот и животните потреби има општи определувања кон крводарувањето. Верските мотиви на луѓето во врска со нивниот став за крводарувањето како возвишен чин на алтруизам и хуманост, можат да се согледаат и да произлезат само од рамките на генералното учење и принципи на одредена религија. Цел на трудот е да се согледа религиозната припадност и односот кон крводарувањето на Република Македонија.

Клучни зборови: религија, крводарување, хуманост.

Праисториските религии се развиле од аспект на ловци, прибирачи на плодови, рибари, земјоделци и тие историски го претставуваат погледот на светот, почнувајќи од Египет, Месопотамија и Кина (1). Праисторискиот период го опфаќа периодот 3000 години пред раѓањето на Христос, пред записите за митови, обреди и верувања.

Познавањето на религијата е потреба на современата култура бидејќи нема осознавање на човекот без осознавање на неговата религија (2). Тајната на раѓањето и смрт, се предизвици кои одсекогаш го придвижувале човештвото да тргне во потрага кон смисла на неговото постоење. Колку и да се оди назад во историјата, дури и пред првите пишани документи, постојат докази дека религијата била клучен аспект во човековиот живот. Напредните движења во понатамошниот развој на религиите во состав на хиндуизмот, јудејството, христијанството, исламот, без сомнение ја укажуваат меѓусебната зависност на едни од други кое особено се однесува на јудејството, христијанството и исламот кои во Европа биле во блиски контакти и влијанија (3).

Сфаќањата во кои крвта има тераписки, подмладувачки или зајакнувачки ефекти, почнуваат од времето на старите Римјани “Anima omnis in sangvine est” не е само изрека туку и знак дека древните цивилизации го знаело значењето на крвта и нејзината поврзаност со животот. Древните народи крвта ја користеле за правење бањи кои ги враќале во живот или им ја подобрувале здравствената состојба. Старите Римјани пијеќи ја крвта од жртвите во глатијаторските арени верувале дека тоа им носи подмладување и ревитализација. Старите Грци во своите обреди употребувале крв од бик или од коза и го поливале телото на болниот. Да потсетиме дека Маите (4) во обредите за принесување на жртви пуштале да тече крв по зидовите на храмот за да го задржат сјајот и топлината на сонцето и така крвта од еден човек дадена на друг ја задржува светлоста и сјајот на сонцето, топлината на нечии срца.

Христијанството и крводарувањето

Никој не може да го разбере човештвото ако не ја разбира неговата вера. “Понекогаш наивна, понекогаш остроумно возвишена, понекогаш сирова, таинствена или полна со неодолива благост и љубов, понекогаш потврдувајќи го светот, понекогаш негирајќи го светот, понекогаш свртена кон себе, понекогаш сеопфатна и мисионерска, религијата се проткајува низ човековиот живот од најстари времиња” Ninian Smart (5).

Она што се провлекува во христијанската религија е прашање на создавањето на човекот, неговата љубов кон Господ, неговата љубов кон блискиот, моралната чистота. Законите на Стариот Завет не се дадени како нешто што спречува туку води кон човековиот одговор кон Бог, како што кажува Исус: “законите и пороците можат да се сведат на големи заповеди, луѓе кои го сакаат Господ со целото свое срце, а својот ближен како себе самиот (6)”.

Прашањето на крводарување може да се согледа во директна врска и јасната посветеност на христијанството. Ова прашање може да се согледа само преку генерално учење во рамките на хуманоста за која се залага христијанството. Како потврда дека христијанството има позитивни примери е пишаниот документ на поканување на верниците да даруваат крв во Ватикан со паролата:

“Христос дал крв за тебе, дај и ти крв за друг”

Исламот и крводарувањето

Прашањето за крводарување во исламската религија не може да се согледа во директна и јасна посветеност на изворите на исламот-Кура, Хадис. Имено, ова прашање може да се согледа исклучиво во рамките на генералното учење за и поглед кон создавањето на човекот и хуманоста за која тој се залага. Што се однесува на прашањето за создавањето на човекот, исламот ја зазема позицијата дека сите луѓе се создадени од еден човек (Адам), односно од неговата крв, од што е продолжено наследството на човекот се до денешен ден. Куранската позиција е јасна: “О луѓе, ние навистина сме создадени од еден човек и една жена и сме одредиле племиња и народи за меѓусебно да се запознаеме. Потоа , чинот на создавањето на човештвото кај луѓето е еднаков без разлика на бојата на кожата, класата, нацијата или религијата”.

Има голем број на цитати од Куранот во кои се наведува: нема предности на Арапи пред не Арапи, на белци пред црнци…кои зборуваат на единството на човековата природа. Биолошкиот раст и нужноста се својствени за сите луѓе. Што се однесува на друга претпоставка, хуманоста на исламот, оваа религија животот го смета за најголема вредност. Ова произлегува од јасните концепции на Куранот која без сомнение има своја паралела: И затоа препишуваме дека синовите Израилови да секој кој убие човек, како да ги убил сите луѓе, а оној кој спасил човек, како да ги спасил сите луѓе (7). Во овој цитат се зборува за синовите Израилови кои биле следбеници на Мусе (Мојсијс). Спасувањето на човечки живот во светлоста на куранскиот цитат се смета за верски чин, добро дело.

Се она што е насочено кон помагање, хуманост, се смета за добро дело која е потврда на верување, потврдено и преку многу цитати во Куранот кои зборуваат за верувањето и добрите дела, во кои спаѓа и крводарувањето.

Други секти и религии и крводарувањето

Од филозофски и социолошки аспект гледано, ниедна религија не се спротиставува на крводарувањето како чин на добро дело (8). Спротивно на генералното учење постојат одредени ограноци, секти како: будисти, мормони и јеховини сведоци, кои забрануваат примање и дарување на крв како чин на добро дело (8).

Како пример може да послужи едно научно истражување кое ги анализира пациентите-јеховини сведоци (9) кои одбиваат примање на крв и каде степенот на морталитет е многу висок (>50%).

Заклучок

Проучувањето на религиозното однесување на луѓето, дејството кое религијата го има врз друштвените и економски норми и обратно, се драгоцен извор на осознавање кои овозможуваат да се откријат нови мотиви за крводарување кај луѓето. Повеќето религии, особено христијанската и исламот не се спротиставуваат, туку напротив, тие преку двата основни погледи на создавањето и хуманизмот, завземаат позитивен став кон крводарувањето. Поедини секти и религии, како што се Јеховини сведоци имаат негативен став кон користење на крвта како терапевтско средство.

Во соработка со верските претставници на сите религии во нашата земја можат да се дефинираат конкретни мотивациски активности со кои ќе се зголеми бројот на крводарители меѓу верниците.

Автор: Прим. Д-р Горан Анодов, Институт за трансфузиона медицина

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *