Посетата на бугарскиот патријарх Даниил на Вселенската патријаршија не е задоцнета, затоа што, на пример, српскиот патријарх Порфириј, кој пред пет години беше избран и интронизиран, сè уште не го посетил Фанар. За тие пет години тој двапати ја посети Москва и рускиот патријарх. Во црковната дипломатија многу јасно, и без зборови, се демонстрираат приоритетите и лојалноста. Ова го коментира доцентот Костадин Нушев од Богословскиот факултет на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ за време на своето гостување во подкастот #Балкани.
За време на посетата на бугарскиот патријарх Даниил на Вселенската патријаршија, Вартоломеј за време на светата литургија го спомнал киевскиот митрополит Епифаниј, а патријарх Даниил го спомнал македонскиот архиепископ Стефан, бидејќи Вселенската патријаршија веќе го има признато.
Бугарскиот професот во поткастот вели дека конечното име на МПЦ-ОА, кое ќе биде запишано во диптихот на Православните цркви е проблематично прашање, бидеќи МПЦ-ОА инсистра тоа да биде Охридска Архиепископија. Нушев вели дека тоа е сериозен предизвик за бугарската црковна дипломатија, која од тие причини одлучила Погаварот на МПЦ-ОА да го именува како Северномакедонски.
Нушев потсети дека македонските митрополити, кои испратија писмо до Бугарската патријаршија, инсистирале таа да се заложи и да посредува пред Вселенската патријаршија за добивање томос за автокефалност на Македонската црква. Во БПЦ постоело разбирање дека оние кои ја наметнале схизмата на МПЦ требало и да ја укинат. За бугарските митрополити никогаш немало сомнеж дека МПЦ треба да биде автокефална и да биде признаена како таква.
БПЦ не се плашела од СПЦ во однос на МПЦ, а желбата на патријарх Неофит била да се одржуваат односи со сите Православни Цркви. Во исто време, патријарх Неофит не дозволил БПЦ да биде вовлечена, поради Украинската црква, во судирот меѓу Московската и Цариградската патријаршија.
Според бугарскиот богослов, Вселенската патријаршија донела одлука за решавање на македонското црковно прашање, но дел од елементите ги префрлила на Српската патријаршија. Вселенската патријаршија, поради формирањето комисија од страна на БПЦ за македонското црковно прашање, реагирала и ја извадила Македонската црква од схизмата и ја признала како канонска црква.
Сега се поставува прашањето дали томосот за автокефалност издаден од Српската црква на МПЦ е доволен, бидејќи во текот на преговорите СПЦ ѝ порачувала на МПЦ дека нема да добие автокефалност, туку широка автономија. Во самата МПЦ постои поделба – една група владици сметаат дека српскиот томос е доволен, додека другите сметаат дека тој не е доволен и дека е потребен и томос од Вселенската патријаршија.
Српската црква, според Нушев, е во голема мера зависна од власта на претседателот Александар Вучиќ. Денес Српската црква не може да ги поддржи српските студенти кои протестираат. Не може да има споредба меѓу однесувањето на српскиот патријарх Павле и сегашниот Порфириј. Павле учествуваше во протестите во 1996 година против кражбата на локалните избори од страна на партијата на Милошевиќ, на штета на опозицијата на Ѓинѓиќ.
На местото на отпуштените професори со критичко мислење на Богословскиот факултет во Белград се назначени млади и неискусни, но лојални на власта во Србија. Според Нушев, она што му се случило на Порфириј по изборот за патријарх на СПЦ претставува чудна метаморфоза, имајќи предвид дека како митрополит во Загреб и Љубљана тој бил задолжен за медиумите и за дијалогот со другите.

