Сојузот на христијаните на Хрватска објави дека започнува иницијатива за обновување на редовниот православен богослужбен живот во Хрватска, преку формирање на „Хрватска православна заедница за богослужение на православните верници“.
Во официјално соопштение, организацијата наведува дека иницијативата се темели на Уставот на Република Хрватска, кој ги гарантира слободата на совеста и вероисповедта, како и на меѓународните документи за заштита на човековите права.
Како прв чекор е усвоена Декларација за основање на Хрватска православна заедница, со која, според Сојузот, се создава организациска рамка за остварување на правото на православните верници на редовен литургиски живот, пастирска грижа и слободно исповедање на верата.
Истовремено, Управниот одбор на Сојузот формирал Одбор за екуменизам, каритативна и хуманитарна грижа, кој ќе биде задолжен за развој на меѓухристијанскиот дијалог, соработка со различни цркви и верски заедници, како и за поддршка на иницијативите поврзани со обновување на православниот богослужбен живот.
Во соопштението се наведува дека иницијативата нема политички или национален карактер, туку е „исклучиво пастирска, духовна, хуманитарна и екуменска“. Организацијата истакнува дека целта е да се овозможи редовно православно богослужение, основање парохиски заедници, организирање веронаука, теолошка едукација, духовни обнови и хуманитарни активности.
„Оваа иницијатива не е насочена против ниту една Црква, верска заедница или институција. Напротив, нејзината цел е да придонесе за целосно остварување на слободата на вероисповедта, заштита на човековите права, градење доверба меѓу луѓето и промовирање на културата на дијалог, мир и помирување“, се наведува во соопштението.
Сојузот на христијаните на Хрватска најавува дека во наредниот период ќе ја информира јавноста за следните чекори во реализацијата на иницијативата, вклучително и за времето и местото на одржување на првите редовни православни богослужби.

