Грција ја потврди уставноста на истополовите бракови и посвојувањето

Date:

Share post:

Државниот на Грција ја потврди уставноста на истополовите бракови и правото на посвојување од страна на истите, нагласувајќи дека законот не влијае врз учењето и традицијата на Православната црква во однос на бракот.

Со одлука донесена на 20 март, Пленумот на Советот на државата го потврди Законот 5089/2024, со кој беше легализиран истополовиот граѓански брак во Грција. Судот одлучи со мнозинство гласови, при што шест судии изразија несогласување, оценувајќи дека законот е во согласност со Уставот на Грција, Европската конвенција за човекови права и правото на Европската Унија.

Законот беше усвоен во февруари 2024 година, и покрај силното противење од страна на Грчката православна црква и дел од јавноста, со што Грција стана првата православна земја што го легализираше истополовиот брак. Советот на државата и претходно, во мај 2025 година, ја потврди неговата уставност.

Во најновата одлука, судот директно се осврна на односот меѓу граѓанскиот брак и Црквата, наведувајќи дека проширувањето на граѓанскиот брак на лица од ист пол „на ниту еден начин не го ограничува или засега правото на лица од различен пол да стапат во брак – граѓански или црковен – и да формираат семејство во традиционална смисла“.

Судот дополнително нагласи дека правилата и традициите на Православната црква во врска со склучувањето брак и семејниот живот не се засегнати од законот, а нивното почитување „останува прашање на слободна определба на верните православни христијани“.

Во образложението се признава и историската улога на православието во грчкото општество, при што се наведува „трајниот придонес на православното учење во обликувањето на моралните ставови на грчкиот народ“, но се додава дека тоа не ја исклучува можноста за нивна еволуција. Според судот, ваквите општествено-морални прашања се во надлежност на законодавната власт, а не на судството.

Во однос на посвојувањето, судот оцени дека дозволувањето истополовите брачни парови да посвојуваат деца не го нарушува уставното начело за заштита на детето и неговиот најдобар интерес, бидејќи сите постапки за посвојување подлежат на исти процедури, вклучително и проверки од социјалните служби и судско одобрување, како и кај хетеросексуалните парови.

Одлуката беше донесена по тужба поднесена од две здруженија и една непрофитна организација, кои бараа поништување на владината одлука за начинот на евидентирање на сопружниците и родителите во матичните книги. Судот ја отфрли тужбата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img