Гости од четири православни цркви соборно го прославија свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка

Date:

Share post:

Архијереи од Македонската, Романската, Српската и Бугарската православна црква, заедно со свештенослужител од Православната црква на Албанија, учествуваа во празничното чествување на преподобниот Јоаким Осоговски во манастирот посветен на светецот во Крива Паланка.

Празнувањето почна на 28 август, во предвечерието на манастирската слава, со празнична вечерна богослужба на која началствуваше митрополитот Доростолски г. Јаков од Бугарската православна црква.

На вечерната богослужба молитвено присуствуваа митрополитот Тулчански г. Висарион од Романската православна црква, митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј и пензионираниот митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф.

Централното празнување беше на 29 август, кога во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ беше отслужена свечена Божествена Литургија.

Со Литургијата началствуваше митрополитот Тулчански г. Висарион, а во сослужение беа митрополитот Доростолски г. Јаков, епископот Новобрдски г. Иларион од Српската православна црква, викар на српскиот патријарх Порфириј, како и митрополитите на Македонската православна црква – Брегалничкиот г. Иларион, Австралиско-новозеландскиот г. Никола, Кумановско-осоговскиот г. Григориј и пензионираниот Кумановско-осоговски г. Јосиф.

На богослужбата, покрај свештенослужителите од Македонската православна црква, служеше и отец Никола Кодели од Православната црква на Албанија.

Пред многубројниот верен народ и претставници на локалната и централната власт, во текот на Литургијата беседа одржа митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола.

Верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на преподобниот Јоаким Осоговски и да учествуваат во празничните богослужби посветени на еден од најпочитуваните светители на Осоговскиот крај.

На крајот од Литургијата, митрополитот Висарион им се обрати на присутните, а во знак на спомен на заедничкото богослужение му подари на манастирот крст за благословување, изработен во Романија.

Овогодишното празнување на свети Јоаким Осоговски уште еднаш го потврди значењето на манастирот како место на молитвено собирање на верници и архијереи од повеќе помесни православни цркви.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img