Папата Лав XIV ја поминал мирно првата ноќ по операцијата во римската болница „Џемели“, при која му бил отстранет долниот лобус на десното белодробно крило. Хистолошкиот преглед за време на операцијата потврдил дека станува збор за белодробен аденокарцином.
Според соопштението на Прес-службата на Светата столица, папата ја поминал мирно првата ноќ по операцијата. Од Ватикан најавиле дека дополнителни информации за неговата здравствена состојба ќе бидат објавени во текот на денот.
Операцијата ја извршил медицински тим предводен од професорот Стефано Маргаритора, раководител на одделението за торакална хирургија во болницата „Џемели“. Зафатот траел околу 90 минути, додека папата поминал приближно три часа во операционата сала.
Лекарите го отстраниле долниот лобус на десното белодробно крило со помош на видеоасистирана хируршка техника. Хистолошкиот преглед на ткивото за време на операцијата ја потврдил дијагнозата на белодробен аденокарцином, која била посомневана и врз основа на претходните испитувања.
По операцијата, папата се разбудил нормално и, по краток период на набљудување, бил вратен во својата болничка соба на десеттиот кат. Според информациите од Ватикан, тој побарал вечера и вечерта ја поминал во присуство на своите секретари и други членови на ватиканскиот персонал.
Во наредните денови треба да бидат извршени дополнителни испитувања на отстранетото ткиво. Засега нема промена во претходно најавениот план папата да остане хоспитализиран околу една недела.

