Почетна Вера МПЦ-ОА Г.г. Стефан: Пандемијата покажа колку човекот е немоќен

Г.г. Стефан: Пандемијата покажа колку човекот е немоќен

94
0

На овој спасоносен ден, Ветениот Месија, за Кого пророците пророкувале и праведниците Го очекувале, Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се родил во времето, слегол од небото на земјата придружен со песни на ангелите, дочекан од пастирите и даруван од мудреците.

Денес Господ, заради нас луѓето, се понижил и го зел нашето тело, за да нè ослободи од ропството на гревот и смртта, за да ни дарува живот во вистината и радост која никој не може да ни ја одземе. Божјото човекољубие е причината што денес ликува сета вселена – славејќи го помирувањето меѓу Бога и човекот.

А Синот Божји, доаѓајќи во човечко тело, како Богочовек, потврди дека Бог ги љуби светот и човекот. Зашто каде е љубовта, таму е и самиот Бог – оти Бог е љубов. Нашево, пак, време, е време кога особено се испитува нашата вера. Животот постанува сѐ потежок и понеизвесен. Во светот секојдневно има сѐ повеќе човечки трагедии и страдања; сè повеќе царуваат самољубието, бесчувствителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а  љубовта сѐ повеќе е заменета со омраза и доброто со зло! Тоа е така зашто сѐ помалку Го имаме Христа во животот, а и на другите не им го правиме она што сакаме нам да ни го прават. Заборавивме дека без Него, не ќе можеме да правиме ништо. Состојбата која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да Го љубат Бога и да ги љубат луѓето.

Возљубени Христољупци,

Покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата. Годината пред нас нека биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, нека биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест.

На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: ХРИСТОС   СЕ   РОДИ! Честито и благословено Новото Лето Господово!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *