Под маската на поклонички патувања во Светите земји, агенти во расо како Васиан Змеев му пренесуваат конкретни задачи на Владимир Тишчук, раководител на Руското подворје во Софија, пишува Faktor.bg. Како што пренесува порталот, трасата меѓу Софија и Израел во изминатата година се претворила во „магистрала на руска шпионажа и тајни операции“, насочени кон Европа, скриени под плаштот на Руската православна црква.
Главни актери, според текстот, се архимандритот Васиан Змеев, поранешен предстојател на Руското подворје во бугарската престолнина, и архипротојерејот Владимир Тишчук, претставник на Московската патријаршија и настојател на Подворјето во Софија. Заедничко за двајцата, како што се наведува, е што дејствуваат по линија на патријархот Кирил, за кого во написот се тврди дека ја претворил Црквата во инструмент на Кремљ.
Faktor.bg потсетува дека до септември 2023 година Васиан Змеев бил на чело на Подворјето во Софија, но бил протеран од Бугарија од страна на ДАНС под сомнение за шпионска дејност. Заедно со него, според текстот, престојот им бил прекинат и на Евгениј Павелчук и Владимир Бонко, кои биле прогласени за персона нон грата и во Македонија.
Васијан Змеев протеран од Бугарија, откако доби забрана за влез во Македонија
Како „награда“, пишува порталот, Васиан добил ново назначување во Ерусалим. Во истрагата што ја објавил најтиражниот весник во Израел, како што пренесува Faktor.bg, се изнесуваат претпоставки дека неговата мисија е поврзана со стекнување сопственост врз Александровското подворје во Стариот град на Ерусалим. Местото на Васиан во Софија го презел Владимир Тишчук, кој повеќе од две децении служел во рускиот храм „Св. Николај“ во Виена. Неговата кариера, како што се наведува, минува низ Одделот за надворешно-црковни врски на Московската патријаршија, за кој во текстот се тврди дека функционира како продолжена рака на руските специјални служби.
Според израелски извори на кои се повикува Faktor.bg, неодамна Васиан и Тишчук оствариле средба во Ерусалим, за време на богослужба пред храмот „Гроб Господов“. Порталот наведува дека посетата не била официјално објавена, а биле доставени и фотографии и видеоматеријали од нивната средба.
Во написот се претпоставува дека линијата Израел – Русија овозможува координација на активности, при што Тишчук се јавува како посредник кој ги пренесува пораките и задачите кон Европа. Под маската на поклонички патувања, се тврди дека се одржува мрежа на влијание, насочена и против Вселенската патријаршија, со цел блокирање на признавањето на новата Независна украинска црква.
Во заклучокот на написот се тврди дека оваа дејност, маскирана под црковна активност, се одвива од престолнината на Бугарија, а руските православни интереси, според порталот, уживаат покровителство од бугарскиот патријарх Даниил.

