Митрополитот Брегалнички Иларион, со благослов на архиепископот Охридски и Македонски Стефан, учествуваше на црковните чествувања во Стара Загора, организирани по повод повеќе значајни годишнини на Старозагорската епархија и нејзиниот митрополит Кипријан.
Митрополитот Иларион на 6 и 7 октомври престојуваше во Стара Загора на покана на старозагорскиот митрополит Кипријан. Тој присуствуваше на вечерната богослужба и духовната академија, а сослужуваше и на празничната Архиерејска литургија со која началствуваше бугарскиот патријарх Даниил.
Во Стара Загора, покрај архиереи на Бугарската православна црква, на Литургијата учествуваа и претставници на повеќе помесни православни цркви.
Чествувањата во Стара Загора имаа и посебен момент поврзан со Охрид и свети Климент Охридски.
Во рамките на четиридневната програма, во Стара Загора беше донесена и чесната глава на свети Климент Охридски, пред која верниците и учесниците на прославата се поклонуваа во текот на деновите на чествувањето.
Со свечениот пречек на чесната глава на свети Климент започна програмата посветена на шест црковни годишнини – 155 години од основањето на Старозагорската епархија, 130 години од изборот на првиот старозагорски митрополит Методиј и 100 години од раѓањето на митрополитот Панкратииј.
Истовремено се одбележаа и 50 години од раѓањето на митрополитот Кипријан, 30 години од неговото монашење и 10 години од неговата интронизација на старозагорскиот митрополитски престол.
Токму на присуството на свети Климент Охридски се осврна и бугарскиот патријарх Даниил во своето слово, потсетувајќи на примерот на охридскиот архиереј пред чија чесна глава верниците во Стара Загора се поклонуваа.
На свечената Литургија патријархот Даниил му го врачи орденот „Свети Јован Рилски“ од прв степен на старозагорскиот митрополит Кипријан.
Одликувањето е одлука на Светиот Синод на Бугарската православна црква по повод црковните чествувања и за заслугите на митрополитот Кипријан кон Бугарската православна црква.
За патријархот Даниил ова беше прва посета на Старозагорската епархија откако беше избран за поглавар на Бугарската православна црква.
Во Стара Загора тој истакна дека десетгодишното служење на митрополитот Кипријан е поврзано и со признанието што го добива во градот, каде неодамна беше прогласен и за почесен граѓанин.







