Епископот Партениј му ја честиташе годишнината на митрополитот Георгиј, подарувајќи му скапоцена панагија

Date:

Share post:

На годинашната манастирска слава на Бигорскиот манастир, посветена на Рождеството на свети Јован Крстител – Иванден, епископот Антаниски Партениј упати срдечна честитка до митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј за годишнината од неговата митрополитска служба во Дебарско-кичевската епархија, подарувајќи му скапоцена архиерејска панагија.

Честитката беше упатена по завршувањето на светата архиерејска Литургија, отслужена во соборно сослужение, каде што митрополитот Георгиј учествуваше во прославата на патрониот празник на манастирот, заедно со епископот Партениј, бројно свештенство, монаштво и верен народ.

Во своето обраќање, игуменот Партениј, од свое име и од името на бигорското братство, му изрази благодарност на митрополитот Георгиј за неговото присуство и љубов кон обителта, упатувајќи му молитвени благопожелби за крепко здравје, духовна сила и долгогодишно плодно архипастирско служење во лозјето Христово.

-Како знак на почит, а воедно и по повод годишнината од неговата митрополитска служба, владиката Партениј му подари уникатен манастирски архиерејски енколпион – панагија, изработена со особена уметничка и духовна симболика. На панагијата е претставена Пресвета Богородица, Царицата Небесна, седната на царски престол, а од нејзината лева и десна страна, во молитвен став, се изобразени свети Јован Крстител и свети Јован Дебранин – првиот ктитор на Бигорскиот манастир. Овој драгоцен дар, врачен во денот кога Бигорската обител соборно го прославува својот небесен покровител, претставуваше и видливо сведоштво за заемната почит и добрата соработка меѓу митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј и бигорското братство предводено од епископот Партениј, велат од Бигорски.

Инаку, на светата Литургија, отслужена по повеќечасовното празнично бдение, покрај митрополитот Георгиј и епископот Партениј, сослужуваа и бројни свештенослужители од земјата и од странство, а на богослужбата присуствуваа и гости од Света Гора, Грција, Албанија, Романија и Србија. Со тоа, и годинашната бигорска слава уште еднаш ја посведочи својата соборна димензија и својата духовна отвореност, собирајќи околу свети Јован Крстител верни од различни краишта, во заедничка молитва, благодарност и празнична радост.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img