Во Цетињскиот манастир во Црна Гора на 1 септември беше отслужена Света Литургија и молебен за благословен почеток на новата учебна година.
Со богослужбата чиноначалствуваше епископот Делчевско-каменички г. Марко, во молитвено присуство на архиепископот Цетињски и митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј од Српската православна црква.
На богослужбата присуствуваа учениците од Богословијата „Св. Петар Цетињски“, за кои по молебенот епископот Марко упати архипастирско слово.
Осврнувајќи се на значењето на богословското образование, епископот Марко истакна дека звањето „богослов“ е голема чест, но истовремено и голема одговорност.
„Само неколку светители ја носат таа голема титула или звање богослов: свети Јован Богослов, свети Симеон Нов Богослов, свети Григориј Богослов. Што значи дека тоа е многу важно и одговорно звање за сите вас кои дојдовте да го земете тој крст врз себе, да учите, да се просветлувате, за потоа вие да можете да ги просветлувате другите луѓе“, рече владиката Марко.
Тој им порача на учениците дека имаат особена привилегија што своето образование го стекнуваат во близина на Цетињскиот манастир, каде што се моштите на свети Петар Цетињски и десницата на свети Јован Крстител.
„Вие имате голема привилегија што сте близу до оваа света Цетињска обител, учите и се образовате со знаењето и благодатта на Светиот Дух овде каде што се моштите на светителот свети Петар Цетињски и десницата на свети Јован Крстител, големи Божји угодници, кои како пример и како патокази ни стојат во светот — патокази кон вечноста, кон Царството Божјо“, истакна епископот Марко.
Говорејќи за богословското образование како „крст“ и одговорност, владиката им порача на учениците да истраат во учењето и духовното напредување, нагласувајќи дека Христос е со нив и им помага да го носат својот крст до крај.
„Нека Бог ви дава благодат во изобилство, да чувствувате радост што сте богослови, што имате можност малку подлабоко да се запознаете со науката Божја“, рече тој.
Епископот Марко им посака новата учебна година да биде исполнета со духовна корист и знаењето што го стекнуваат да им биде од корист не само ним, туку и на луѓето на кои еден ден ќе им ја пренесуваат верата.

