Малата православна заедница во Техеран се собира во единствената православна црква во Иран – храмот „Благовештение“, кој функционира под строги ограничувања и со ретки пастирски посети.
Архимандрит Никифор Куналис, кој во неколку наврати служел како парохиски свештеник во Техеран, сведочи дека богослужбите се извршуваат исклучиво за време на Страсната седмица, кога храмот повремено се отвора. Употребата на друг јазик, освен грчкиот, како и вршењето на тајни како крштевки и венчавки, не е дозволена, бидејќи се смета за прозелитизам.
На богослужбите присуствуваат мал број верници, како и православни дипломати од странски амбасади. Свештеникот се движи низ градот во цивилна облека, со строго ограничени релации, а престојот му трае само неколку дена. Отец Никифор раскажува за еден трогателен момент: „Утрото на Велика Сабота, по службата на гробиштата, се придружив на група луѓе меѓу кои имаше и млада жена од повисока општествена класа на Иран. Додека разговараа, жената ми кажа дека во нејзините соништа често ѝ се појавувала убава жена облечена во црно, советувајќи ја: „Запознај го мојот Син“. Тој објаснува дека со сигурсност сметал дека таа жена е Пресвета Богородица, па продолжи: „Сепак, не одговорив директно на нејзиното искуство, бидејќи не знаев која е таа. Мислев дека можеби била назначена од режимските власти да ги следи моите движења. Едноставно ѝ реков да не се задржува на сонот и дека треба да му се моли на Бога. Ако сонот е од Него, нека ѝ дозволи повторно да го види истото; а ако е од ѓаволот, нека никогаш повеќе не го види. Но, фактот што девојката толку спонтано го изрази она што го доживеала, беше нешто уникатно.“
Храмот „Благовештение“ има особено место во историјата на Православието во Иран. Тоа е единствената православна црква во Иран денес, основана е на 29 септември 1951 година, а на Божиќ истата година е отслужена првата Божествена литургија. Во минатото, таму служел и Архиепископот Макариј од Австралија, кога сè уште бил архимандрит, потоа и покојниот Вселенски патријарх Димитријтам, а храмот бил осветен во 2001 година од Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Изграден е по проект на Националниот технички универзитет во Атина и претставува еднокорабна базилика со неокласични елементи.
Архимандритот посочува дека за некои верници, особено за оние со иранско потекло кои тајно го примиле христијанството, учеството во Светата причест претставува ризик по животот. Токму затоа, пастирското присуство, иако ретко, има огромно духовно значење. Тој се сеќава и на следниов шокантен настан: „Во саботата навечер, по завршувањето на службата за Воскресение, тајно ми пристапија две лица од иранско потекло. Ме замолија да им дадам света Причест откако останатите верници ја напуштија црквата. Тие живееја во Техеран и, за надворешниот свет, се сметаа за муслимани! Фактот дека примиле света Причест не смее да стане познат, бидејќи во тој случај нивните животи би биле во опасност. Иако официјално се сметаа за муслимани, тие беа крстени како православни христијани за време на претходна посета на православна земја.“
„Некои луѓе чекаат и по две години, само за неколку дена да имаат свештеник меѓу нив“, сведочи архимандрит Никифор, нагласувајќи дека верата во Техеран опстојува тивко, но длабоко.


“Малата православна заедница во Техеран се собира во ЕДИНСТВЕНАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА во Иран…” – ова е наративна дезинформација или едноставна лага во ера на информации?