Почетна Анализа Дали МПЦ-ОА е призната автокефална црква со томосот од СПЦ – анализа на 360 Степени
Дали МПЦ-ОА е призната автокефална црква со томосот од СПЦ – анализа на 360 Степени

Дали МПЦ-ОА е призната автокефална црква со томосот од СПЦ – анализа на 360 Степени

690
2

Емисијата 360 степени направи анализа за состојбата во која се наоѓа МПЦ-ОА година и половина откако доби Томос за автокефалност од СПЦ, а претходно беше вратена во канонско единство од Вселенската патријаршија. Анализата доаѓа по интервјуто на митрополитот Крушевско-демирхисарски Јован за истата емисија.

Во продолжение ја пренесуваме целата анализа и видеото. Погледнете.

Следејќи ја изјавата на Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован дека „кога сите цркви ќе ја прифатат автокефалијата, тогаш тоа е совршена автокефалија“, „360 степени“ во анализа се обидува да дојде до одговорот на прашањето до каде е процесот за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија по минатогодишното примање на црквата во канонско единство со останатиот православен свет, добивањето томос од Српската православна црква и признавањето од уште три цркви

Нашите соговорници – новинарите Марјан Николовски и Бранко Ѓоргевски, велат дека има опасност прашањето на заокружување на автокефалноста да стане жртва на политичките и игрите на интереси меѓу двата главни центра на православието – Цариград и Москва

Што се случува со македонското црковно прашање откако во мај минатата година, по 55 години неприфатеност, Македонската православна црква-Охридска архиепископија беше примена во канонско единство со останатите православни цркви?

Дојде и томос за автокефалност, но не од Вселеснката патријаршија, како првопрестолна црква во православниот свет, во согласност со вековната практика, туку од Српската православна црква.

„МПЦ, во суштина, во моментов се наоѓа во статус-кво ситуација во која успеа да издејствува согласност од СПЦ за добивање автокефалност или изодување на пола пат, но не дозавршена автокефалност“, вели Марјан Николовски, новинар со долгогодишно следење на ова прашање.

Дека работата не е завршена за „360 степени“ призна и ново-стариот владика на МПЦ, Јован.

„Треба да се најде модус како и на кој начин би можела Вселенската патријаршија, да не биде повредена, како првотрона црква која досега само таа издавала томоси“, рече Митрополитот Крушевско-демирхисарски.

Што значи тоа во заокружувањето на процесот на признавање на МПЦ-ОА?

„Процесот на добивање на статусот на автокефална црква очигледно е во некој застој“, анализира новинарот Бранко Ѓорѓевски, новинар со децениско искуство за црковсни прашања.

Православието, како што кажуваат и самите духовници, е поделено како ретко кога. Јазот се движи по линијата на интересите на двата главни центри во православниот свет – Цариград, Константинопол, древното седиште на религијата, отелотворено во Вселенската патријаршија и Москва, градот од каде Руската црква управува со најголемата православна заедница во светот. Поделбите се одамна, но се нагласија во последните години – Московската патријаршија, која се перцепира и како експонент на политиката на Владимир Путин, сака да доминира со словенско-јазичните цркви за сметка на вековниот авторитет на Цариград, вообичаено дел од т.н елински православен блок.

Во такви услови, кои имаат и политичка позадина, сосема неочекувано, дојде помирувањето меѓу Белград и Скопје во мај 2022-та. Но, работата со автокефалноста на МПЦ остана недовршена – црквата е примена во канонско единство, но е призната за автокефална од само четири цркви – покрај Српската, и од Руската, Бугарската и Романската.

„Цело е кога има се, тоа е и во овој случај, кога сите цркви ќе ја прифатат автокефалијата, тогаш е совршена автокефалија…“, изјави владиката Јован во интервјуто за „360 степени“.

Каде е проблемот? Одговори побаравме од двајца новинари кои со децении го следат процесот. Марјан Николовски укажува на пропуст – намерен или ненамерен, случаен или со умисла…

„Не постои црква која досега станала автокефална во 19 и 20 век кога всушност и сите денешни цркви се возобновиле без томос на Цариград. Тоа го вели и владиката Јован – дека досега не постои друга православна црква, но она што тој потенцира дека не постојат два томоси. Ќе нема два томоса зашто со издавањето на томосот од Вселенската патријаршија пралтично томосот на СПЦ ќе се толкува како документ на согласност на СПЦ за признавање на посебна автокефална црква на подрачјето на границите на државата Македонија“, анализира Николовски.

Изјавата на Јован дека не може да има два томоса за една автокефалност, Бранко Ѓорѓевски ја толкува како признание за нечија заднинска игра..

„Владиката Јован мислам дека несакајќи ја демаскира стратегијата на СПЦ и доделувањето на томосот во еден краток период што пак беше многу индикативно. Точно е дека не може да има два томоса, туку само еден и тоа на Вселенската патријаршија која треба да го издаде конечниот томос и да не запише во диптихот на православните цркви“, вели Ѓорѓевски.

Значи ли тоа дека прекршувањето на традицијата, како дел од некаков план на Москва и Белград, се „прекрши“ токму на случајот на МПЦ?

„Во овој случај, за првпат томос издава друга автокефална црква, ама не може да се каже дека тоа е по вина на СПЦ или пак претензии на Руската црква, туку зашто тоа прашање не е решено“, изјави владиката Јован.

Така не мислат нашите соговорници – велат: Ако нема нови правила, важат старите вековни.

„Москва и Белград прават нова стратегија со која, како што вели Јован, можеби е преуранет потег, а е преуранет. Умислата беше во тоа со томосот да се дискредитира Цариградската патријаршија како првопрестолна црква која издава томоси за втокефалност, туку дека сега таа надлежност може да ја имаат сите православни цркви, што мислам дека може да биде апсурдно. Второ, тоа е еден очигледен чекор, стратегија, нашето црковно прашање да остане нерешено. Зошто во томосот напишан во Белград пишува дека не признаваат како Македонска православна црква  – Охридска Архиепископија и кој томос се праќа на други цркви за усвојување зашто за признавање на нечија автокефалност треба да се постигне консенсуз од сите православни цркви. Да ве прашам, кога православните цркви, особено грчките ќе дадат согласност да се признае тој томос со име Македонска православна црква“, прашува Ѓорѓевски.

„Руската црква се обидува, подолг период, под своја закрила да ги стави сите словенско јазични цркви – полска, чешката, словачката, српската и денеска МПЦ и практично да стане доминантна над грко-јазичните цркви блиски до Константинопол. Тоа е основата на приказната на РПЦ да ги убеди македонските владици дека тоа што им го дале српските владици е вистинската приказна и тоа е поводот како понатаму треба да се решава автокефалноста и нема што повеќе да се бара од Цариградската патријаршија“, смета Николовски.

Во таква сложена ситуација на црковно-политички игри прашањето кое се поставува е како да се дојде до решение со кое МПЦ-ОА ќе дојде до целосно призната автокефалност? Никој во нашата анализа нема дилеми дека патот води преку Цариград.

„Со многу напорни преговори секако дека може да се убеди Вселенската патријаршија овој томос да го третира како предлог. Во суштина така и беше договорано, значи мајката црква да даде предлог…“, рече г. Јован.

„До сега проблемот ќе беше надминат и томосот за автокефалност ќе беше пристигнат и предаден на архиепископот Стефан доколку тие не ја слушаа РПЦ и ги ставија во ќор-сокак односите со Цариград. Документот што лани го добија од Белград требаше да го земат и со него да заминат на преговори во Цариград и да го искористат како согласност на СПЦ дека нема каконски пречки за МПЦ да го добие автокефалниот статус под името Охридска архиепископија и досега работите ќе беа завршени. Но, очигледно е дека дел од владиците во МПЦ, еден или двајца, кои се под прилично силно сериозно влијание на Москва се толку моќни за да ја стават цела црква во залог на руските црковни интереси“, мисли новинарот Марјан Николовски.

Како знак за руско влијание може да се толкува и мартовска одлука на синодот на МПЦ во работен состав, потпишана од поглаварот Стефан, со која им се забранува на владиците и свештениците да сослужуваат со духовници од Украинската православна црква која доби томос за автокефалност од Цариград, што не го прифаќа Москва.

Пред неполни два месеца шефот на руското црковно предворје во Софија, Васијан Змеев, доби забрана за влез во Македонија. Станува збор за високопозициониран свештеник на Руската црква кој во изминатиот период имаше чести средби со врвот на МПЦ-ОА.

Дополнително, владици на МПЦ јавно порачуваат дека томосот од Белград е доволен и дека нема потреба за потврда од Вселеснката патријаршија.

„Се сакаше, а очигледно тоа се постигнува, во нашето црковно јадро да се направи блок владици кои ќе го прифафтот тој томос од Белград како легален и ќе се откажат од Цариград како инстанца од која ќе бараме автокефалност. На пример, однесувањето на кумановско-осоговскиот владика Григориј кој во свои документ пишува дека процесот е завршен и дека со издавањето на тој томос од Белград е постигната автокефалност очигледно покажува дека целта  се остварува. Постои такво јадро кое прифаќа таква теза и мeне ми е страв дека тоа јадро ќе биде посилно“, завршува Ѓорѓевски.

/360 степени

Коментар(2)

  1. Ako e falš ovoj tomos od SPC, MPC neka si go čuva da ima što da mavta pred zlobnicite deka nemame tomos za avtokefalnost. Ubavo e da se ima bili kakov, nego da se nema nikakov. Podobro e da imaš bilo kakvi opinci, nego bos da oduš na gosti i vo društvo.

  2. Ako e lažen ovoj tomos od SPC, neka si go čuva MPC, lesno će go trli v kanta koga će go dobije pravio od Carigrad, ako go dobije. Nekoi velat deka će go dobije na Kukovo leto, ako, togaš i togaš, važno da go dobije.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *