Почетна Анализа ФЕЉТОН – Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз (1)
ФЕЉТОН – Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз (1)

ФЕЉТОН – Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз (1)

408
0

Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз, првите години по втората светска војна е научен труд на полскиот историчар и балканист Тадеуш Чекалски. Станува збор за исклучително вреден научен труд кој се обидува да го лоцира влијанието на Руската православна црква врз балканските православни цркви, почнувајќи веднаш по Втората Светска Војна. Религија.мк, ќе го објави целиот текст во форма на фељтон во неколоку продолженија, од кои се добива јасна слика за империјалистичките и територијални претензии на Руската црква врз балканските цркви.

Овој труд на професорот Тадеуш Чекалски првпат е објавено во Balcanica Posnaniensia vol. 30 (December 2023).

Авторот Чекалски е полски историчар, балканист, доктор по хуманистички науки. Работи како професор на Институтот за историја на Јагелонскиот универзитет. Се занимава со историјата на Балканот во 19 и 20 век и социјалната историја на Европа во 19 и 20 век. Автор на 10 книги и над 70 научни статии. Член на Комисијата за балкански студии при огранокот во Познањ на Полската академија на науките и Централноевропската комисија на Полската академија на науките. Од 2019 година, член на Дисциплинскиот совет за историја на Јагелонскиот универзитет .

АПСТРАКТ.

Целта на статијата е да се прикажат концептот и дејствијата преземени од советската дипломатија и јерархијата на Руската православна црква да ги потчини православните заедници во Балканските комунистички земји. Механизмот за потчинување на балканските цркви е вклучен во компаративна перспектива и интегриран во поширокиот концепт на Московската патријаршија кон стекнување водечка улога во православниот свет во првите години по завршувањето на Втората светска војна.

Процесот на зависност и неговите ефекти се рефлектираат во дипломатските документи, но и во оние произведени од самите православни цркви. Клучниот елемент за стекнување на централна положба во православниот свет од страна на Москва беше организирањето на јубилејни прослави и конференции за да се интегрира заедницата и да биде вклучена во спроведувањето на плановите за советска политичка доминација. Резултатите од овие напори беа многу ограничени во однос на амбициите наведени од раководството на советската држава, откривајќи различни позиции на главните патријаршии, како и вистинска сила на авторитет и престиж што непроменливо ги уживаше Вселенската патријаршија.

ПРВИТЕ ГОДИНИ ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Победата во Втората светска војна одигра клучна улога во процесот на градење советска сфера на влијание во Централна и Југоисточна Европа. Процесот на потчинување балканските земји кои паднаа во орбитата на советското влијание (Бугарија, Југославија и, со текот на времето, Албанија) се однесуваа на заедничкото минато што ги поврзува земјите од Југоисточна Европа со Руската империја, но исто така алудираше и на елементи од културно и верско единство. Во овој случај, изложувањето на словенството како обединувачки фактор ја поттикна изградбата на заеднички идеолошки простор, чија основа би можела да биде православната вера, како исповедание со кое се идентификуваше мнозинството од населението на Балканскиот Полуостров, заедно со мнозинството од населението на Русија – односно оној дел кој не претрпе процеси на атеизација. Исто така е тешко да се прецени улогата што ја одиграа свештениците образовани во руските свештенички академии во историјата на балканското Православие.

Можеби изгледа дека е необичен парадокс на советската надворешна политика од доцните 1940-ти тоа што државата, изградена од 1917 година на темелите на нерелигиозноста и атеистичкиот светоглед, почна да го користи авторитетот на Руската православна црква (РПЦ) на инструментален начин за да постигне непосредни политички придобивки. Почнувајќи од 1943 г. политиката на комунистичките власти кон РПЦ видно омекна, а свештенството, против кое прогонот престана, се очекуваше да се вклучи во мобилизацијата на општеството да се бори против Германците. Уште еден израз на новата верска политика беше основањето на Советот за Руската православна црква во 1943 година, кој работеше под Советот на народни комесари на СССР. Георги Карпов, кој го предводеше Советот, заедно со Иван Полјански (претседател на Советот за религиозни работи) од 1944 година, беше задолжен за координирање на „верската политика“ на државата, што во пракса значеше осмислување на активностите насочени кон најефикасно користење на авторитетот на Православната Црква од страна на комунистичката држава и вклучувањето на православната јерархија во задачите извршувани на меѓународно ниво, во согласност со империјалистичките планови на Кремљ. На повикувањето на архиереите да дејствуваат во интерес на државата требаше да му послужат и декларациите дека мрачното искуство на верскиот прогон од меѓувоениот период беше затворено поглавје и дека иднината на односите Држава-Црква треба да се дефинираат со концептот на „нов курс“. Во ноември 1944 година, на средба со православната јерархија, Георги Карпов изјави дека политиката на властите кон РПЦ трајно би се променила, како последица на активниот однос на свештенството за време на Големата патриотска војна. Најавите за враќање на богослужбените предмети што се чуваат во државните музеи беа придружени со декларации за организациска помош и подготвеност на државните претставници да учествуваат во примањето на странски гости кои доаѓаат во Москва на покана на РПЦ.

(ПРОДОЛЖУВА)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *