Почетна Проповеди Да се обратиме кон Свети Климент
Да се обратиме кон Свети Климент

Да се обратиме кон Свети Климент

162
0

Митрополит Тимотеј, на св. Климент Охридски, 2016,  „Св. Климент и Пантелејмон” Плаошник, Охрид

Денеска нашата света Црква го прославува големиот Божји угодник свети Климент, Охридскиот чудотворец. Тој засветли на македонското небо, а ја осветли македонската земја пред единаесет века. Но, свети Климент не само што засветли пред толку векови, туку тој постојано свети и нѐ осветлува и ни го покажува патот во сите овие изминати единаесет столетија. Свети Климент и денеска нѐ поучува и ни го покажува патот кој е спасоносен и угоден на Бога, а му е мил и на свети Климент.

Бог го прославил свети Климент во редот на неговите угодници поради неговиот свет, испоснички, исправен христијански живот, исполнет со добродетели уште додека бил во овој свет и век помеѓу својата паства. Но, тој е уште поприсутен по неговото преселување во вечноста со неговата помош на секоја христијанска душа која со вера, набожност и страв Божји се обраќа и бара поткрепа, заштита и помош од Господа Бога, а преку молитвите и содејствието на свети Климент, Охридскиот чудотворец.

10Уште во стариот завет псалмопејачот Давид вели: „Дивен Бог во свјатих своих” (Пс. 67, 35). Сите луѓе се повикани од нашиот Создател и Промислител Господ Бог, да бидат совршени и свети. (1 Петр. 1, 16). Сите сме повикани кон светоста на Господа Исуса Христа.

Светоста не е ексклузивно наменета само за мал број луѓе, туку напротив. Кон неа се повикани сите христијани. Но, за жал, поради нашите слабости, престапи, гревови многумина не се удостојуваме да ја постигнеме таа цел. Со нашите отстапки од законот и прописот Божји се оддалечуваме од Бога и се она што нè води и издигнува кон светоста и кон Бога.

Во буквална смисла на зборот, свет е единствено Господ. Но, од Неговата светост и поради Неговото човекољубие, Бог допушта одредени праведници и свети луѓе да постигнат светост, и преку тоа да го прославуваат Создателот Господа Бога. Затоа и се вели во псалмот: „Дивен Бог во свјатих своих”. Бог ја покажува својата светост и своето човекољубие токму преку неговите свети угодници, односно ја излева Неговата Божествена благодат на човечкиот род преку Неговите светии. А тие, пак, на нас, коишто живееме во оваа долина на плачот, ни го покажуваат патот, ни го осветлуваат и нѐ поткрепуваат да можеме да го одиме патот тесен и трнлив, но единствен којшто води кон небото, кон возвишеното, кон светото, односно води во прегратките Божји.

22Ние се декларираме како христијани, како православни верници. Одиме во црква, постиме, се причестуваме, примаме свештеник во нашиот дом, понекогаш се исповедаме. За жал најголемиот дел од нас мисли дека со тоа ги исполнил сите побарувања на нашата света Црква и на Господа. Сите овие спомнати дејства неспорно се потребни, бидејќи тие се основа за секој верник кој се декларира дека припаѓа на светата православна Црква и вера. И без нив не може ни да се нарече дека е вистински верник. Но, ако сакаме посериозно да се загледаме во себеси, во нашето срце, во нашиот ум и душа, ќе видиме големи празнини во нашиот живот, односно во нашите постапки – каков живот ние објективно и вистински живееме. Ќе приметиме дека сме исполнети со јарост, со гнев, со завист, со лукавство, дури и со омраза кон нашите блиски, познати и соседи, а да не зборуваме и за поголеми престапи и гревови.

Ако се погрижиме да ги отстраниме овие слабости и престапи од нашиот живот и го насочиме нашето живеење онака како што бара од нас Господ Исус Христос, односно нашата света православна вера и Црква, тогаш нема да живееме формално христијански живот, туку ќе живееме живот којшто Му е угоден на Бога и Божјата благодат ќе биде излеана врз нас. Тогаш ќе ја постигнеме реалната цел, а тоа е Светиот Дух да биде со нас. Тогаш и нашиот живот ќе биде не само формално христијански, туку вистински благодатен и ќе можеме да се надеваме на спасение на нашата душа.

15Од светоотечката литература имаме еден пример кој многу нè поучува каде се наоѓа Божјата благодат кај оние луѓе што живеат живот спред волјата Божја. Се вели дека неколку монаси се качиле на бротче и така движејќи се по морето наишле на еден остров на кој живееле неколкумина обични монаси. Од љубопитност застанале да видат кои се тие и каков живот живеат. Од разговорот заклучиле дека овие монаси не ги знаеле основните молитви кои се неопходни во монашкотот правило и живеење. Затоа ги подучиле на некои основни молитви, а потоа со бродот се упатиле назад кон својот манастир. Но, овие монаси преиспитувајќи се, заклучиле дека заборавиле една од молитвите, па тргнале по водата за да ги стасаат оние кои заминале со бродот, како би ја дознале молитвата која ја заборавиле. Кога монасите ги виделе како одат по вода како по суво им довикнале: Молете се и живејте како и до сега. Со други зборови, кај овие прости монаси била излеана благодатта Божја во толкава обилност што можеле да одат по вода како по суво, бидејќи живееле свет испоснички и благодатен живот.

Да се обратиме и ние кон свети Климент, Охридскиот чудотворец. Да се застапи пред Севишниот, да ни ја зацврсти верата и умножи благодатта. Па и ние да поживееме Богоугоден живот. Така со Божјите угодници и заедно со свети Климент да можеме да го прославуваме Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *