Почетна Коментар Црквата во 2022: Дали е на повидок канонско признавање на МПЦ-ОА?
Црквата во 2022: Дали е на повидок канонско признавање на МПЦ-ОА?

Црквата во 2022: Дали е на повидок канонско признавање на МПЦ-ОА?

1.41K
3

На крајот од календарската година, четири настани фрлаат важно светло врз местото на МПЦ-ОА во меѓународните црковни односи, најавувајќи можен почеток на една нова ера во животот на православните христијани во нашата држава. Тоа се:

Прво, настапот на Братството на Бигорскиот манастир на Првиот меѓународен фестивал на византиска музика во Атина, на покана на Министерството за култура и спорт на Грција и на Здружението на псалти од Атика, а со благослов на Архиепископот Атински и на цела Грција, г. Јероним, на 3 декември 2021 година;

Второ, одличната промоција на филмот за најголемиот чудотворец на 19 -от и 20-от век Свети Нектариј Егински – „Божји човек“, со благослов на Архиепископот Стефан, на 10 декември 2021 година;

Трето, посетата на монасите од четири македонски манастири предводени од епископот Антаниски Партениј на Вселенската патријаршија и средбата со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во Фанар седиштето на Вселенската Патријаршија, на 15 декември 2021 година;

Четврто, учеството на Епископот Партениј на светската премиера на документарниот филм „Вселенскиот Патријарх Вартоломеј – триесет година служба“, во Солун, на покана на претставникот на Вселенската Патријаршија во Солун, Епископот Никифор, на 19.12.2021 година.

Вистинското значење и големина на овие настани може да се увиди доколку се анализираат низ една временска дистанца. Имено, пред само неколку години нешто што изгледаше како далечен сон за МПЦ-ОА и за православните верници, денес станува реалност. Tоа е крајот на еден непријатен период во кој доминираше инфлацијата на лоши вести, односно почетокот на една нова позитивна ера на соработка помеѓу православните верници и споменатите цркви.

Овие настани претставуваат продолжение на новата динамика во однос на стремежите на МПЦ-ОА за добивање афтокефален статус со помош на Вселенската патријаршија. Оваа нова динамика започна да се развива во текот на 2017 и 2018 година, а круната на овој процес е писмото на Синодот на МПЦ-ОА упатено до Вселенската патријаршија со кое се бара Константинополскиот патријарх да го искористи своето апелациско право за конечно, веројатно фазно, решавање на македонското црковно прашање. Писмата на политичкиот врв на државата, пак, упатени до Вселенскиот патријарх од 20.9.2020, односно од 22.9.2020, ја зацврстија перцепцијата и на домашен и на меѓународен план во однос на претходно декларираниот консензус.

Исто така, и Вселенскиот Патријарх, во едно радио интервју од 2019, произнесувајќи се во однос на оваа околност, од своја страна ја постави траекторијата за разрешницата на македонското црковно прашање, најавувајќи дека Вселенската патријаршија, во согласност со сопствените историски втемелени надлежности, ќе постапува по Барањето за еклитон во случајот со МПЦ-ОА, право кое е воспоставено уште од Четвртиот вселенски собор и се однесува на можноста од носење на конечна одлука при меѓуцрковни спорови. Ова значи дека конечно, по толку децении, прашањето се интернационализира, односно престанува да биде ексклузивна надлежност само на СПЦ.

Во контекст на споменатото, важно е да се нагласи и дека автокефлноста не треба да се разбера како апсолутна самостојност, сфатена во самовласна смисла. Напротив! Тоа подразбира единствено взаемна поврзаност и зависност на помесните православни цркви во едната света и соборна Црква, односно состојба на внатрешна независност, меѓутоа и состојба во која сите помесни цркви се обединети преку првопрестолната Црква во Цариград, во согласност со каноните и традицијата.

Имајќи го во пред вид споменатото, во 2022 година Република Македонија и нејзината Црква влегуваат со оптимизам за почеток на процесот за решавање на црковното прашање, на што упатуваат три групи на околности:

Прво, востановениот консензус во Синодот на МПЦ-ОА околу очекувањата од Вселенската патријаршија за искористување на апелациското право;

Второ, очекувањата дека емитираната поддршка од страна на државниот врв ќе продолжи да се одржува на едно високо ниво, при што треба да се нагласи и дека ангажманот на институциите во насока на поддршка на легитимните цели МПЦ-ОА за автокефален статус низ годините до денес е во целосна согласност со начелото на секуларизам, како и со Уставот и законите на државата;

Трето,  како ретко кога низ историјата, решавањето на македонското црковно прашање – како од аспект на Вселенската патријаршија, така и од аспект на МПЦ-ОА – е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на државата, како и со декларираните интереси на САД во меѓународните политички односи.

Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното нерешено важно национално и државно прашање, чие успешно решавање неповратно ќе ја зацврсти и ќе ја унапреди стабилноста на нашата држава. Околностите во оваа смисла, даваат повод за оптимизам за одредени позитивни придвижувања за конечно, но побрзо отпочнување на решавањето на македонското црковно прашање, а средбите со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, како и споменатите настани, може да се толкуваат како позитивен прилог во насока на остварување на оваа децениска цел.

Пишува: Александар Спасеновски – Правен факултет Јустинијан Први

Коментар(3)

  1. Во вашиот текст велите цитирам “ Во контекст на споменатото, важно е да се нагласи и дека автокефлноста не треба да се разбера како апсолутна самостојност, сфатена во самовласна смисла. Напротив! Тоа подразбира единствено взаемна поврзаност и зависност на помесните православни цркви во едната света и соборна Црква, односно состојба на внатрешна независност, меѓутоа и состојба во која сите помесни цркви се обединети преку првопрестолната Црква во Цариград, во согласност со каноните и традицијата”. Она што не го разбирам е како може Универзитетски професор по право ова да го напише! Каква самостојност постои ако таа не е апсолутна? Дали тој смета дека “Semi autonomy” е самостојност? Вели тоа подразбира взаемно поврзаност, а понатаму се демантира себе си велејќи со инакви зборови ВРЗАНОСТ! Драг професоре врзаност и поврзаност се два различни термини си различно значење. МОЦ-ОА нема потреба да се ВРЗУВА И ДА ЈА ВРЗУВА НИКОЈ! Тас е автокефална самостојна Црква со смисла на “Self Government”, а неспорна е нејзината поврзаност и натамошно поврзување со сите други ПРАВОСЛАВНИ АФТОКЕФАЛНИ ЦРКВИ, како Српската, Руската, Романската, Бугарската, Грчката….. зошто ние би биле ВРЗАНИ, а потоа да се поврзуваме??!!, ако ВРЗИТЕЛОТ Е ВЕЌЕ ПОВРЗАН??!! Non sense pat excelance! Драг професоре!

  2. ” во согласност со каноните и традицијата”
    (sapienti sat.)

  3. Оливер можеби ќе помислев дека знаеш што зборуваш ако не почувствував дека мотивот ти е чуден, а теолошки слабо поткован си, а и латинизмите не се најправлино употребени. Ако не беше така ќе сфатеше дека професорот реферира (дури и без да цитира) на Колосјаните 1:18. Но како да Ви кажам, добро е во ова земја што секој има право да каже што мисли па еве имаме можност и да се насмееме малку.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *