Почетна Анализа БОГОЈЕСКИ: Македонците со право се загрижени, но паѓаат под туѓи пропаганди!
БОГОЈЕСКИ: Македонците со право се загрижени, но паѓаат под туѓи пропаганди!

БОГОЈЕСКИ: Македонците со право се загрижени, но паѓаат под туѓи пропаганди!

334
2

После признавањето на МПЦ – ОА од страна на Вселенската Партијаршија, се отвори голема дискусија помеѓу македонските граѓани, за жал и повторна поделба помеѓу Македонците, за тоа дали е тоа пријателски или непријателски чин кон МПЦ – ОА и општо кон нас, констатира лидерот на Македонски Концепт Петар Богојески.

Македонците се со право загрижени за својата Црква и за македонските работи, бидејќи самото известување од Цариград, но и руското влијание во македонскиот медиумски простор, направија доволно за отварање на низа дилеми.

Најдискутирано е името на признатата Црква, диецезата на МПЦ – ОА во иднина и смешната загриженост дека Русија била против тоа, смета Богојески. Прво сакам да искажам разбирање за загриженоста на Македонците, кое и јас лично го споделувам и да ви кажам дека секој човек има фази од својот развој. Пример јас на времето, Вселенската Патријаршија ја сметав за најголем непријател на МПЦ и како покровител на српското вето за нашата Црква. Потоа благо се противев на промена на името и додавање на ОА, плашејќи се од бришење на зборот „македонска“. Тоа е нормално кога туѓо не сакаш, ама своето не го даваш. Се грижиш за својата мајка Црква, која за нас Македонците живот значи.

За актуелната состојба, прво сакам да нагласам дека МПЦ – ОА после признавањето од Вселенската Патријаршија си останува истата наша македонска МПЦ – ОА, согласно Статут и нејзина регистрација во правниот промет во земјава. Буквално ништо не се менува, само што Вселенскиот Патријарх, неговата сесветост Бартоломеј од нашиот грб ја симна шизмата на расколот со СПЦ, веќе не сме Црква во раскол и екскомуницирана од православната екумена, мислам на сите православни Цркви за полесно да разберете, туку сме веќе во братско единство и сослужение од нив.

Значи ништо не е сменето, ниту нашето име, ниту презиме, ниту статус, ние си остануваме АФТОКЕФАЛНА ЦРКВА согласно Статутот на МПЦ – ОА, само што сега сме во семејството на сите православни Цркви. Тоа е причина за ГОЛЕМА РАДОСТ, тоа е историски чин, тоа е Божја помош за нас Македонците. Имаме низа светли денови во историјата, како двата Илиндени, прогласената независна државност, а сега и признавањето на МПЦ – ОА. Ова е нов Илинден за нас Македонците.

Во врска со името, Македонци треба да бидеме спокојни. Треба да знаете дека во светот на Православието не постоеле Цркви со национални имиња. Црквите биле на одредени територии, без разлика која држава егзистирала на таа територија. Пример нашата славна Охридска Архиепископија била надлежна и за Јужна Италија, од Дунав до Атика, од Италија до Романија и Црно Море. Тогаш таа била Црква во повеќе држави, но не носела име по државите, туку си била Охридска Архиепископија. Таа Црква била наследничка, продолжеток на древната и апостолска Јустинијана Прима, нешто што денес Вселенскиот Патријарх признава дека ни припаѓа на нас Македонците. Знаете ли тоа што значи мили мои? Тоа означува дека нашата МПЦ – ОА се вбројува во редот на неколку древни, веднаш зад најстарите апостолски Цркви, какви што се Антохиската, Александриската, Константинополската и сл. Тоа не е голема чест за нас, тоа е ПРЕГОЛЕМА ЧЕСТ за нас. Поголема нема на овој свет за нас православните Македонци

За време комунизмот се наметнуваат етнички Цркви, односно државни Цркви и тие добиваат имиња според државите. Така Пеќката Патријаршија станува СПЦ, Трновската Патријаршија станува БПЦ, Атинската архиепископија станува ГПЦ, Московската Патријаршија станува РПЦ, Киевската Патријаршија станува УПЦ и сл. Во православниот свет овие називи како СПЦ, БПЦ, ГПЦ, РПЦ и сл. не постојат, туку нивните канонски стари имиња. Само во јавноста пред државите така се идентификувани од политички причини, наследство од комунизмот. Нашите македонски оттци кога ја возобновуваат забранетата и нелегално укината Охридска Архиепископија, од политички причини за време комунизмот била наречена МПЦ, но честа е тоа што нашата света Црква е возобновената древна Јустинијана Прима и Охридска Архиепископија. Затоа кон името МПЦ се додаде и ОА, па станавме статутарно МПЦ – ОА.

Како низ целиот свет така и со МПЦ, Вселенската Патријаршија или древната Константинополска Црква мајка на сите Цркви во светот, не може да признава државни називи на Црквите, како МПЦ, СПЦ, БПЦ, ГПЦ, РПЦ и сл. Таа признава реални, живи Цркви на одредена територија – диецеза, согласно нивното историско право на постоење. Нашето историско право, нашиот континуитет извира од Охридската Архиепископија, па врз основа на тоа, Вселенскиот Патријарх донесе решение за признавање на ОА. Тоа значи признавање на континуитетот на Охридската Црква до денес, што е огромно значење за нас Македонците. Тоа е темелот на нашиот национален идентитет. Што е подобро да признаат Православна Црква на Северна Македонија или Охридска Ахиепископија? Црква која сега се создава во Северна Македонија или древна апостолска Црква? Ние Македонците мака мачиме да докажеме дека сме древен народ, а сега сакаме да имаме Црква од вчера? Свесни ли сме што ова значи за нашиот древен идентитет и легитимитет на оваа територија на Балканот? Мораме да ги отвориме мислите како народ и да гледаме пошироко и подлабоко, за да стигнеме подалеку.

Константинопол ја укина на 17ти мај 1767, сега Константинопол ја признава возобновената Охридска Архиепископија на 9ти мај 2022 година или точно после 255 години. Па тоа е ИСТОРИСКА ПРАВДА, тоа е Божјо чудо, кое не смее да се плука. Плукајќи по тоа, Македонци си плукате врз себе. Оставете ги руските бандити, ботчиња, пропаганда, лажни вести и продадени македонски души за грст рубљи. Тоа се рубља патриоти, платени да ве заведуваат против себе и против Македонија. Русите си имаат нивни руски интереси, тие си имаат нивна приватна кавга со Константинопол од империјални причини. Тоа не е наш македонски проблем, тоа не е наша работа. Тешко ми паѓа кога ќе прочитам луѓе со ниско образование, Македонци кои сакаат да тераат правда, дали била во право Руската Црква или Вселенската? Прво ништо не разбираат, срамота е да се коментира, второ што бараат да се замараат за туѓи бели дворови? Тоа не е наша македонска работа! Тоа не е наш македонски интерес! Наше е да гледаме да добиеме колку може повеќе за Македонија и за МПЦ – ОА! Толку Македонци! – изјавува Богојески.

Руското расположение, нивните интереси, нивната валоризација на српската Црква во Македонија, за нас ништо не значи! Нас тоа не не допира. Русите може да бамбурат колку сакаат, ама тие немаат никаква ниту световна, ниту духовна власт над нас. Фала му на Бога, зашто ако не беше така, ние Македонците немаше да постоиме, ќе требаше да бидеме или Бугари или Срби, Македонија ќе беше Јужба Бановина, а ОА никогаш немаше да се возобнови.

Во врска диецезата на нашата Црква, нормално е Вселенскиот Патријарх да прецизира дека Охридската Архиепископија се возобновува во рамки на територијата на Република Македонија. Секако дека нема да дозволат тоа да биде на територијата од минатото, тоа се денешни Хрватска, Италија, Босна, Србија, Црна Гора, Албанија, Романија, Бугарија и Грција. Што очекувавте, Бартоломеј да укине десет Цркви и сите да ги стави под наша јуриздикција? Дај да бидеме серизони. Ова што го доделува е повеќе од потребното

Во врска со епархиите низ светот, тие си остануваат во нашата Црква како мисионерски дејности, како дел од МПЦ – ОА. Не може да каже Вселенската Патријаршија дека ја укинува нејзината Црква во Америка, а ја признава Македонската епархија за Америка. Што очекувате, да се самоукине Константинопол и да прифати македонската црковна власт? Важно е да сме реални и благодарни на Бога

Оставете туѓи руски интереси, оставете туѓи антимакедонски пропаганди, оставете шпекулации, со право сме сите загрижени, но ова што се случи на 9ти мај 2022 година за нас е нов Илинден и Велигден во едно. Ова е Божја правда пресудена за нас Македонците. Да сме благодарни на Него што конечно ги услиши нашите молитви, ги согледа нашите маки, додели правда. Сега е неважно што ќе правиме со СПЦ и дали ќе не признаат други помесни Цркви како бугарската, албанската, грчката, грузиската и сл. Ние сме афтокефална МПЦ – ОА, која е во сослужение со православната екумена и тоа нема назад.

Слава на Бога, слава на Охридската Црква, слава на МПЦ – ОА и нашиот Архиепископ, неговото блаженство г.г. Стефан, слава на Македонија! – заклучува Богојески.

/МКденес.мк

Коментар(2)

  1. 1. МПЦ не е призната од Вселенската патријаршија.
    2. Пример, ти на времето беше благонадежен, па затоа си ја мразел ВП. Денес, согласно југословенскиот наратив, постана субјективно гркофил.
    3. Признава дека нема да останат епархиите во дијаспората. Тие ќе постанат хуманитарни друштва.
    4. Многу е важно да нѐ признаат сите помесно православни цркви, зошто само така поставуваме дел од Православната екумена.
    5. Петре нема што да заклучи, зошто нема власт ни да отклучи. Петре дувни ветре, сакајќи да биде стручњак за сѐ, изигрува епископ и просветлен. Смешка.

  2. За тоа кои се следните чекори до целосна автокефалност на МПЦ-ОА, тој посочува дека разговорите со СПЦ продолжуваат сѐ додека не се постигне посакуваната цел, а тоа е автокефалност која ќе биде призната не само од една црква, туку од сите.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *