Во Храмот на Светиот гроб во Ерусалим и денеска се појави Благодатниот оган – настан што православните верници го сметаат за едно од најголемите чуда и кој традиционално се случува на Велика сабота, во пресрет на Велигден.
Според црковната традиција, огнот се појавил во кувуклијата, параклисот над Христовиот гроб, откако ерусалимскиот патријарх Теофил III влегол внатре да се помоли. Потоа, тој го изнел огнот и го предал на верниците присутни во храмот.
Годинава постоеше неизвесност околу одржувањето на чинот, бидејќи храмот претходно беше затворен за поклоници поради воведените безбедносни мерки од страна на Израел во услови на тензии со Иран. Вратите повторно беа отворени на Велики четврток, по постигнатото примирје.
