Почетна Коментар Архиепископот Доситеј сопатник на неговите свети претходници и архиепископи на славната и древна Охридска катедра
Архиепископот Доситеј сопатник на неговите свети претходници и архиепископи на славната и древна Охридска катедра

Архиепископот Доситеј сопатник на неговите свети претходници и архиепископи на славната и древна Охридска катедра

354
0

Од промоцијата на монографијата „Возобновителотпосветена на човекот, монахот, Поглаварот – Архиепископот Доситеј

Постојат личности кои се почитувани, прославени и влијателни, личности чијашто појава самата по себе ги поттикнува луѓето да ги следат, да ги слушаат и да ги паметат. Нивниот глас и нивната мисла го привлекуваат вниманието не само на поединци и групи, туку и на цели народи.

Но, постојат и луѓе, не многубројни и ретки, скриени од очите на светот, такви кои пребиваат во спокојот на тишината. Тоа се луѓе со длабок внатрешен живот, и нивниот дар е да ги слушнат воздишките, плачот и молитвите на народите, да се отповикаат на нив, и дејствително и молитвено да му ги принесат на Оној Кој е Љубов (1 Јн 4, 8) и Светлина на светот (Јн 8, 12). Присуството на ваквите луѓе ја буди народната духовност и соборната набожност. Нивната едноставност во зборовите допира до длабочините на човековата душа, нивното неуморно делување секогаш е во полза и утеха на луѓето.

Денес сум почестен, што во присуство на сите вас, ќе проговорам за монографијата Возобновителот, посветена на човекот, монахот, Поглаварот – Архиепископот Доситеј, кој го имал токму тој дар да ја слушне воздишката на својот народ и, како некогаш апостолот Павле, а по него и свети Климент, да се отповика и храбро да го подигне сенародниот крст, достоинствено носејќи го низ ни малку лесната и особено стрмна историска голгота.

Поздравувајќи ја намерата на приредувачот и издавачот, би сакал да ја споделам сопствената колебливост за да ја прифатам честа да се зборува за оваа драгоцена спомен-монографија. Одлуката, пак, да се обратам пред овој уважен собор беше донесена поради две причини. Првата е врежана во мојата детска меморија, и е поврзана со личната средба со Архиепископот Доситеј на Петровден, во далечната 1978 година, во скопската населба Ѓорче Петров. Втората причина се силните исповедни зборови на нашиот Архиепископ г. г. Стефан, кој во своето Слово, изречено по повод 40-годишнината од упокојувањето на Архиепископот Доситеј, ќе рече: и покрај тоа што не сум имал можност повеќе да го запознам, сепак, секогаш имам за него многу што да говорам! Тоа го чувствувам како благородна задача; за него може многу да се зборува, зашто за него навистина има многу што и да се каже.

Монографијата Возобновителот – Споменица во чест на Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј е подготвена и издадена од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во соработка со МПЦ – ОА и ПБФ „Свети Климент Охридски“. Таа е приредена за да се претстави пред македонската и пред пошироката јавност во спомен на 40-годишнината од упокојувањето и 115-годишнината од раѓањето на Архиепископот Доситеј.

Осмисленоста на содржината, внимателниот тематски распоред, изборот на учесници, самиот пристап и методологијата, техничкото уредување, како и богатството на фотографии и илустрации во монографијата Возобновителот, сведочат дека таа не е само обид да му се застане на пат на заборавот, или да се направи некакво историско сеќавање на собитијата и да се даде суво хронолошко изнесување на факти. Напротив, монографијата Возобновителот претставува своевиден исказ на благодарност, непретенциозна пофалба и молитвен принос кон светлата личност на великиот македонски духовен возобновител и еден од најблескавите црковни и национални дејци, грижливиот татко на нацијата, духовниот стратег со богопросветено расудување и далекусежно визионерство – Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј.

Богатиот и разновиден содржински материјал поврзан со животот, делувањето и мисијата на Архиепископот Доситеј е распореден на 411 страници. Од исклучителна важност и особено драгоцени за монографијата се сведоштвата и сеќавањата за ликот и за делото на Архиепископот Доситеј од архијереите на МПЦ – ОА: Архиепископот Стефан и Митрополитите Петар, Тимотеј и Агатангел, кои ја имале можноста лично да го познаваат и да бидат во негова непосредна близина. Во монографијата, освен предговорот и поговорот напишани од нашиот Архиепископ г. г. Стефан, поместени се и Словото изречено по повод 40-годишнината од упокојувањето на Архиепископот Доситеј, како и Словото при откривањето и осветувањето на споменикот на Архиепископот Доситеј во дворот на Архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски“.

Во поговорот, Неговото Блаженство г. г. Стефан, говорејќи за Архиепископот Доситеј, вдахновено ќе забележи: За него е речено дека е „втор св. Климент“, а би додал и „Мојсеј на наше­то време“. И, понатаму: Тој, со Божја помош, успеа сенародната тага да ја претвори во радост, да утеши и да зара­дува по духовната болка што ја носеа бројни македонски поколенија. (…) Направи многу за да се обнови духовниот живот меѓу нашиот православен народ, градејќи ја црквата во народната душа, давајќи пример за свои следбеници, за идни монаси, свештенослужители и архијереи, а со основањето на црковните просветни институции, како обнове­ното Светиклиментово училиште, соз­даде извор за идни кадри во Македон­ската православна црква.  Говорејќи, пак, за особените доблести на дедо Доситеј, Архиепископот Стефан ќе посведочи: Го красеа ретка дарежливост и милосливост кон сите што имаа потреба од помош, а особено кон учениците, студентите и сиромасите.  Во предговорот, пак, насловен како Доблесниот возобновител и обединител, Архиепископот Стефан со право ќе заклучи: Но, блаженоупокоениот архиепис­коп Доситеј не е само возобновител туку е и обединител на нашиот народ и на нашата Света Црква. Можеме ли да замислиме што сѐ ќе се случуваше со нашиот народ ако немавме своја са­мостојна црква (…) Прашање е, исто така, што ќе беше со црковните општи­ни организирани од доселените Маке­донци во Мелбурн, во Гери, во Торон­то и во другите градови меѓу бројните нашинци во Австралија, Америка и во Канада, ако ја немавме возобновено нашата древна црква и ако го немавме духовниот водач, каков што го добивме во личноста на блаженоупокоениот архиепископ Доситеј?!

Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, како највозрасен архијереј, имал можност подолго време да го познава Архиепископот Доситеј. Тој, во своите сеќавања за животот и за делото на Неговото Блаженство, на нему својствен начин, дава детали за: животот, делото, карактерот, духовноста и духовитоста на Архиепископот Доситеј. За него, тој, меѓу другото, ќе рече: Блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј беше достоинствена личност, со цврст карактер и љубител на убавото говорење и пеење… Опишувајќи ја перцепцијата на верните, но и начинот на проповедање на Архиепископот, дедо Петар ни кажува: Тој беше доживуван како архијереј што со својот збор знае да плени и неговите проповеди длабоко се врежуваа и се впиваа во душите на верниците, а тој мошне прецизно, со посебен усет, ги погодуваше чувства­та и желбите на верните. Укажувајќи, пак, на карактерните црти на Архиепископот, забележува: Тој бараше дисциплина и беше упорен во докажувањето на вистината. На крајот од своите сеќавања за Архиепископот, Митрополитот Петар благодарно ќе заклучи: Тој ќе остане засекогаш во нашата народна меморија како незаборавен дедо Доситеј, возобновител на нашата света македонска црква – Охридската архиепископија.

Особен пастелен колорит врз личноста на Архиепископот Доситеј дава искрениот запис на Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. Тој, опишувајќи една епизода од својата младост поврзана со неговите здравствени проблеми, ни го осветлува Архиепископот како особено грижлив духовник и милостив отец. Тој ќе запише: Како ученик во (…) Богословијата, имав здравствени проблеми поради големите студови и несоодветните ус­лови за живеење во манастирскиот ко­нак. Добив воспаление на зглобовите и ревматична треска. (…) по завршениот преглед ме однесоа во резиденцијата на архиепископот (…) некаде во ве­черните часови Неговото блаженство се врати (…) Покажа особена грижа и љу­бов, за кои целиот живот сум му бла­годарен. Штом стигна, веднаш побара столче и седна покрај мојата постела. Водевме разговор за училиштето, за моето потекло и за слични теми. Тој ме тешеше дека мојата болест ќе помине и ме бодреше да не се плашам. Подоцна, по своето дипломирање, Митрополитот г. Тимотеј, во времето на Архиепископот Доситеј, бил вработен во Архиепископијата како референт и имал можност почесто да се сретнува со него. Во сеќавањата на дедо Тимотеј, Архиепископот Доситеј ќе остане како: особено досетлив, умен, духовен и духовит човек, со умерена и секогаш соодветна смисла за хумор.

Првата средба на Митрополитот Повардарски г. Агатангел со Архиепископот Доситеј се случила во неговото детство во 1965 година. Впечатоците од таа средба, опишани во монографијата, се следни: Сеќавањата ме враќаат 55 години назад и пред моите очи јасно го гледам ликот на старецот со седа брада, со бели и ковчести раце, кој го прими крстот од свештениците што го пречекаа пред црквата и го благословуваше народот Божји, кој во тоа време ја беше испол­нил црквата и нејзиниот двор. Подоцна, како ученик во Богословијата, дедо Агатангел повторно бил удостоен со средба со Архиепископот. Тој ќе запише: добро се сеќавам на мојата втора средба со архиепископот Доситеј. Како богослов го посетив манастирот посветен на раѓањето на Пресвета Богородица во селото По­божје на Скопска Црна Гора, (…) а кусо време прет­ходно од Света Гора беше вратен блаже­ноупокоениот епископ Гаврил Велички (…) кога (…) го видовме македонскиот архиепископ, дедо Гаврил ми рече: „Дете, Христос нѐ посети.“ (…) архиепископот влезе во гостопри­емницата, каде што повеќе од два часа разговараше со сега блаженоупокоени­от епископ Гаврил за животот на Света Гора, за старците што ги има сретнато таму, за приемот од монасите од друга националност и ред други богоугодни спасоносни поуки за душата на едно дете, кое слуша како двајца старци – светогорци опитно разговараат. Митрополитот Агатангел своите сеќавања ги завршува вака: Архиепископот Доситеј беше свет човек, исполнет со евангелска љубов, кроток, смирен, мирољубив, праведен, милосрден, прав архипастир за кој ма­кедонскиот народ чекаше и копнееше цели 200 години.

Не помалку скапоцени и достојни за споменување се и сеќавањата запишани во монографијата од неодамна починатиот протојереј-ставрофор Стојан Јанковски, кој на читателите на монографијата им ја открива грижата на Архиепископот за Македонците каде и да се, но и неговата хуманост којашто протојерејот ја препознал при престојот на Архиепископот Доситеј во Соединетите Американски Држави. Важни се и впечатоците на протојерејот-ставрофор Спасе Стефановски од посетата на Архиепископот Доситеј на далечната Австралија, за да ги реши тамошните потреби на доселениците и да ги охрабри своите Македонци. Во сеќавањето на отецот Спасе, Архиепископот е врежан како владика со својот кристален монаш­ко-аскетски израз, со теолошката мисла и со доблесното носење на поглаварската титула.

Во предговорот составен од почитуваниот м-р Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во една вдахновеност, меѓу другото, ќе запише: Појавата на архиепископот Доситеј и неговото визионерско дело ја даваат значајна­та духовна димензија, без која секоја борба би била времена и површна, а преку црковните ѕвона – таа денес одекнува во вечноста.

Монографијата Возобновителот несомнено ќе беше нецелосна без студиозните трудови од еминентните научни личности во нашата средина, но и на оние кои допрва со своите дела треба да го оправдаат своето назначување. На ова место ќе им се заблагодариме на деканот на ПБФ, почитуваниот професор д-р Ѓоко Ѓорѓевски, кој се осврнал на беседите на Архиепископот Доситеј и влијанието на Светото Писмо во нив; на вонредниот професор, ѓаконот д-р Дејан Борисов, кој ни ја доближува важноста на епископството на дедо Доситеј за МПЦ – ОА; од исклучителна важност е трудот на вонредниот професор д-р Борче Илиевски, кој дава податоци и осврт за возобновувањето на Охридската Архиепископија во 1958 година, како и за улогата на нејзиниот Поглавар Доситеј при решавањето на македонското црковно прашање. Особен е придонесот на доцентот д-р Виктор Недески, кој го разработил влијанието на свети Климент во животот и во словата на Архиепископот Доситеј, како и трудот на доцент д-р Анета Јовковска, која го расветлува воспитното значење на проповедите и беседите од Архиепископот Доситеј. Асистентот д-р Стефан Гоговски ја обработил темата за градителството и за црковната обнова на дедо Доситеј, а господинот д-р Александар Атанасов ја изложил темата за афирмацијата на МПЦ за време на Архиепископот Доситеј, по Вториот црковно-народен собор во 1958 година. Монографијата дополнително е збогатена со репортажите за македонските верски објекти, кои го одбележале животот на возобновителот на Охридската Архиепископија – заеднички труд на м-р Огнен Коцевски и на дипломираниот теолог Петар Петковски од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, кој, едновремено, е и автор на животописот на Архиепископот Доситеј. Нема да го заборавиме трудот на лекторот д-р Бобан Карапејовски, како и придонесот на Александар Павловски, кој се погрижил за графичкиот дизајн на книгата. Многумина, кои биле негови современици, своите импресии од ликот и делото на Архиепископот Доситеј, ги преточиле во стихови, а издавачот им посветил достојно внимание во книгата. Монографијата Возобновителот е репрезентативна и современа, квалитетно изработена, прегледна и лесно читлива. Плени со едноставноста на дизајнот, како и ненаметливиот колорит.

Авторските текстови во рамките на монографијата Возобновителот, вешто ги опфатиле речиси сите историски, богословски, мисионерски, лични, но и соборни, духовни и културолошки импликации од посветеното и плодно светородно житие на Архиепископот Доситеј. Покрај многубројниот значаен и беспрекорно селектиран фотоматеријал, впечатлив е портретот изработен од еминентниот македонски сликар и академик Никола Мартиноски, како и авторското ликовно дело на Митрополитот Европски г. Пимен. Монографијата е збогатена со позначајните архивски документи поврзани со работата на Архиепископот Доситеј, потоа со неговата оставина и реликвии. Монографијата и дава можност на пошироката публика да се запознае со позначајните слова на Архиепископот Доситеј, прикажани преку говори, беседи, интервјуа и посланија, но и, воопшто, дава увид за комплексниот период на неговото архиепископување.

Движејќи се помеѓу практичниот, конкретниот и совршениот облик на животот во Христа, Архиепископот Доситеј станал сопатник на неговите свети претходници и архиепископи на славната и древна Охридска катедра. Со својата дарба од Бога, проткајувајќи ги на платното на животот неговите лични карактерни црти, блаженоспоменуваниот Архиепископ Доситеј ја препознал, ја почувствувал, ја допрел и ја прегрнал болката на Македонецот по Бога, неговиот копнеж и крик за самостојност, неговата желба за домородно свештенство и епископи и неговиот плач за молитва на мајчин македонски јазик. Светоста не е нешто друго туку светлина што не е од овој свет, таворска светлина и знаење што извира од Светиот Дух. Светоста е постојана благодарност кон Отецот Небесен! Самиот Архиепископ во една пригода ќе рече: Од силата на Божјата љубов и благодатта изразени во светата Црква Христова, нашиот народ со векови се напојувал и облагодатувал за да им одолее на искушенијата и да може во ден светол, во ден создаден од Бога за радост и веселба, да го прославува денот кога меѓу луѓето се раѓа Единосуштниот со Отецот, преку Кого сè станало, и без кого ништо не постои што постои.

Архиепископот Доситеј е наш архиепископ, не само затоа што е Македонец, не само затоа што го обнови богослужбениот живот на македонски мајчин јазик, не само затоа што тивко страдаше, како од едноумието, така и од своите браќа по вера од нашето соседство, храбро сведочејќи го благовестието Христово и афирмирајќи ја нашата кауза, не само затоа што изгради и обнови голем број храмови и манастири, не само затоа што беше иницијатор и основоположник на црковното устројство во нашата земја и во дијаспората, и не само затоа што го благослови и учествуваше во формирањето на македонските богословски образовни институции, туку затоа што тој е нашата услишана молитва. Тој е одговор на милоста Божја кон нашето соборно и вековно покајание како народ. Тој, налик на свети Климент, е жив и дејствен архипастир на Црквата Божја, кој ги познава своите и тие го познаваат него (сп. Јн 10, 14).

Токму затоа ја поздравуваме и ја поддржуваме иницијативата на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, пренесена низ записот на Митрополитот Повардарски г. Агатангел во оваа монографија, кој вели: Се сеќавам дека во една приго­да, во која бевме собрани повеќе архије­реи на нашата Македонска православна црква, каде што беа присутни и дел од помладите архијереи, митрополитот Тимотеј во еден момент им се обрати ним со препорака во догледно време или, пак, кога ќе се исполни времето, обновителот на Охридската архиепис­копија во лицето на Македонската православна црква, Доситеј, да биде прог­ласен за светител.

Чувствуваме потреба да го истакнеме задоволството, но и значајноста на соработката со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, особено засилена со поставувањето на господинот Даријан Сотировски за нејзин директор. Како МПЦ, посакуваме и работиме на унапредување и продлабочување на добрите односи со Комисијата, како и со останатите верски заедници и религиозни групи, затоа што тоа несомнено води кон поголемо меѓусебно разбирање, зближување и надминување на предизвиците со кои се соочуваме во нашето македонско општество.

Уште еднаш ја изразувам својата благодарност до Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во соработка со МПЦ – ОА и ПБФ „Свети Климент Охридски“, до нашите архијереи, до деканот и професорите на ПБФ, како и до сите што зеле учество во подготовката и издавањето на значајната монографија Возобновителот – Споменица во чест на Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј.

Дозволете ми, во овие предбожикни денови, на сите да ви посакам убави празници, благодат и мир од Богомладенецот, и уште многу вакви убави настани и плодотворни средби, по молитвите на Пресветата Богородица и сите светии што засветија на македонската земја. Амин.

Пишува: г. Климент – Епископ Хераклејски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *