Архиепископ Силвестер од УПЦ-МП: Ова е геноцидна војна

Date:

Share post:

Во ноќта меѓу 27 и 28 јануари 2026 година, за време на уште еден руски напад со дронови, беше погоден Одескиот Свето-Успенски машки манастир на Украинската православна црква (УПЦ-МП). Во манастирскиот комплекс се наоѓаат резиденцијата на Одескиот и Измаилски митрополит Агатангел, како и Одеската духовна семинарија. Како последица од нападот, оштетени се манастирските објекти и градината, а еден семинарист е повреден.

Белгородскиот архиепископ Силвестер (Стојчев) — викар на Киевската митрополија и ректор на Киевската духовна академија и семинарија — се огласи по повод нападот преку социјалните мрежи, оценувајќи дека станува збор за длабоко личен удар. „Јас сум од Одеса. Таму живее мајка ми, таму се многу мои роднини. Во ѕидините на Успенскиот манастир поминав неколку години од животот, учејќи во Одеската духовна семинарија. Затоа ракетните и нападите со дронови врз Одеса се удари по местата каде што го поминав детството и младоста, каде што секоја честичка земја за мене е роден крај“, напиша архиепископот.

Тој потсети дека ова не е прв случај на оштетување на храмови и манастири на УПЦ како резултат на руските напади, наведувајќи го варварскиот ракетен удар врз Преображенскиот катедрален храм во Одеса и штетите на Киево-Печерската лавра за време на неодамнешните напади врз Киев. Според неговите податоци, од почетокот на целосната руска инвазија, повеќе од 350 храмови и манастири на УПЦ биле оштетени или уништени.

Архиепископ Силвестер остро ја критикуваше руската политичка и воена власт, истакнувајќи дека зад говорот за „традиционални вредности“ и „борба против безбожната западна цивилизација“ стои, како што рече, отворена геноцидна војна. Тој нагласи дека ударите врз енергетската инфраструктура среде зима ги оставаат украинските градови во студ и темнина и ги прават домовите на илјадници луѓе непогодни за живеење.

Во своето обраќање, архиепископот направи и историска паралела, оценувајќи дека Украина не доживеала вакво систематско уништување на цивилна инфраструктура од времето на Втората светска војна. Тој остро ја осуди и поддршката што, според него, Руската православна црква ѝ ја дава на воената агресија, наведувајќи дека патријархот Кирил и бројни руски епископи и свештеници јавно ги оправдувале дејствијата на руската армија, вклучително и на неодамнешниот конгрес на военото свештенство во московскиот храм „Христос Спасител“. „Христос во Беседата на гората јасно рекол: ‘Блажени се миротворците’. А денес гледаме како епископи и свештеници директно ја одобруваат воената агресија“, праша реторички архиепископ Силвестер, изразувајќи сомнеж дека од страна на патријархот Кирил ќе се чуе барем еден збор на сочувство за украинските цивилни жртви.

На крајот, архиепископот упати порака на солидарност и поддршка до жителите на Одеса, митрополитот Агатангел, духовенството, монасите и верниците. „Во овие тешки моменти сум со вас во молитва, тага и надеж. Со Божја помош ќе издржиме. Непријателот нема да нè скрши, зашто со нас е Бог и Неговата правда“, порача тој.

Под објавата, директорот на Институтот за атонско наследство, доц. д-р Сергиј Шумило, оцени дека за првпат архиереј на УПЦ јавно кажал дека злосторствата на Кремљ се поддржани и благословени од Руската православна црква, изразувајќи жалење што раководството на УПЦ досега не се осмелило јасно да ја осуди таквата позиција.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img