Општинскиот суд во Мостар регистрирал двe српски православни гробишта, една капела и две цркви како државен имот, што предизвика шок и сериозна загриженост кај српската заедница во Босна и Херцеговина.
Според информации од српската новинска агенција Срна, државата е заведена како сопственик на српскитеправославни гробишта во Врапчиќи, познато како Кралевина, заедно со капелата, како и уште едни гробишта во Горњи Врапчиќи со црква. Како државен имот е регистрирана и црква во населбата Челебиќи, во општина Коњиц.
Мештаните тврдат дека за одлуката дознале преку медиумите. Драго Антељ од Врапчиќи изјави дека неговите предци со генерации се погребувани на тоа гробје и дека надгробните споменици датираат повеќе од 200 години. „Нашиот народ ја дал земјата и отсекогаш сме ја сметале за наша и за црковна“, истакна Антељ.
Протојереј Душко Којиќ, старешина на соборниот храм во Мостар, изјави дека и Српската православна црква за случајот дознала преку медиумите, по што веднаш ангажирала адвокати. „Не знаевме за ова, не затоа што сме невнимателни, туку затоа што никој разумен не можеше да очекува вакво нешто, имајќи предвид дека овие имоти со векови ѝ припаѓаат на Српската православна црква во Мостар“, рече тој.
Којиќ посочи дека според законот судот е должен да го извести секое лице или институција со правен интерес, што во овој случај не се случило. „Очигледно, во 2026 година парохијата се смета за непознато лице во Мостар“, додаде тој.
Комитетот за заштита на правата на Србите во Федерацијата на БиХ укажа дека истиот судски службеник претходно го регистрирал Меџлисот на Исламската заедница во Мостар како сопственик на парцела со џамија во Врапчиќи. „Никој не спори дека Исламската заедница треба да биде сопственик каде што има џамија, ниту Католичката црква каде што има католички храм, но истото правило мора да важи и за Српската православна црква“, соопшти Комитетот.
Овие регистрации следуваат неколку недели по изјавата на поранешниот реис-ул-улема на БиХ, Мустафа Цериќ, кој повика на формирање т.н. Босанска православна црква, одвоена од Српската православна црква, која има канонска јурисдикција во Босна и Херцеговина. Таа идеја беше јавно осудена од Меѓурелигискиот совет на БиХ, во кој се вклучени православната, католичката, еврејската и исламската заедница.

