Социјалните мрежи и дигиталните медиуми сè повеќе стануваат дел од црковната мисија. Ова прашање го отвори и Светиот синод на Антиохиската патријаршија, кој на заседанието во манастирот Баламанд во Либан одлучи дополнително да ги проучи можностите што ги нудат новите технологии за евангелизација, верска поука и сведочење за православното единство.
На заседанието, одржано од 20 до 24 октомври под претседателство на патријархот Јован X, архијереите разговарале за влијанието на дигиталната трансформација врз црковниот живот и пастирската работа. Наместо социјалните мрежи да ги третира само како медиум за информирање, Синодот ги разгледувал и како простор во кој Црквата може да ја остварува својата мисија.
Покрај дигиталните медиуми, архијереите ја отвориле и темата за поголемо вклучување на мирјаните во црковното управување и живот. Нивното учество во црковните тела и комисии било посочено како важен дел од функционирањето на црковните заедници.
На дневен ред биле и состојбите во епархиите на Блискиот Исток и во дијаспората, со посебен осврт на младите и сè помалиот интерес за свештенички и монашки повици, особено во заедниците надвор од традиционалните православни средини.
Еден од посериозните проблеми за кои разговарале архијереите е иднината на христијанските заедници во Либан, Сирија, Палестина, Ирак и Јордан. Во фокусот биле воените конфликти, економската неизвесност, иселувањето на младите и семејствата, како и намалувањето на наталитетот.
На средбата одржана на 24 октомври учествувале и либански политички претставници, меѓу кои потпретседателот на Парламентот Илијас Бу Саб и неколку пратеници, како и претседателот на Универзитетот Баламанд, Илијас Варак.
Антиохиската црква ја истакнала својата улога во зачувувањето на односите меѓу христијаните и муслиманите, во услови кога регионалните конфликти дополнително ја загрозуваат стабилноста на заедниците.

