Напад пред израелската амбасада во Белград, Србија тврди напаѓачот бил дел од Исламска држава

Date:

Share post:

Терористички напад врз припадник на српската полиција, кој ја обезбедувал израелската амбасада во Белград, се случил синоќа, по што српските власти го подигнале нивото на безбедносна закана од тероризам на највисоко, црвено ниво.

Информацијата ја соопшти српскиот министер за внатрешни работи во технички мандат, Ивица Дачиќ, според кого напаѓачот, за кого се наведува дека е малолетник, го нападнал полицаецот со два ножа, извикувајќи „Алаху акбар“.

Припадник на српската жандармерија го застрелал напаѓачот во самоодбрана. Во инцидентот бил повреден и полицаецот.

Според Дачиќ, безбедносните служби претходно го следеле напаѓачот, а достапните информации упатувале на тоа дека тој бил поддржувач на Исламска држава. Министерот посочил дека напаѓачот на својот профил на Инстаграм имал објавено црно знаме и симбол поврзан со оваа терористичка организација.

По нападот, српската полиција најавила засилени безбедносни мерки и зголемено присуство на локации од посебно безбедносно значење. Мерките ќе ги опфатат инфраструктурните објекти, како и местата на кои се собираат поголем број граѓани.

Нападот врз полицаецот кој ја обезбедувал израелската амбасада се случува во контекст на засилените безбедносни ризици поврзани со тероризмот, а српските власти најавија дека ќе го зголемат надзорот и превентивното дејствување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img