Српскиот патријарх Порфириј упати порака до верниот народ по повод парламентарните избори во Србија, повикувајќи ги граѓаните да гласаат според сопствената совест и слободна волја, а резултатот од демократскиот процес да го прифатат со смирение и доверба во Бога.
Во пораката, поглаварот на Српската православна црква не поддржа конкретна партија или кандидат, но нагласи дека при изборот граѓаните треба да водат сметка не само за општото добро, туку и за доброто на Црквата.
„Секако дека јас никому нема да му кажам како да гласа. Секој нека гласа според својата совест, по сопствен избор, водејќи сметка за општото добро, но водејќи сметка и за доброто на Црквата“, порача Порфириј.
Посебен акцент во неговото обраќање е ставен на прифаќањето на изборниот исход и на потребата политичките разлики да не прераснат во омраза, гнев и меѓусебни конфликти.
„Она што демократските процеси ќе го покажат како резултат, со смирение и доверба во Бога да го прифатиме и да знаеме дека тоа е Божја волја“, порача српскиот патријарх, додавајќи дека таа волја можеби нема секогаш да биде целосно разбирлива за луѓето во дадениот момент.
Порфириј предупреди дека последиците од изборите не зависат само од тоа кој ќе победи, туку и од начинот на кој општеството ќе го прифати исходот. Според него, мирот може да го направи секој резултат благотворен, додека гневот и омразата можат да го претворат во нешто погубно за сите.
„Ако имаме мир, каков и да биде исходот, тој ќе биде благотворен и благословен. Ако имаме немир, ако имаме гнев и омраза, каков и да е исходот, тој ќе биде погубен за сите“, истакна Порфириј.
Тој ги повика верниците да гласаат без страв, според сопствената совест и слободна волја, но и да го зачуваат мирот и да не го повредуваат ближниот. На крајот од обраќањето, повика на молитва за доброто на народот и за мир, со желба српското општество да остане верно на вредностите што ги претставува Свети Сава.

