Со празнична Света Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица беше одбележан празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Крстовден.
Со Литургијата началствуваше епископот Делчевско-каменички г. Марко, кој по читањето на Светото Евангелие се обрати пред присутните со беседа посветена на значењето на Крстот и христијанската љубов.
Во беседата Епископот Марко го објасни значењето на вертикалата и хоризонталата на Крстот. Вертикалата, како што посочи, го насочува човекот кон Бога и потсетува дека вистинскиот живот не може да се одвои од односот со Создателот, додека хоризонталата го насочува кон ближниот.
Според него, токму во оваа поврзаност се открива суштината на христијанската љубов – љубовта кон Бога, кон себеси како Божјо создание и кон ближниот.
„Да имаме љубов во себе, но да знаеме што е вистинска љубов“, порача Епископот Марко, нагласувајќи дека христијанската љубов не се сведува на заљубеност, страст или моментно чувство, туку претставува подлабок однос кон Бога, себеси и другиот човек.
По Светата Литургија, верниците се поклонија пред Чесниот Крст и во молитва ги принесоа пред Господа своите семејства, радости, болки, благодарности и молитви.

