Ако добро размислиме, ќе видиме дека сѐ што се случува околу нас, се движи по оваа логика. И фактот дека назадуваме, е показател дека нам Бог не ни е на прво место – значи, ниту Бог, ниту ерархискиот ред што Он го воспоставил, ниту заповедите што преку Својот Единороден Син, нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос, ни ги дал, туку гледаме само како да ги задоволиме нашите страсти: славољубие, среброљубие и сластољубие; кои станале наши идоли.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
„Учителе, која заповед е најголема во Законот? А Исус му одговори: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците.”
Интересно е што овие две заповеди, после воплотувањето на Синот Божји – Богочовекот Христос, во Телото Негово – Црквата, се всушност една заповед, се крепат една на друга и се проверуваат едната преку другата. На пример, не можеш да велиш дека го љубиш Бог – Кого не Го гледаш, а ближниот што го гледаш – не го љубиш. Секако, и обратно: не можеш да кажеш дека ближниот го љубиш, ама Бог не – во Него не веруваш.
Но, има овде едно големо сепак; сепак, заповедта за љубов кон Бог е посочена – како прва и главна, а втората – љубовта кон ближниот е посочена како слична, како второстепена. Тоа е така, затоа што без несоздадената благодат Божја, ние не можеме да направиме ништо. Прво треба да сме лично и љубовно соединети со Бог, а потоа – откако и колку Неговата благодат ќе нѐ преобрази, толку ние ќе можеме да ја исполниме заповедта и за љубов кон Ближниот.
Ова е толку битен момент на кој треба да внимаваме во нашиот духовен живот, што црковното Предание, „љубовното“ поставување на некој или нешто друго – на прво место, пред Бог, го смета за идолопоклонство, а субјектот или објектот на таквата „љубов“ за идол. Значи, сѐ она што ние го сметаме за најблиско и највредно за нас, на пример: семејството, партијата, државата, идентитетот и слично, а што најчесто се сведува на интерес за материјалната безбедност, го ставиме ли пред Бог, пред љубовта кон Бог, ние веќе сме си создале идол – со кој се поистоветуваме.
Можеме да забележиме два вида на односи што се појавуваат во случајов: пастирски однос и однос на поистоветување. Многу треба да внимаваме со кого и со што, каков однос воспоставуваме; тоа е прашање на живот и смрт – и физичка и духовна; и наша и на субјектот или на објектот на нашата љубов.
На пример, ако ние во нашата љубов се поистоветиме само со Бог, ако Бог ни е на прво место во сѐ, во љубов, во лојалност, во доверба и слично, тогаш кон секого и сѐ останато ние градиме пастирски однос, т.е. ние ќе имаме благодат оној или она што го љубиме да ги соединуваме со благодатта Божја и да го спасуваме или развиваме – во Црквата. Во таков случај, семејството, народот, партијата, државата, идентитетот и слично, би се спасувале или би напредувале.
Но, ако ние се поистоветиме со некој и нешто што не е Бог, т.е. ако некој или нешто друго, освен Бог, ставиме на прво место и на тој некој или на тоа нешто му ја посветиме нашата „љубов“, тогаш ние се исклучуваме од несоздадената Божја благодат и во понорот на темнината, злото и пропаста го повлекуваме – со нас, и тоа за кое што тврдиме дека го „љубиме“, а кое ни е доверено на чување; на пример: семејството, народот, партијата, државата, идентитетот и слично…
Ако добро размислиме, ќе видиме дека сѐ што се случува околу нас, се движи по оваа логика. И фактот дека назадуваме, е показател дека нам Бог не ни е на прво место – значи, ниту Бог, ниту ерархискиот ред што Он го воспоставил, ниту заповедите што преку Својот Единороден Син, нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос, ни ги дал, туку гледаме само како да ги задоволиме нашите страсти: славољубие, среброљубие и сластољубие; кои станале наши идоли.
И уште еден јасен показател дека Бог не ни е на прво место, е кога не се причестуваме редовно, не постиме и не Му се молиме, со благослов и во договор со нашиот духовен отец или духовник.
Нашата Мајка, Пресветата Владичица Богородица и Секогашдева Марија е совршен пример на љубов кон Бог и кон нас – луѓето. Таа самата е совршено исполнување на дво-едната заповед, во Богочовекот Христос. По нејзините свети молитви, Господи Исусе Христе, спаси нѐ!

