КИШИЊЕВ — Триесет и четири години по обновувањето на Митрополијата на Бесарабија, православното прашање во Молдавија и натаму останува поделено меѓу две црковни јурисдикции – едната поврзана со Московската патријаршија, а другата со Романската православна црква.
Во таков контекст, новиот Митрополит на Бесарабија Антоние на одбележувањето на годишнината од реактивирањето на митрополијата порача дека е време за надминување на поделбите.
„Време е да се приближиме едни кон други, за заедничката молитва и делотворната љубов да го подготват патот на заедништвото и единството во пазувите на Црквата на предците“, рече Антоние.
Митрополитот служеше благодарствена богослужба во митрополитскиот параклис „Свети Јован Богослов“ во Кишињев, по повод 34 години од одлуката со која на 14 септември 1992 година Епархиското собрание во Кишинев одлучи да ја реактивира историската Митрополија на Бесарабија.
Антоние во своето обраќање се наврати на периодот на советските прогони и на оние кои, како што рече, ја зачувале верата и врската со Романската православна црква.
Тој порача дека годишнината не треба да остане само сеќавање на минатото, туку да биде поттик за продолжување на делото започнато од претходните генерации.
„Тие ја чуваа верата неизменета во времето на прогонот; нам ни е дадено да ја направиме плодна во времето на слободата“, рече митрополитот.
Особено внимание посвети на поделбите меѓу православните.
„Ја носиме пред Бога и болката од поделбата меѓу браќата, барајќи од Него мудрост вистината да ја сведочиме со поголема кроткост и сила да го бараме помирувањето“, порача Антоние.
Според него, „по толку децении на отуѓување и поделба, раните од минатото бараат да бидат исцелени“.
На одбележувањето говорел и свештеникот Петру Бубуруз, еден од учесниците на Епархиското собрание од 1992 година, кој се потсетил на околностите во кои била донесена одлуката за реактивирање на митрополијата.
По богослужбата, Антоние заедно со свештенослужители и верници се упатил кон споменикот на Стефан Велики во центарот на градот, каде што положиле цвеќе во чест на претходните генерации.
Црква поделена меѓу Москва и Букурешт
Митрополијата на Бесарабија е автономна митрополија во состав на Романската православна црква. Нејзиното повторно појавување во Молдавија по распадот на Советскиот Сојуз, меѓутоа, создаде паралелна црковна структура во земјата.
На 14 септември 1992 година, Епархиското собрание во Кишињев донело одлука за реактивирање на Митрополијата на Бесарабија и нејзино враќање во канонската структура на Романската православна црква.
На 19 декември истата година Светиот синод на Романската православна црква ја признал како автономна митрополија и составен дел од Романската црква, со седиште во Кишињев.
Но, во Молдавија веќе постоела Митрополијата на Молдавија, која е под јурисдикција на Московската патријаршија.
Така, независна Молдавија добила две православни структури со различни црковни центри и различни историски ориентации.
Спорот стигнал и до Стразбур. Европскиот суд за човекови права во 2001 година пресудил во корист на Митрополијата на Бесарабија во спорот со молдавската држава околу нејзиното признавање. По судската одлука, митрополијата била официјално регистрирана во Молдавија во 2002 година.
Бесарабија со векови била простор на кој се вкрстувале романското и руското политичко и црковно влијание. По руската анексија на територијата во 1812 година, православните структури биле ставени во рускиот црковен простор. По обединувањето на Бесарабија со Романија во 1918 година, црковната организација повторно била поврзана со Букурешт.
Митрополијата на Бесарабија била организирана како митрополија во периодот меѓу двете светски војни, а нејзината активност престанала по повторното воспоставување на советската власт. По Втората светска војна, црковниот живот во Молдавија бил интегриран во структурата на Московската патријаршија.
Токму затоа прашањето за нејзината реактивација во 1992 година не било само прашање на црковна администрација. Тоа било и прашање на идентитет.
Новиот момент по војната во Украина
Црковната поделба во Молдавија доби нова политичка тежина по руската инвазија врз Украина.
Молдавија во последните години се движи кон поблиски односи со Европската унија, додека прашањето за руското влијание останува едно од најчувствителните политички прашања во земјата.
Во истиот период, дел од парохиите поврзани со Митрополијата на Молдавија почнаа да ја разгледуваат или да ја менуваат својата црковна припадност кон Митрополијата на Бесарабија, што дополнително го засили спорот меѓу двете православни структури.
Затоа зборовите на Антоние за „приближување“, „единство“ и „исцелување на раните од минатото“ имаат поширока тежина од вообичаена порака на годишнина.
Тие доаѓаат во момент кога православниот простор во Молдавија повторно се преиспитува – меѓу историската врска со Романија и вековното руско црковно влијание.

