Грузиската православна црква остро се спротивстави на употребата на името на свети Гавриил Ургебадзе за именување на руско воено одделение кое учествува во војната во Украина.
Во реакцијата на Грузиската патријаршија се наведува дека одлуката била донесена без какви било консултации со Грузиската православна црква и без да биде земена предвид нејзината позиција.
„За нас е категорично неприемливо името на преподобниот отец, архимандрит Гавриил, исповедник, да биде користено за именување на воено одделение“, соопшти протoереј Андреј Џагмаидзе, раководител на Службата за односи со јавноста на Грузиската патријаршија.
Реакцијата следуваше откако руската РИА Новости објави дека грузиски доброволци, предводени од прорускиот активист Бесик Данелија, пристигнале во т.н. Доњецка Народна Република со „хуманитарна мисија“.
Според објавеното, тие на руските воени единици им предале икони, мотоцикли и молитвени простории, при што меѓу единиците било и одделението кое го носи името на свети Гавриил Ургебадзе.
Станува збор за 268-от одделен стрелечки баталјон, кој е дел од 1-та гардиска Славјанска бригада. Уште на 13 март баталјонот добил благослов од претседателот на Воениот оддел на Московската патријаршија, митрополитот Кирил Покровски, припадниците да го почитуваат свети Гавриил Самтавриски, односно Ургебадзе, како „небесен покровител“ на единицата.
Воениот карактер на оваа употреба на името е дополнително нагласен со тоа што знамињата и шевроните на единицата со ликот на свети Гавриил се изработени во ист стил како и ознаките на други руски воени единици кои носат имиња на православни светци.
Светец против советската власт како покровител на руската армија
Токму тука Грузиската патријаршија гледа сериозен проблем. Свети Гавриил Ургебадзе живеел во советска Грузија, починал во 1995 година, а Грузиската православна црква го канонизирала во 2012 година.
Во текот на својот живот тој отворено се спротивставувал на советската власт, поради што во Грузиската црква неговото духовно наследство се поврзува и со исповедништвото и со отпорот кон советскиот атеистички систем.
„Изгледа дека авторите на оваа иницијатива се слабо запознаени со житието на свети Гавриил. Во овој контекст, ваквите постапки се восприемаат како тенденциозна шпекулација што се врши во името на Црквата“, се наведува во реакцијата.
Грузиската патријаршија притоа јасно се дистанцира од употребата на името на свети Гавриил за оправдување или поддршка на воени дејствија.
Особено критички во Тбилиси гледаат на фактот што, според нив, дел од руското православно свештенство ја поддржува ваквата употреба на името на грузискиот светец.
„Загрижувачки е и фактот што некои претставници на духовништвото на Руската православна црква поддржуваат ваква неподобна употреба на името на преподобниот“, наведува Џагмаидзе.


Е па клирот на Грузиската Православна Црква не ја сфатил суштината на ‘’светоста’, на објавените светила на Црквата во Торжество.
Имено, Помесната Православна Црква може да има власт над моштите на Светителот, ако воопшто се упокоил на Нејзините простори: каде ќе почиваат, кому ќе дадат честичка и сл., но неговата личност останува извор на благодатен капитал за сите во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, за секој православен христијанин, па и за сите живи луѓе во светот воопшто. Не можетенекому да забраните да гради црковни храмови осветени на неговото име или да го зема за патрон на мисија. Луѓе отвараат и ресторани со имиња на Светители.
Светоста сама по себе е возвишен личен дар на себераздавање. Ако Православието е вера во вечниот живот на Светителите, во нивната вонредна, дури и постхумно умножена духовна власт и дејствителност, па и во вид на поединечни интервенции во светската историја според нивното благоволение или по молитвите на Црквата (за што имаме бројни сведоштва низ неговата вековна историја), мора да биде и вера дека Светителот е слободен кому и каква помош и закрила би пружил, а кому не. Така било и ќе биде. Никој никому никогаш не барал благослов кој Светител ќе го земе за патрон, кого ќе прославува, кому ќе му се моли – ниту некој во иднина ќе бара. Ако тоа не ви се допаѓа, како православни имате други ‘оружја’ да се обидете да го оневозможите пристапот до тој капитал од другите христијани којшто вам не ви е по волја, но тоа не се јуридички, или медиумски или не знам какви постапки кои се граничат со празни муабети.
Освен тоа, Св. Гаврил Ургебадзе нема потреба од вашата одбрана.
Потпрете се на своите молитви, на своите светотаински потенцијали, ноостанете креативни во рамките на духовниот арсенал на Светот Предание.
Православието има квалитет толку колку што умее да си ги тера работите во молчание (со пост, молитва, созерцание, и др. духовни подвизи), се’ друго е израз на духовна немоќ, поразително сведоштво за една раслабена духовна состојба.
Затоа Црквата и има миријади необјавени Светии (или Светии коишто не се толку популарни, нивните имиња и житија ги има во календарот, во Прологот, но не повлекуваат масовно прославување кај народот: не затоа што не се силни да закрилуваат, посредуваат, помагаат, туку затоа што нивниот духовен капитал не е на располагање секому). Значи, што побрзо елитите на Помесните Православни Цркви сторат подвиг да си дојдат на Себеси, да си се вратат на тесниот пат на невидливата борба секој со своите страсти и со демоните; што поскоро се вратат на почитување на невидливите духовни законитости на човековото исцелување и соборното пребивање во сферата на светотаинскиот благодарствен и поединечниот аскетско-благодатниот подвиг, толку полесно и поблагоугодно ќе го направат новиот возлет кон своето лично-соборно торжество.
Значи, кога разгласуваме за светоста на еден жив подвижник или кога канонизираме еден Светител, како Помесна Црква треба да сме свесни дека во истиот момент или период ги ставаме на располагање сите негови духовни блага на самопослужување на сиот свет. Секој жив човек, без оглед на вера, народност, раса итн. оттогаш натаму има можност да гради однос и да бара “услуга” од Светителот. Е сега, кој колку ќе успее да оствари дејствителен однос е друга работа: зависи и од личната одлука на Светителот, и од начинот на којшто неговиот почитувач го градел тој однос (наемнички ли, синовски ли, друг ли), но за жал зависи и од многу други непредвидливи нешта (тоа сум го забележала, но начинот да се борите со несакани “вмешувања” прво мора да го препознаете, што е сепак дар на разликување на духовите, за да можете и да го “регулирате”). Личната молитва е сепак најбезбедниот пат до срцето на Светителот, до Божјата помош, и верувам дека тоа грузиските Отци го знаат. Не бадијала кај нив е благодатниот камен на Св. Давид Гареџиски. Св. Давид ја “ограбил” Светата Земја со своето смирение, што е едно од оружјата, се разбира…
Но, сега, Русите чувари на верата, вие чувари на верата… внимавајте кого или што чувате, та вадејќи ја раската од окото на ближниот да не се сопнете од сопствената греда.