Откако епископот Јаков упати остри критики кон министерката за образование Весна Јаневска и побара преиспитување на воведувањето на сексуалното образование, ХЕРА денеска застана во одбрана на програмата и порача дека вистинската опасност за децата не е сексуалното образование, туку насилството, злоупотребата и дезинформациите со кои тие веќе се соочуваат.
Реакцијата на ХЕРА доаѓа откако МОН соопшти дека ја повлекува програмата и изборниот предмет Сексуално образование од средното образование и ќе направи „длабока ревизија по барање на јавноста“.
„Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е Сеопфатното сексуално образование (ССО), туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите, извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори“, велат од ХЕРА.
Од организацијата прашуваат зошто би се повлекла програмата ако податоците покажуваат дека децата се изложени на насилство, злоупотреба, уцени и дезинформации.
„Ако доказите покажуваат дека децата се изложени на насилство, злоупотреба, уцени и дезинформации, зошто би ја повлекле токму алатката што треба да им помогне да се заштитат?“, прашуваат од ХЕРА.
Организацијата потсетува дека во учебната 2021/22 година, заедно со МОН и Бирото за развој на образованието, ја спроведувала пилот-програмата за Сеопфатно сексуално образование во пет паралелки од деветто одделение, во урбана и рурална средина.
Од ХЕРА посочуваат дека околу 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во Македонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од една година.
Според податоците што ги наведуваат, 8 отсто од децата биле изложени на сексуални слики, 5 отсто добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4 отсто биле уценувани со нивно распространување, а кај 3 отсто такви содржини биле споделени без нивна дозвола.
ХЕРА посочува и дека во 78 отсто од случаите сторителот е лице кое детето го познава, додека 52 отсто од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи и апликации.
Во такви услови, според ХЕРА, проблемот е што само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.
„Повлекувањето на ССО нема да ги тргне ризиците, социјалните мрежи, насилниците, раните бремености, ХИВ или злоупотребата. Ќе го тргне само знаењето, правејќи ги младите уште поранливи“, порачаа од организацијата.
Од ХЕРА сметаат дека ССО ги учи младите што е согласност, како да постават лични граници, како да препознаат злоупотреба, како да изградат здрав однос, како да го заштитат сопственото тело и каде да побараат помош.


Најефикасна заштита од секој вид сексуално вознемирување и од секое искушение кое не служи за духовен раст туку турка во пад за човекот да Го побара Бог (ако воопшто се сети на тоа) е дејствителната вера во Пресвета Троица, изграден однос со Живиот Бог. Се’ друго е секундарно и aposteriori.
Значи, откако човек веќе ќе се изгори. Предупредувањата и поуките сами по себе не носат благодат. Не можат да ги надополнат слабите човекови сили со Божјите енергии.
Значи, Црквата го има главниот збор и клучот за оваа проблематика.