Македонците во Мелбурн ги одбележаа Денот на македонската револуционерна борба и 40 години од упокојувањето на Архиепископот Ангелариј

Date:

Share post:

Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија на 24 октомври го одбележа Денот на македонската револуционерна борба и 40-годишнината од упокојувањето на Архиепископот Ангелариј, со настанот „Чувари на верата и македонскиот идеал“.

Чествувањето се одржа во храмот „Св. Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн, каде што се собраа припадници на македонската заедница за да им оддадат почит на македонските национални дејци и да се потсетат на делото на Архиепископот Ангелариј, чиј свештенички пат е поврзан со македонската црковна заедница во Австралија.

Во рамките на настанот беше отслужена панихида од парохискиот свештеник, јерејот Климент Станковски, по што беше положено цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев. Програмата продолжи со културно-уметнички настап на КУД „Светлост“ и заедничко дружење на присутните.

Обраќајќи им се на присутните, претседателот на црковната општина, Дејан Змејковски, ја истакна улогата на македонските црковни општини во Австралија во зачувувањето на православната вера, македонскиот јазик, националниот идентитет и традицијата меѓу Македонците во дијаспората.

Посебен дел од чествувањето беше посветен на Архиепископот Ангелариј, кој во 1961 година бил назначен за парохиски свештеник при црквата „Св. великомаченик Ѓорѓи“ во мелбурнскиот кварт Фицрој, каде што служел до 1964 година. Неговото дело останува дел од историјата на организираниот црковен живот на Македонците во Мелбурн.

На настанот присуствуваа претставници на македонската заедница и австралиските институции, меѓу кои и македонскиот амбасадор во Австралија, Стојанче Китаноски, кој за првпат го посетил Мелбурн по предавањето на акредитивните писма. Присуствуваше и Бронвин Халфпени, пратеничка во Парламентот на сојузната држава Викторија.

Амбасадорот Китаноски им го честитал Денот на македонската револуционерна борба на припадниците на македонската заедница и им посакал успеси во натамошната работа.

Чествувањето продолжило со посета на македонскиот манастир „Св. Климент Охридски“ во Кинг Лејк. Гостите ги пречекал игуменот на манастирот, отец Гаврил, кој ги запознал со историјата и мисијата на монашката обител.

Со настанот „Чувари на верата и македонскиот идеал“, Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија го поврза споменот на црковните и националните дејци со продолжувањето на православниот и културниот живот на македонската заедница во Австралија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img