Како 8 Септември стана „Третиот Илинден“ ?

Date:

Share post:

Денес малкумина се сеќаваат дека терминот „трет Илинден“, кој денес се поврзува со создавањето на независна Македонија, во црковниот дискурс се појави уште пред државата да стане независна. Го употреби Македонската православна црква, а зад неговото воведување стоеше тогашниот поглавар, архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил.

Во пресрет на одбележувањето на 35 години од референдумот за независност, архивските сведоштва отвораат една малку позната страница од историјата на МПЦ – начинот на кој Црквата го толкувала историскиот период што водел кон создавањето на независната македонска држава.

Не станува збор само за тоа дека МПЦ во 1991 година јавно застанала зад референдумот. Уште поважно е што Црквата на новото историско време му дала име – „трет Илинден“.

Тоа не е подоцнежна политичка конструкција. Во официјалната биографија на архиепископот Гаврил, објавена од Повардарската епархија, се наведува дека за време на неговото управување со МПЦ-ОА, по повод Илинден, започнала традицијата на испраќање Соборни синодски посланија до верниците, а токму Гаврил „за првпат новото време“ го нарекол „време на третиот Илинден“.

На 1 септември 1991 година, само една недела пред референдумот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје била одржана семакедонска православна молитва. Во историските записи таа е опишана како дел од предреферендумските активности на МПЦ, при што референдумот бил претставен во симболичниот контекст на „третиот Илинден“. Како повик за поддршка на Референдумот, МПЦ и поглаварот Гаврил испратиле и Синодско Послание во кое тогашниот архиепископ Гаврил, го употребува поимот „трет Илинден“ за современиот период.

Овој податок е особено интересен затоа што денес изразот „трет Илинден“ најчесто се употребува како политичка и историска метафора за независноста.

Меѓутоа, црковните записи покажуваат дека неговото потекло треба да се бара и во јавниот дискурс на МПЦ од времето на архиепископот Гаврил.

Гаврил беше поглавар на МПЦ од 1986 до 1993 година – токму во периодот кога Македонија минуваше од еднопартискиот систем кон плурализам, а потоа и кон референдумот и прогласувањето независност.

Во тие години Црквата повторно почнува поотворено да зборува за националните и историските теми. Илинденот станува еден од клучните датуми преку кои се толкува македонската историска континуитетност.

Најинтересниот дел од приказната е што оваа терминологија се појавува токму во периодот непосредно пред независноста.

Неколку дена подоцна, на 8 септември, граѓаните на Македонија се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Тогашниот Синод на МПЦ го сочинуваат, покрај архиепископ Гаврил и митрополитите Полошко-кумановски, Кирил, Михаил повардарски, Петар – Преспанско-битолски, Тимотеј – Дебарско-кичевски/Австралиско-новозеландски, митрополит Стефан – Брегалнички, митрополит Горазд – Струмички.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img