Бигорски повторно домаќин на научници од Балканот: Заврши Седмата Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“

Date:

Share post:

Бигорскиот манастир и Малореканскиот крај од 30 август до 4 септември беа место на Седмата Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“, на која учествуваа истражувачи од Македонија и од регионот.

Школата е посветена на проучувањето на црковната уметност, историјата, книжевноста и јазичното наследство на Мијачијата, а во фокусот е делото на познатиот мијачки зограф Дичо Зограф.

Годинашното издание беше посветено на Петре Р. Коловски. Отворањето се одржа во црквата „Свети Петар и Павле“ во Тресонче, родното место на Дичо Зограф. На настанот зборуваа научниот раководител на школата проф. д-р Сашо Цветковски, проф. д-р Ненад Макуљевиќ од Белград и градоначалникот на Маврово и Ростуше Онер Јакупоски.

Програмата продолжи во Бигорскиот манастир со научни предавања од областа на историјата на уметноста, иконописот, црковната историја, филологијата и дијалектологијата.

Меѓу поинтересните теми беше истражувањето на архимандрит Кирил за архиерејскиот жезол на Скопскиот митрополит Гавриил, кој се чува на Света Гора.

Жезолот, изработен од сребро и позлатен, митрополитот Гавриил го оставил во 1846 година во Кутлумушкиот скит на Свети Пантелејмон во Кареја. Според истражувањето презентирано на школата, предметот неодамна повторно бил употребен во богослужение.

При престојот на епископот Антаниски Партениј на Света Гора, за време на сеноќно бдение во скитот, дикејот јероѓакон Хрисостом му го предал жезолот за да го носи во текот на богослужбата.

На школата беа претставени и истражувања за зографскиот род Николови/Колови од Лазарополе, делата на зографот Теодосиј Николиќ, зографите Ѓиновски, руските икони и нивното влијание врз зографскиот иконопис, како и повеќе теми поврзани со црковното сликарство.

Дел од програмата беше посветен на старите ерминии, книжевноста и дијалектите. Истражувачите обработуваа материјали поврзани со јазичното наследство на Малореканскиот крај, вклучително и „Песмарицата“ на Томо Смиљаниќ-Брадина и Општословенскиот лингвистички атлас.

Покрај предавањата, учесниците работеа и на терен и посетија повеќе цркви и манастири во регионот – во Кичиница, Маврово, Леуново, Лазарополе, Осој, Гари, Требиште, Битуше, Дебар и Рајчица.

Со седмото издание, школата продолжува да го проширува интересот од делото на Дичо Зограф кон поширокото културно и духовно наследство на Мијачијата, преку истражувања што ги поврзуваат историјата на уметноста, црковната историја, јазикот и книжевноста.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img