Речиси 14 часа молитва во Пречиста – Светогорско празнување за Успението на Богородица

Date:

Share post:

Речиси 14 часа траеше сеноќното бдение во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ кај Кичево, каде што со големо молитвено торжество беше одбележан празникот Успение на Пресвета Богородица. Монасите од Бигорски, монахињите од Рајчица и Пречиста, заедно со голем број верници од цела Македонија, ја исполнија седумвековната светиња, а особена свеченост на богослужбата ѝ даде светски познатиот хор за источно-православно црковно пеење „Тропос“ од Грција.

Бдението започна на 27 август во 21:30 часот и траеше речиси до пладневните часови на 28 август. Со него претстоеше епископот Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој на крајот чиноначалствуваше и со Светата Божествена Литургија.

Во Пречиста за празникот се собра целото монашко семејство од Бигорски, Рајчица и Пречиста, како и мноштво верници од различни краишта на Македонија. Особено голем број биле младите, кои во текот на ноќта останале на богослужбата.

Посебен белег на годинашното празнување беше гостувањето на хорот „Тропос“ од Грција, кој за првпат ги исполни сводовите на Пречистанскиот храм со византиско црковно пеење.

Хорот беше предводен од хорархот и професор по источно-православно црковно пеење Константин Ангелидис. Неговото учество беше дел од целоноќното богослужение, а древните византиски напеви беа исполнети заедно со псалтите од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево и Бигорскиот хор.

Од манастирот велат дека трите певници биле соединети во едно молитвено пеење, создавајќи посебна атмосфера во древниот храм.

Во текот на Утрената беше изнесена Богородичната плаштаница, пред која монасите и верниот народ ги пееја Статиите на Успението. Потоа беше извршена и свечена литија околу храмот со плаштаницата, проследена со молитвено пеење и водосвет.

Во својата беседа, епископот Партениј говореше за тајната на Успението на Пресвета Богородица и за нејзиното постојано присуство во животот на Црквата.

„Со своето Успение таа не се оддалечила од Црквата, туку на таинствен и благодатен начин станала уште поприсутна во нејзиниот живот“, порача Партениј.

Тој нагласи дека, според учењето и преданието на Црквата, Успението не претставува жалосен крај, туку премин кон небесната слава.

Празникот годинава имаше и уште еден посебен белег – обновениот иконостас во храмот, чија изработка беше овозможена со помош на добротворот Горан Мојсоски.

Епископот Партениј по Литургијата му се заблагодари на Мојсоски за неговата пожртвуваност и за придонесот кон обновата на Пречистанската светиња, оценувајќи дека новиот иконостас претставува вистинско ремек-дело и траен принос кон Пресвета Богородица.

Празнувањето на Успението во Пречиста и годинава беше во духот на древното православно монашко предание – со долга молитва, псалмопеење, литија и Света Литургија.

По завршувањето на богослужбата, верниците се поклонија пред светите места на манастирот, а седумвековната Пречиста повторно покажа дека останува едно од најзначајните македонски светилишта посветени на Пресвета Богородица.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img