Во реакцијата на МПЦ–ОА нема директна реченица дека Српската православна црква нема јурисдикција во Скопје, ниту пак се бара од Вучиќ да ја повлече, коригира или појасни својата изјава. Сепак, клучната порака на Синодот се наоѓа во формулацијата дека МПЦ–ОА својата духовна и пастирска мисија ја остварува кон сите православни христијани „на својата канонска територија“, без оглед на нивната национална, политичка, културна или етничка припадност. Со тоа МПЦ–ОА, иако индиректно, потсетува дека Скопје и Македонија се нејзина канонска територија и дека православните верници кои живеат на таа територија не се определуваат црковно според нивната етничка припадност.
/A.T.
Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија реагираше на неодамнешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој, говорејќи во Мркоњиќ Град за Српската православна црква, го спомена и Скопје меѓу местата каде што, според неговите зборови, „Српската Црква е иста“.
Изјавата предизвика реакции во македонската јавност токму поради споменувањето на Скопје во таков контекст и отвори прашање дали станува збор за невнимателна формулација, политичка порака или за став што навлегува во прашањето на црковната јурисдикција во Македонија.
Во реакцијата на МПЦ–ОА нема директна реченица дека Српската православна црква нема јурисдикција во Скопје, ниту пак се бара од Вучиќ да ја повлече, коригира или појасни својата изјава. Сепак, клучната порака на Синодот се наоѓа во формулацијата дека МПЦ–ОА својата духовна и пастирска мисија ја остварува кон сите православни христијани „на својата канонска територија“, без оглед на нивната национална, политичка, културна или етничка припадност. Со тоа МПЦ–ОА, иако индиректно, потсетува дека Скопје и Македонија се нејзина канонска територија и дека православните верници кои живеат на таа територија не се определуваат црковно според нивната етничка припадност.
Токму затоа, меѓутоа, следниот дел од соопштението отвора дополнително прашање. Синодот наведува дека МПЦ–ОА е „длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ“, а веднаш потоа додава дека таа останува „Црква отворена за сите“. Таквата формулација може да се разбере како обид истовремено да се нагласи историската поврзаност на МПЦ–ОА со македонскиот народ и нејзиниот наднационален црковен карактер.
Но во контекст на конкретната изјава на Вучиќ, таа остава простор и за едно проблематично толкување. Практично, може да се добие впечаток дека соопштението остава можност зборовите на Вучиќ да бидат оправдани со објаснување дека тој, кога рекол дека „Српската Црква е иста и во Скопје“, можеби мислел само на припадниците на српската заедница во Македонија.
Но токму тука се појавува суштинскиот проблем. Православните Срби што живеат во Македонија, според територијалниот принцип на кој се повикува и самото соопштение на Синодот, не претставуваат некаква посебна црковна категорија која автоматски ѝ припаѓа на Српската православна црква. Ако Македонија е канонска територија на МПЦ–ОА, тогаш православните Срби во Македонија, исто како Македонците и православните верници од која било друга етничка заедница, се дел од пастирскиот и евхаристискиот живот на МПЦ–ОА. Тие не се „гости“ во Црквата.
И токму поради тоа формулацијата „одговорна за духовниот живот на македонскиот народ, а отворена за сите“ може да биде несреќно избрана. Таа лесно создава впечаток дека постои еден примарен, мнозински народ кој е природен носител на помесната Црква, додека останатите православни верници се малцинства кон кои таа дополнително е „отворена“.
Но ако се следи православниот територијален принцип на кој се повикува самиот Синод, прашањето воопшто не е дали МПЦ–ОА е „отворена“ кон Србите, Власите, Ромите или кон припадниците на други народи. Тие православни верници веќе се дел од Црквата на таа територија. Со други зборови, тие „сите“ веќе се Црквата. Токму затоа е важно изјавата на Вучиќ да не се сведува само на прашање за етничките Срби во Македонија. Ако српскиот претседател сакал да зборува исклучиво за духовната грижа кон Србите во светот, тоа можел и јасно да го каже.
Но тој не зборуваше за „Србите во Скопје“, туку рече дека „Српската Црква е иста и во Скопје“, со што како место го спомена главниот град на Македонија. Оттука, одговорот на МПЦ–ОА можеше да биде многу поедноставен и појасен: дека Скопје се наоѓа на канонската територија на МПЦ–ОА и дека сите православни верници на таа територија, независно од нивната етничка припадност, се дел од нејзиниот црковен живот. Наместо тоа, Синодот избра внимателен и дипломатски јазик, преку кој очигледно сака да ја отфрли секоја политизација на Црквата, но без директна конфронтација ниту со српскиот претседател ниту со Српската православна црква.
Во последниот дел од соопштението се нагласува дека Евангелието Христово, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се единствената водилка во дејствувањето на МПЦ–ОА и дека Црквата ги отфрла политичките и идеолошките платформи „од каде и да доаѓаат“. Тоа може да се разбере и како порака дека Синодот изјавата на Вучиќ ја третира пред сè како политичка, а не како црковна позиција.
Сепак, останува прашањето дали таквиот одговор е доволно јасен за јавноста. Особено затоа што наједноставната дилема сè уште останува: дали Српската православна црква смета дека има црковна јурисдикција во Скопје?
Одговорот на тоа прашање не треба да се бара преку етничката припадност на верниците, туку преку канонската територија. Затоа би било значајно да се види дали по соопштението на МПЦ–ОА ќе следува појаснување од самиот Александар Вучиќ, но уште повеќе дали ќе има реакција од Српската православна црква. Доколку од СПЦ биде јасно кажано дека Скопје е канонска територија на МПЦ–ОА и дека изјавата на српскиот претседател не означува црковна јурисдикција, дилемата би била практично затворена. Доколку, пак, нема никаква реакција, ќе остане простор за различни политички толкувања на една изјава која можеше многу лесно да биде разјаснета.

